ПРОБЛЕМИ СО ВИДОТ кај деца на училишна возраст

ПРОБЛЕМИ СО ВИДОТ кај деца на училишна возраст

Проблемите со видот се чести кај деца на училишна возраст. Доколку не се третираат, овие деца имаат тешкотии во учењето, во приспособувањето во училиштето, како и во спортско-рекреативните активности.

Најчести симптоми кои укажуваат дека детето има проблеми со видот се следниве

  • седење премногу блиску пред ТВ-екранот,
  • држење на книгата премногу блиску до очите,
  • поставување на главата многу блиску до книгата или до масата при читање или пишување,
  • често трепкање,
  • пречувствителност на очите на светлина и/или солзење на очите,
  • затворање на едното око додека детето гледа ТВ или чита,
  • избегнување активности кои бараат добар вид–читање, пишување домашни задачи, спортување,
  • детето се жали на главоболка, заматен вид, замор или болка во очите.

Доколку се забележи некој од овие симптоми, без одлагање треба да се направи комплетен офталмолошки преглед кој вклучува ширење зеници, преглед на очното дно и доколку е потребно одредување диоптрија.
Децата не треба да ги напрегаат очите без потреба. Подолготрајното гледање ТВ, играњето игри на компјутер или на мобилен телефон, може да биде штетно за очите, бидејќи  долго време се фокусирани во една точка, што доведува до напрегање и ризик од прогресија на кратковидоста кај децата.

Децата кои имаат семејна историја за постоење на висока миопија (кратковидост), хиперметропија (далековидост), астигматизам, страбизам (кривогледост) или нистагмус, треба да направат офталмолошки преглед што е можно порано. Наследни може да бидат и катарактата (очното перде), глаукомот (покачен очен притисок) и низа други очни заболувања. Многу е важно овие заболувања да бидат дијагностицирани што е можно порано. Ако не се почне со нивното навремено лекување, тие може да доведат до трајно редуцирање на видната острина и до слепило.

Оние деца кои веќе носат очила или контактни леќи, барем еднаш годишно треба да прават офталмолошки контроли, а по потреба и почесто. Почестите офталмолошки прегледи се важни, бидејќи со растот на детето доаѓа и до промени во диоптријата.

Видот е многу важен фактор за успехот на вашето дете во училиште!


прим. д-р сци. Емилија Ѓошевска – Даштевска,
офталмолог, Клиника за очни болести,Скопје