Доколку губењето на тежината не е ваша цел, прескокнувањето на појадокот нема да ви биде од корист.
Дали навистина појадокот е најважниот оброк во денот или понекогаш е прифатливо да го пропуштиме? Не постои еден конечен одговор по ова прашање, се зависи од вашиот организам и целите што сакате да ги постигнете со тежината.
Појадувајте за мускули, прескокнете за минус килограми
Благодарение на целоноќното постење, нивото на гликоген во мускулите е на најниско ниво кога ќе се разбудите наутро. Најновите истражувања покажуваат дека посетата на сала за вежбање рано наутро (пред појадок) е одличен начин за да ги нападнете мастите неподготвени и полесно да ги стопите. Постои уште една научна студија која покажува дека испитаниците кои не појадувале, а вежбале во доцните часови, не покажувале значителни резултати во напредокот на мускулната маса. Заклучок? Доколку сакате да ја истакнете и да ја покачите мускулната маса, појадокот ќе ви служи како своевидно гориво за тренингот што следи. Доколку сакате ја намалите телесната тежина, одолејте на храната, прво појдете на тренинг.
Појадувајте за да не правите погрешни избори со храната остатокот од времето
Доколку го прескокнете појадокот, голема е веројатноста во текот на денот да испиете повеќе кафиња и да испушите повеќе цигари (доколку сте пушач), а исто така поголеми се шансите и да го пропуштите тренингот бидејќи ќе немате волја, покажува истражувањето направено на Универзитетот во Хелсинки. Но, врската помеѓу појадокот и одржување на формата е однеснувањето. Имено, они кои појадуваат најчесто имаат побалансирана исхрана. Започнете го денот со нешто полесно, како смуди, овес, салата и набрзо ќе ги увидите придобивките.
Појадувајте за да не ви се качи холестеролот во крвта
Научниците од магазинот за нутритивна наука, Journal of Nutritional Science, откриваат дека испитаниците со прекумерна тежина кои не појадуваат побрзо губат од телените масти, но покажуваат зголемено ниво на холестерол во споредба со они кои секој ден појадуваат житарки. Новите истражувања сугерираат дека шеќерот е огромен фактор кога се работи за срцеви заболувања, отколку холестеролот, што значи житарките кои се полни со шеќер и не се баш добра идеја.
Појадувајте оброк на база на протеини, минус шеќери
Идејата дека појадокот ќе ви го забрза метаболизмот е чиста претпоставка. Не, нема да симнете ниту грам ако секое утро се залажувате дека појадувате здраво, а всушност вашата порција житарки плива во шеќер. Квалитетот на калориите кои ги внесувате е она што е навистина важно. Затоа, доколку решите дека не можете без појадок, барем потрудете се да внесувате храна богата со протеини, како јајца, овес, јогурт. Истражувањето на Универзитетот во Мисури, Колумбија, покажа дека овие три производи го намалуваат таложењето масни наслаги.
Појадувајте рано наутро за да го намалите стресот
Само што отворивте очи сфативте дека пред вас ве чека еден долг и стресен ден. Затоа, подгответе се со појадок во 8 часот наутро. Тоа е периодот кога хормонот на стрес-кортизол почнува да се активира, а балансираниот појадок може да го врати во нормала. Освен тоа, истражувањето на Универзитетот во Мисури, Колумбија, покажува дека луѓето кои редовно го прескокнуваат појадокот имаат пониско ниво на допамин, што значи дека поголема е веројатноста во текот на денот да внесат поголема количина шеќер.
Појадувајте со сите сетила
Јадете разумно и сензорно за максимално да ги искористите бенефитите од појадокот. Првото подразбира да појадувате подалеку од компјутерот, ако сте на работа, или телевизорот, ако сте дома. Истражувањата на Универзитетот во Бирмингам покажуваат дека кога не сме фокусирани на храната што ја јадеме, внесуваме 25% поголема количина. Кога јадеме брзо или дозволуваме околината да ни го одвлече вниманието од храната, не му дозволуваме на центарот за апетит во мозокот да регистрира дека јадеме. Второто подразбира консумирање на храната со сите сетила – вкус, мирис, текстура, па дури и звукот на крцкање на храната меѓу забите, со цел да се заситиме побрзо и подолго.