Со миленик против осаменост

Со миленик против осаменост

Домашните миленици се одлични сојузници против осаменоста во пензионерските денови. Можеби идејата за миленик ви звучи како комплицирана обврска што ќе ви ги загрози мирот и спокојството. Но, ако одберете раса што целосно ќе се вклопи во вашиот живот и навики, бидете сигурни дека ќе искусите нов облик на љубов и посветеност што ќе ви го подобри целокупното здравје и ќе ви го продолжи животот.

Зошто е добро да чувате миленик штом се пензионирате?

Научно е докажано дека пензионерите кои чуваат милениче се посреќни, помалку осамени и поздрави. Колку врската со миленикот е подлабока, толку здравствените бенефити се понагласени.

Научните студии велат дека редовните прошетки со кучето водат до намален индекс на телесна маса. Ова води до подобрување на општото здравје и намалување на ризикот од срцеви болести и дијабетес. Старите луѓе кои редовно ги шетаат своите миленици имаат помалку докторски посети во годината за разлика од оние кои својот ден го поминуваат цементирани пред телевизор.

Прошетката со миленикот има позитивни бенефити и во социјална смисла. Сопствениците на кучиња милуваат да разменуваат искуства за нивните раси, слично како родителите што милуваат со часови да зборуваат за нивните деца.

Не само кучињата, туку и мачките, птиците, па дури и егзотичните миленици како игуаните ги намалуваат стресот и депресивните емоции на коишто се склони постарите луѓе.

Целата нега и грижа околу миленикот им дава смисла на долгите пензионерски денови и чувство на одговорност и цел на сопственикот.

Старите лица кои чуваат миленик ги уживаат следните здравствени бенефити:
  • низок крвен притисок
  • низок холестерол
  • намален стрес
  • намален ризик од депресија и осаменост
  • поголеми шанси за преживување мозочен или срцев удар
Кое милениче е најдобар избор?

Направете избор според животниот стил што сакате и сте способни да го водите. Ако не сте во состојба да бидете активни и редовно да излегувате надвор, тогаш подобар избор е мачката, бидејќи не мора да ја шетате.

На располагање ви се и рибите, папагалите, морските прасиња, морските желки, но имајте предвид дека интеракцијата со нив е ограничена, а тоа значи помалку здравствени бенефити за вас.

Ако се одлучите за куче, земете ги предвид сите помали раси кои не се премногу активни по природа. Ова се топ три најбарани раси:

Кавалерски шпаниел на кралот Чарлс

Симпатично мало куче кое инстантно се поврзува со сопственикот. Има мирен карактер, лесно се адаптира и уште полесно се тренира.

Ши цу

Совршен придружник за постарите луѓе на кои не би им пречеле неколку кучешки влакна на тепихот. Овие кучиња многу сакаат да се гушкаат со сопственикот, постојано се до него и го следат неговиот ритам.

Јоркширски териер

Мало куче со кое лесно се манипулира. Иако сака почесто да шета и да биде активно, таа потреба можете да му ја задоволите со куса прошетка или дружба во двор.

Постаро милениче е подобар избор!

Кога се мали, животните се премногу активни и ќе ве исцрпат. Старото куче или маче со задоволство ќе си дремнува заедно со вас.