Како да ја негувате?
Актерките Хелен Милер, Дајан Китон и Енди Мекдауел му покажаа на светот дека жените и со побелена коса може да изгледаат атрактивно. Преку грациозното прифаќање на промените што им ги донесоа годините, овие дами направија сивата коса да стане тренд и меѓу младите.
Ако вашата сива коса е постигната со бојадисување, тогаш одржувањето е лесно. Голем е изборот на формули за бојадисана коса кои го негуваат и заштитуваат третираното влакно, но и ги одржуваат сјајот и долготрајноста на бојата.
Далеку поголем предизвик е одржувањето на природно сивата коса, бидејќи таа лесно може да пожолти поради недостиг на пигментот меланин во фоликулите. Затоа, неопходно е да користите посилен шампон кој темелно ќе го исчисти скалпот и ќе го неутрализира потенцијалното жолтило долж влакното.
Секоја формула што поттикнува детоксикација на скалпот е пожелна, а токму таков ефект имаат специјализираните шампони за сива коса.
Освен што не продуцираат меланин, фоликулите имаат тенденија да продуцираат помалку себиум со текот на годините. Од овие биолошки причини, седата коса е сува, а влакното жилаво и круто. Со редовно нанесување регенератор при секое миење, сивата коса ќе стане мазна и мека. Но, ако и тоа не е доволно за да го припитомите влакното, нанесувајте маска за хидратација најмалку еднаш во неделата.
Тоа што сте ослободени од обврската да ја бојадисувате косата не значи дека не треба да ја стилизирате. Стилистите велат дека тоа е една од најголемите грешки што ја прават жените, едноставно не си дозволуваат модерна фризура и поради тоа изгледаат уште постаро. Кој вели дека сивата коса мора да биде долга и собрана во кок? Скратете ја косата, направете некој интересен боб или ако е долга направете брановидни кадрици и впечатокот ќе биде многу поинаков.
Секој тип коса има потреба од витаминска и минерална поддршка, но се чини дека ваквата потреба двојно расте штом косата почне да белее. Можеби не веднаш на старт, но со текот на годините и сами ќе забележите дека влакното станува сѐ потенко, а косата сѐ поретка. За да го забавите опаѓањето на косата, неопходно е да се храните здраво и да воведете мултивитамин кој ги таргетира фоликулите.
Состојките во кремите за лице, составот на водата, надворешните загадувачи, сонцето, сите овие можат да ја пожолтат седата коса.
Бидете особено внимателни со што доаѓа во контакт вашата коса. Сонцето има најсилен ефект, затоа носете заштитна капа при секој престој надвор. Ако имате долга коса, сплетете плетенка и сокријте ја под капата.