Себеприфаќање

Себеприфаќање

Најдобриот дар на староста

Некои достигнувања во животот се јавни.

  • Освојување награда.
  • Унапредување на работа.
  • Признание за вашата хуманост.

Секој облик на вреднување му годи на карактерот. Секоја афирмација ја надградува самодовербата.

Но, тука се и оние интимни достигнувања, оние мали победи што ги освојуваме во себеси благодарение на кои стануваме подобри луѓе. Иако никој не ги посведочил и не сме добиле аплауз за нив, несомнено се поважни од кој било материјализиран успех.

Нема посилна победа од победата над себеси. Човек навистина тешко се менува и вистинско задоволство е кога одеднаш ќе станете свесни дека сте успеале во тоа.

Мудроста е најмоќна да го промени човекот. Лекциите што ги учиме низ животот се оние кои нѐ мотивираат да правиме разлика меѓу она што е добро за нас и она што не е. Или она што во нашиот нарав нѐ уназадува во напредокот и она што нѐ води напред.

Постарите луѓе милуваат да кажат: „Посакувам да ги имав твоите години, а овој памет!“ Оваа изјава се чини дека најдобро ја отсликува долгогодишната борба што секој човек ја води со себеси.

Но, токму мудроста ја прави староста посебна. Колку и да делува страшна, староста е етапа од животот кога човекот конечно е во мир со себеси.

Клучното прашање е: Дали е возможно барем малку да ја поместиме возрасната граница кога конечно ќе го почувствуваме тој мир? Со многу работа на себеси, возможно е!

Клучно во целиот процес е да се прифатите себеси во целост. Грешите ако мислите дека себеприфаќањето е автоматски одговор, напротив – не е! За да дојдете до тоа, потребно е многу работа и труд.

Прифаќањето на добрите работи кај себе е лесна задача, но што е со останатите? И дали воопшто треба да ги прифатите своите мани и слабости?

Всушност, токму тоа треба да го сторите!

Суштината на себеприфаќањето е да научите да се сакате себеси, однадвор и однатре.

Прифатете го она што ве прави посебни

Размислете што е она што ве прави посебни. Размислете како овие посебности може да го направат вашиот живот повреден и како би можеле да имате корист од нив.

Откажете се од нештата што не можете да ги промените

Погрешно е да се фокусирате на нештата што не можете да ги промените. Ќе ви биде од помош ако на лист хартија напишете писмо до себеси во кое ќе се збогувате со нештата кои не можете да ги смените, а ќе им посакате добредојде на оние особини што ги сакате кај себе. Нагласувајќи го доброто, порано или подоцна, лошото ќе го потиснете.

Идентификувајте ја својата сила

Напишете ги нештата во кои сте добри и кои сакате да ги правите (на пример: спортување, музика, уметност и слично). Редовното практикување и усовршување на овие капацитети ќе ви ја поткрене самодовербата во однос на можностите што ги поседувате.