Почит, Чест, Карате: Кодексот на еден шампион
Пулексенија Јованоска е нашата најуспешна каратистка и прва Македонка што некогаш се натпреварувала на Олимписки игри. Таа успеа да се пласира меѓу 10-те најдобри во светот на Олимписките игри во Токио 2020. Денес сè уште танцува на татамите, но во улога на тренер и животен ментор на најмладите.
Дали се пензиониравте од каратето?
Не сум се пензионирала, претпоставувам и никогаш нема. Ставив крај на натпреварувачката кариера. Ги остварив сите поставени цели и сум благодарна и задоволна со она што го имам постигнато. Стартував со државни златни медали, продолжив како балкански шампион, како европски медалист, постигнав високи светски резултати, сонував за олимпијада, се случи и тоа. Испишав една историја со златни букви и сакав да заминам со круна на главата. Што и да си поставам како нова цел или успех, нема да биде доволно. Затоа продолжувам со една нова приказна поврзана со спортот.
Можете ли да ни ги откриете тековните проекти?
Работата во мојот клуб е мојот нов предизвик, поле на кое најмногу вложувам енергија заедно со сите останати проекти врзани со спортот. Проектите кои произлегуваат од членството во Олимпискиот комитет се насочени кон зајакнување на младите, на спортските политики, на лидерството во спортот и надвор од него. Да го споменам и проектот на олимписка солидарност каде што сум координатор и каде што тема на работилниците е развој на лидерски вештини преку спортот како и зајакнување на девојките преку спортот. Се радувам што сум директно вклучена во создавањето нови правци преку кои младите спортистки полесно ќе се пронајдат, а ние полесно ќе ги задржиме во Македонија.
Каратето пружа физичка и ментална сила, како?
Секој спорт дава правец за развој на младите во здрави личности. Спортот нè учи на пораз, победа, почит, на доблест да честитаме и да ни честитаат. Секој спорт ги расте и ги јакне менталната психа и здравје. Каратето како спорт најмногу влијае на дисциплината и хиерархијата што ја поставува, го зајакнува процесот на трпение бидејќи не може да се стане најдобар преку ноќ. Токму поради тие појаси како скалила што се поставени уште при самиот упис – започнуваме со бел појас, па преминуваме на жолт, па на црвен како доказ за материјалот што сме го совладале – каратето успева да ја наметне целокупната визија за животот. Поуката е дека сè што сакаме да постигнеме треба да постигнеме со многу дисциплина, трпение, повторување на знаењето, одговорност, неуморност и труд. Токму затоа, каратето важи за спорт што овозможува најголема самодисциплина кај децата.
Дали исхраната влијае во напредокот на каратистите?
Со кој спорт и да се занимаваме, неопходна е дисциплина кон исхраната и спортските суплементи. За карате не е потребна некоја посебна исхрана, но спортот сам по себе наметнува еден здрав пристап кон храната, бидејќи од тоа зависи физичката спремност за предизвиците што ги носи.
Кои клучни моменти или поединци влијаеа на вашето карате патување?
Како клучни моменти би ги споменала самите почетоци. Моите тренери не веруваа во мене и не сметаа дека поседувам талент за карате, за нив бев само дете кое сака да учи и да напредува. Растев со фрустрација и тоа беше мотив да се трудам и да докажам дека никој не е подобар од мене. Како поединци би ги посочила моите родители и нивната безрезервна поддршка, но истовремено и носители на црвеното знаме кое имаше за цел да ме натера да се преиспитам дали е добро тоа што го правам и дали вреди да вложувам понатаму. Подоцна, клучна улога играа успесите кои се нижеа континуирано, мотивот кога станав државен шампион, чувството кога освоив балкански медал и ја чув македонската химна како се пее во мое име додека стојам на пиедесталот, освојување на европскиот медал како историја во каратето, единствен медал во поединечна конкуренција, заедно со сите оние моменти каде што луѓето и тренерите го валидираа мојот успех и ме задржаа во каратето дури и кога ова патување беше претешко.
Дали се трудите да ги инспирирате другите?
Да, се трудам да сум инспиративна и да не застанам. Ме води едно мото, да не престанам да учам, бидејќи како што технологијата оди напред така и спортот оди напред. Сакам да ги поттикнам младите да работат на себе, бидејќи и јас црпам инспирација од нив, од нивната волја да научат, да го послушаат и применат мојот совет и насоки. Никогаш мојата приказна не сум ја довела во ситуација да е тажна, секогаш се трудам да сум инспиративна преку позитивни примери дури и кога потекнуваат од немили настани и порази.
Што ве инспирираше да отворите приватна карате школа за деца?
Отсекогаш знаев дека сето мое знаење, искуство со семинари надвор од Македонија, официјални европски и светски првенства, целото мое богатство стекнато преку спортот вклучувајќи ги дури и стекнатите пријатели, контакти, комуникациски вештини, чувство на емпатија и споделување радост при победа и тага при пораз, ќе го споделам со новите генерации. Мојата главна задача е да им го пренесам мојот начин на живот, затоа создадов катче каде што ќе имаат лидер со интегритет, тренер што ќе ги учи на здрави вредности, на доблест, на тактики за совршено себеорганизирање, на здрава емпатија, на можност своите фрустрации да ги користат како мотив да учат и да научат дека нештата не се добиваат без заслуга. Знам дека нема сите да бидат шампиони, но јас сум среќна ако успеам барем 20 % да влијаам на нивниот ментален склоп и капацитет да ги совладуваат животните предизвици.
Кои вредности сакате да ги всадите во вашите ученици?
Да знаат да се почитуваат, да го почитуваат послабиот, да го поддржат послабиот, да знаат од срце да честитаат успех, да знаат да примат честитка. Да бидат емпатични, солидарни, да научат за хиерархија и почит кон постариот. Да внимаваат на градењето на својот имиџ во општеството. Секој нивни збор и постапка да имаат тежина со цел да создадат цврст темел на доверба со другите луѓе.
Како каратето влијае на децата кои го посетуваат вашето училиште?
При комуникација со родителите дознавам дека стануваат посмирени, учат да делат, да не бидат себични и самоволни. Тоа ме радува и тука го забележувам мојот прогрес во нивното воспитување. Многу се трудам кај нив да го пробудам истото она чувство што тие го будат кај другите со нивното однесување, за најлесно да сфатат кога грешат.
Како го задржувате нивното внимание?
Конкретни методи немам, но преку тим билдинг активности и игри го развивам нивниот тимски дух. Методот на воспитување ми е фокусиран на тоа да ги научам колку спортот е важен за нивниот раст и развој, за нивната социјализација и дружење. Преку игра ги учам да се почитуваат едни со други, да се поддржуваат, да го почитуваат и штитат тимот. Преку игри се трудам да дојдат до израз помирните и срамежливи деца, додека доминантните кои по природа се лидери ги поттикнувам да ги поддржуваат послабите од нив. Не практикувам шампионски потези и притисоци од мали нозе, бидејќи таквиот метод најчесто има контраефект и децата се откажуваат при првата препрека.
Колку е важна вклученоста на родителите?
Многу ми е важно родителите да се директно вклучени во случувањата на тренингот, да ја имам нивната доверба и поддршка. Многу се радувам што имаме прекрасна комуникација на линија родител – дете – тренер, триаголник што многу често нагласувам дека е важен за нивниот раст и развој. Ако родителот ми верува, така го воспитува своето дете, да верува во сето она што јас го кажувам на тренинг. Важно е што со родителите имаме иста цел, тоа се здрави деца, спремни за предизвици во животот. Никој од нас не тргнува со целта да направи шампион од своето дете. Децата треба да доаѓаат насмеани на тренинг, да си заминуваат уште понасмеани и никогаш да не бидат оптоварени дека треба да станат шампиони. Врз оваа комуникација јас го градам мојот клуб и соработката со родителите, која веќе 2 години тече беспрекорно.
Дали има разлики во тоа како момчињата и девојчињата пристапуваат кон каратето?
Не забележувам никакви разлики од причина што моите тренинзи се така конципирани да не прават поделба во однос на висина, тежина, степен на знаење, а најмалку во однос на момчиња и девојчиња. Си ветив себеси дека никогаш нема да правам разлика меѓу децата, бидејќи во мојата кариера сум била многупати деградирана, потценета, па премногу наградувана и истакнувана. Во мојата карате школа нема да дозволам да има разлики. Истовремено пружам индивидуална поддршка, ако забележам дека некое дете помалку учи, му треба повеќе објаснување, поголем авторитет или повеќе љубов.
Што ве инспирираше да се занимавате со карате?
Започнав да вежбам карате на 6-годишна возраст. Во моето училиште имаше карате, еден ден влегов во салата од љубопитност, сакав да знам што значи тој спорт. Она што ме освои е методот на етапност што го нуди каратето, начинот на учење на успехот чекор по чекор, преку освојување на појасите од жолт па сè до црн.
Кои приватни интереси ви носат радост?
Сакам да поминувам време со моите блиски луѓе, да знам дека се добро. Радосна сум кога поминувам време со родителите кои најдобро ме познаваат. Радосна сум кога поминувам време сама со себе. Мирот, внатрешниот спокој, благодарноста и задоволството од она што го живеам сакам да го срочам меѓу моите 4 ѕида. Малку луѓе знаат дека цртам, имам пасија кон слики и фотографии што ги правам дома за себе, тоа ме релаксира.
Како одржувате рамнотежа помеѓу работата и приватниот живот?
Секогаш кога имам голем обем на работа и многу обврски започнувам со најтешката задача, поставувам приоритети, водам дневник за работа. Секогаш имам поставено цели за неделата, со тоа што во недела одморам. Не постои обврска што може да ме натера да го прескокнам времето за себе. Сите мои блиски луѓе знаат дека ако јас не сум добра за себе, не можам да бидам добра и за нив.
Како искуството со витилиго ја обликуваше вашата перцепција за убавина?
Витилигото ме научи на најважната животна лекција, а тоа е дека луѓето треба да нè сакаат водејќи се по она што го будиме во нив, она што го носиме во себе, зборовите што излегуваат од нашата уста. Луѓето кои се соочуваат со естетски промени не треба да се грижат, напротив, треба да бидат благодарни што тоа е најлошото нешто со кое треба да се носат во време кога има толку многу болести. Едноставно тоа ни е дадено за да ја погледнеме внатрешноста на луѓето, а не да судиме според надворешниот изглед.
Дали учествувате во подигање на свеста за витилиго?
Влијаам на тој начин што се обидувам да спречам да се модернизира оваа болест. Едно е да сме свесни за неа, да ја прифатиме, да се поддржуваме едни со други, но не смееме да станеме иритантни за некој што едноставно одбива да ја прифати. Во ред е да не сакате да ја прифатите! И мене ми требаше време да ја прифатам. На луѓето треба да им се остави простор да ја прифатат без кампањи и притисоци, туку сами да размислуваат дали им се допаѓа или не. Не се чувствувам компетентна а ниту е доблесно некому да кажам: Прифати ја, убаво ти стои. Не е лесно да се носи различност која луѓето веднаш ја забележуваат.
Како спортската индустрија може да ја слави различноста?
Спортот бил и ќе остане едно поле на кое се истакнуваат најдобрите. Не секој може да биде успешен спортист, не секој може да го издржи притисокот што го носи спортот. Не треба спортот да се злоупотребува за политички цели, треба само да се научи најважната лекција што спортот ја дава: здравје, другарство, здрав дух, здрави морални вредности.
Кои се вашите аспирации за иднината?
Немам мали цели, големи се, но не се долгорочни. Моите следни планови се концентрирани на клубот – раст и развој на стабилен карате клуб од кој ќе произлезат балкански медалисти во следните 2 години и прослава за петгодишно успешно постоење. Сè друго се однесува на мојот приватен живот, посакувам да се изградам како мајка и родител.