Работна исцрпеност

Работна исцрпеност

Кога стресот на работното место е неподнослив

Секојдневниот стрес е вообичаенa појава. Но, колку стрес е премногу? Кога животот носи предизвици кои водат до прекумерна количина на стрес, несомено ќе дојде до психофизичка исцрпеност или модерно кажано burnout.

Стресот е во константен пораст изминатава деценија, а особено зема замав за време и после пандемијата со КОВИД-19, покажаа аналитиките од 2023 година. Всушност, 2023-та беше втора година по ред на рекордни нивоа на стрес.

Ваквата стресна атмосфера води до исцрпеност, особено на работното место. Повеќе од една четвртина од светската популација тврди дека понекогаш, често или постојано се соочува со симптоми на исцрпеност.

Ако некогаш сте се осетиле исцрпени, тогаш ви е позната онаа борба да останете на ниво на задачите и очекувањата, додека постојано се борите со ниската енергија и замор. Или можеби јадете повеќе од вообичаено или прескокнувате оброци.

Честопати на луѓето им е тешко да сфатат дали се во депресија или само се исцрпени, бидејќи и двете состојби делат слични симптоми. Еве што треба да знаете за исцрпеноста за полесно да ја идентификувате.

Што е „burnout“ или исцрпеност?

Исцрпеноста е состојба на хроничен физички и емоционален замор поттикнат од стрес кој најчесто потекнува од работното место и се однесува и на оние кои работат од дома. Ако ваквиот стрес не се контролира, тој може да предизвика физички, ментални и когнитивни последици.

Можно е да имате чувство дека треба да вложите дополнителен напор за да ги одржите задоволителните резултати. Во исто време, може да имате чувство дека вложувате труд како и обично, но резултатите сè уште ги нема.

Кога активностите ги надминуваат вашите нивоа на енергија, нормално е да чувствувате стрес. Кога високиот стрес е конзистентен во вашиот живот, се акумулираат симптоми што може да доведат до исцрпеност, бидејќи ги ставате потребите на другите пред себеси, па дури и вашата улога ја ставате пред себе.

stres pri rabota

Кои се вообичаените симптоми на исцрпеност?

Иако симптомите на исцрпеност на крајот се поврзани со работата, тие често предизвикуваат брановиден ефект кој се меша во други области од животот. Еве некои од најчестите симптоми на исцрпеност:

Несоница: Нарушување на спиењето и тешкотии при заспивање и останување во сон, што исто така може да доведе до физичка исцрпеност и раздразливост.

Болки: Може да почувствувате главоболки, мускулна тензија, друга физичка непријатност, па и мигрена.

Дигестивни проблеми: Раните фази може да вклучуваат гадење, запек и дијареа. Болките во стомакот и симптомите поврзани со ИБС се исто така чести.

Осаменост: Можно е да се чувствувате оттуѓено или да чувствувате негативна вибрација за колегите и задачите. Ова може да биде особено штетно за оние кои работат во тимска динамика.

Намалено внимание: Мозочната магла е еден од најчестите начини на кои се манифестира овој симптом. Може да доживеете и намален распон на внимание или ослабени когнитивни перформанси.

Намалено чувство за успех: Ќе почнете да чувствувате дека вашите напори не прават разлика, што може да доведе до чувство на беспомошност или недостиг на мотивација. Како резултат на тоа, може да се повлечете од обврските или да земете лекарско отсуство за да направите пауза.

Изолација: Можеби ќе почувствувате потреба да се повлечете од пријателите и од семејството, а тие може да се жалат на вашето често отсуство.

Како да спречите burnout или исцрпеност?

Ако сте на позиција на моќ во вашата компанија, преземете активни мерки за да создадете работна средина што ќе ги охрабри другите (а со тоа ќе се охрабрите и вие) да ѝ дадат приоритет на својата благосостојба. За оние кои немаат толкав авторитет на работното место, клучно е да научат да постават граници и да не се плашат да кажуваат „НЕ“.
Се разбира, ова е полесно да се каже отколку да се направи, но прв чекор е да разјасните со себе за тоа кои граници би сакале да започнете да ги поставувате и да бидете конкретни за вашите потреби кога разговарате со вашиот претпоставен.

На пример, ако имате навика да се логирате за време на викендите за да бидете во тек со вашата работа, и да кажете: „Сакам да работам помалку“, би било помалку ефикасно отколку да кажете: „Сакам да бидам слободна/ен за викенд за да можам да се одморам и да бидам попродуктивна/ен од понеделник“.

Имајте на ум дека можеби ќе се потребни повеќе разговори за да дојдете до целта, затоа во меѓувреме потрудете се да ја намалите анксиозноста со сите мерки што делуваат на вас.

Без разлика дали е јога или медитација, комбинирајте ја со редовни оброци и целосен ноќен одмор. Ако ви треба дополнителна поддршка, не плашете се да контактирате со пријателите, семејството, терапевтот, па дури и со вашите колеги.

iscrpenost

Како се третира исцрпеноста?

Најдобра форма на третман е превенцијата. Штом сфатите дека сте исцрпени, почнете да водите поголема грижа за себеси. Ако и покрај тоа, чувството на немоќ не ве напушта, можеби ќе ви треба стручна помош. Кај кого ќе се обратите зависи од интензитетот на симптомите со кои се соочувате. Ако симптомите се благи, книгите за самопомош или тренер за мотивација и напредок може да ве избават од прегорување. Ако сте случај со потешки симптоми, обратете се кај вашиот матичен лекар за соодветни препораки.

Што се случува ако исцрпеноста не се лекува?

Ако не преземете чекори за лекување на исцрпеноста, симптомите порано или подоцна ќе почнат да ескалираат. Тие симптоми се начин на кој вашето тело се обидува да ве натера да паузирате, да размислите и да се ресетирате. Игнорирањето на истите може да доведе до некои од следниве состојби:

  • Панични напади
  • Намалување на работниот перформанс
  • Зголемено отсуство од работа
  • Зголемување или губење на тежината
  • Загрозување на личните односи
  • Намален имунитет

Ако исцрпеноста не се лекува подолг временски период, може да мутира во други психијатриски нарушувања и болести како што е клиничката депресија.

Која е разликата помеѓу исцрпеност и депресија?

Понекогаш е тешко да се забележи разликата помеѓу симптомите на исцрпеност и депресија, но сепак постојат карактеристики по кои се одвојуваат.

Најголемата разлика е во тоа што депресијата се смета за психијатриско нарушување, а исцрпеноста е резултат на условите на работното место која резултира со психолошки промени.

И двете може да се јават во блага или тешка форма, но депресијата не е директно поврзана со работата. Ако исцрпеноста ја третирате со конкретни промени во кариерата, ќе остетите подобрување во квалитетот на животот. Од друга страна, депресијата може да продолжи и покрај тие промени.
Ако не сте сигурни која состојба ја имате, разговарајте со психолог за повеќе насоки.