Сезонскиот грип е акутна респираторна инфекција предизвикана од вируси на грип, вообичаена во сите делови на светот.
Симптоми и третман
Грипот лесно се шири меѓу популацијата преку кaшлање или кивање. Симптомите на грип вклучуваат акутен почеток на треска, кашлица, болки во грлото, болки во телото и замор.
Третманот треба да има за цел да ги ублажи симптомите. Пациените заболени од грип треба да се одмораат и да пијат многу течности. Повеќето пациенти сами ќе закрепнат во рок од една недела. Медицинска нега може да биде потребна во тешки случаи и за пациентите со фактори на ризик.
Ризични групи
Популацијата со поголем ризик од потешки состојби или компликации кога се заразени со вирусот на грип се бремените жени, децата под 5-годишна возраст, постарите луѓе, лицата со хронични медицински состојби (како што се хронични срцеви, белодробни, бубрежни, метаболички, невропрогресирачки заболувања, заболувања на црниот дроб или хематолошки заболувања) и лица со имуносупресивни состојби/третмани (како што се ХИВ, кои примаат хемотерапија или стероиди или се заболени од малигни заболувања).
Лекарите и здравствените работници се изложени на висок ризик од инфекција со вирусот на грип поради зголемената изложеност на пациентите, но и за натамошно ширење, особено на ранливите поединци. Вакцинацијата може да ги заштити здравствените работници и лицата околу нив.
Епидемиите може да резултираат со голем број отсуства од работните места и од училиштата, а со тоа и губење на продуктивноста. Клиниките и болниците може да бидат преоптоварени во периодите на пик на болеста.
Превенција
Вакцинацијата е најдобриот начин за спречување на грип.
Безбедни и ефективни вакцини се користат повеќе од 60 години. Имунитетот од вакцинација исчезнува со текот на времето, затоа се препорачува годишна вакцинација за заштита од грип.
Вакцинацијата е особено важна за популацијата со висок ризик од компликации од грип и нивните здравствени работници.
Вашиот матичен лекар може да Ви даде повеќе информации и да Ви закаже термин за вакцинација.
Други начини за спречување на грип
Редовно мијте ги рацете, покријте ги устата и носот кога кашлате или кивате, правилно отстранете ги користените марамчиња, останете дома кога се чувствувате лошо, избегнувајте близок контакт со болни лица, избегнувајте да ги допирате очите, носот или устата.