Секундарна траума

Секундарна траума

Настанува под влијание на ужасните вести кои креираат јавна паника

Ви се случило ли да влезете во кино сала на 5-тиот кат од голем трговски центар и да си помислите што ако сега, во овој момент, земјата силно се затресе? Сите овие луѓе ќе ги фати огромна паника и ќе летаат како стампедо низ врата. Или ако некој од мирната загледана публика стане и почне да пука во луѓето? Ве лазат морници од самата помисла, зарем не?

Веќе во наредната минута сте благодарни што сте далеку од сите оние потресни приказни што ги слушате на вести. Но, за дел од популацијата ваквата помисла е опсесија, постојан страв кој го спречува нормалниот тек на животот и кој поттикнува голем умор.

Епидемија, војни, терористички напади, масовни убиства поттикнати од сосема обични луѓе, па дури и малолетници, сите овие немили настани поттикнуваат јавна паника дури и во општествата кои се илјадници километри оддалечени од местото на злосторството.

Кој е виновен за тоа?

lazni objavi

Медиумите, но уште повеќе достапноста на интернетот, на информации и снимки кои ниту е етички ниту здраво да се објавуваат.

Последнава деценија туристичките патувања, концертите, спортските натпревари, божиќните базари и други среќни настани, освен забава, дружење, уживање, станаа асоцијација за масовен напад. А правопропорционално со бројот на напади се движи и бројот на луѓе кои живеат во страв.

Масовното пукање е дефинирано како пукање во кое се повредени или убиени 4 или повеќе луѓе на еден ист настан. Ваква практика сведочиме речиси секој втор месец во годината.

Медиумите постојано нè бомбардираат со грозни трагедии кои се случуваат на јавни места како стадиони, ноќни клубови, концертни сали, цркви, училишта, аеродроми. Суптилната порака?

Ниту едно место не е безбедно!

Сега сигурно се прашувате каква врска има сето ова со вас? Ако одговорот е: „Никаква!“, тогаш сè е во ред со вас. Во секој друг случај сте жртва на постојана медиумска изложеност на негативни информации кои вријат во мозокот, создавајќи непријатно чувство со сериозни последици.

Според една анкета, 40 % од Американците се загрижени дека тие или некој член на нивното семејство ќе биде убиен во масовно пукање. 4 од 10 луѓе избегнуваат големи јавни настани, а најмногу се исплашени младите на возраст од 18 до 34-годишна возраст. Ваквиот страв несомнено е распространет и на Балканот, но за истиот се молчи.
Експертите велат дека примарните рецептори на страв кои се наоѓаат во мозокот, а кои се развиле во минатото поради честите средби на луѓето со дивите животни, под дејство на дигиталните вести не се доволно приспособени соодветно да реагираат и да се носат со ситуацијата.

Токму поради тоа, се случува таканаречената секундарна траума. Многумина, додека гледаат или слушаат за некој ужасен настан што се случил во светот, искусуваат физиолошки стрес како одговор на таа вест. Секундарната траума е токму тоа – преживување на чувствата кое ги опишува некое лице кое доживеало некаква психичка или физичка траума.
Симптомите на секундарната траума се слични на оние на пострауматско растројство на стрес (несоница, депресија, анксиозни напади, негативни чувства), а најчесто ги искусуваат лицата кои работат во здравствени установи, социјалните работници и децата од проблематични семејства.

Секундарната траума постои и се случува по виден или чуен ужасен настан, а се манифестира со физиолошки и со психолошки стрес. Зачестеното изложување на секундарна траума прави да живееме со постојано наежен грб, накострешени како мачки, подготвени во секој момент да го вклучиме црвениот аларм, што ќе резултира со анксиозност и депресија, робување на стравот и скратување на многу задоволства во младоста: концерт на омилениот бенд, натпревар на омилениот тим и слично. Па наместо да уживате, ќе ја скенирате околната публика барајќи сомнителни лица, снајперисти или бомбаши самоубијци.

fake news

Срцето силно ви чука и тешко дишете кога сте во гужва? Секое ненадејно тропање или погласно смеење во вашите уши се претвора во предупредувачки звук? Никогаш не доседувате до крајот на концертот, ако воопшто соберете храброст да се појавите? Според Пем Рамсден, психолог од Универзитетот во Брадфорд, Англија, овие симптоми укажуваат на делегирано пострауматско растројство на стрес. Нејзиното истражување вели дека во просек 18 % од луѓето кои гледале слики од напади, бомбаши самоубијци, масовни пукања или терористички напади, пројавуваат симптоми на пострауматско растројство на стрес кои резултираат со депресија, несоница и злоупотреба на лекови.

Друго истражување покажува дека група луѓе кои повеќе од 6 часа биле изложени на медиумски стории за бомбите на Бостонскиот маратон, доживеале многу повеќе стрес од луѓето кои биле на лице место на настанот или познавале некој кој бил таму. Што е добар податок за оние кои имаат навика да гледаат документарци за масовни убиства.

 

Предодредени сме да се фиксираме на стресните настани, бидејќи на тој начин нашите предци се штителе себеси. Но, таа фиксација го тревожи мозокот. Високо подготвената состојба на мозокот за опасност можеби е добра ако сте во ситуација да спасувате глава од предатори во дивината, но е лоша кога станува трајна состојба на умот.
„Октривме дека луѓето кои читаат негативни вести лачат повеќе стрес хормон кортизол“, вели Соња Лупиен, доктор на науки и директор на Центарот за истражување на човековиот стрес во Монтреал. Високите нивоа на кортизол лесно се поврзуваат со депресија и знаат да се домаќини на други здравствени проблеми.

И покрај тоа што младите луѓе се свесни дека шансите за загинат во некој ваков инцидент се мали, стравот го победува здравиот разум кога утрото ќе ве дочекаат лоши вести. Па мозокот почнува да се бори да го калкулира сознанието дека секојдневните нешта што ги правиме се далеку поопасни од театралните настани за кои читаме онлајн.

Сепак, возможно е да се живее со стравот без тој да го контролира секојдневното функционирање. Првиот чекор е да се погрижиме за себеси откако ќе искусиме секундарна траума. Зборувајте самите со себеси дека ништо лошо нема да ви се случи. Ако не се тешите себеси, мозокот нема да добие шанса да се ресетира од првичната закана. Ако се чувствувате растревожено после чуена лоша вест, направете нешто што секогаш ве смирува: слушнете се со некој близок, пуштете си филм, излезете на прошетка. Наместо да се заморувате со деталите за некоја вест, обратете му се на Google за статистички податоци за да го смирите мозокот дека настанот е еден во милион. Знаењето ќе ве стави во позиција на моќ, а научно е потврдено дека тоа ќе направи да се чувствувате побезбедни. Во краен случај, ако стравот заземе доминатно место во вашето секојдневие, побарајте стручна помош.

Дури и да се случи нешто лошо, од кој било размер, не противете се на гужвата (туркањето нема да ви помогне, а бегањето во спротивна насока уште помалку), оставете го мобилниот телефон и заборавете на снимање (вашиот живот е многу поважен). Експертите велат дека во мозокот имаме цела машинерија која потсвесно ги лови и најмалите знаци на закана. Истиот тој систем честопати ни дава предупредувачки знаци, но ретко кој им верува. Тоа е всушност инстинктот за преживување кој отсекогаш сме го имале, но сме одлучиле да го замолчиме.

Запомнете: Само затоа што светот е страшно место, не значи дека треба да живеете во страв.