Среќен стомак, Среќни ВИЕ

Среќен стомак, Среќни ВИЕ

Боли, кркори, се грчи, потекува… стомакот постојано комуницира со вас,
но колку вистински го слушате?

Долг е 30-тина сантиметри, секој ден лачи скоро три литри хлороводородна киселина, продуцира нова слузна мембрана секоја четврта ноќ и се вика стомак, нашиот ценет резервоар. Во овој мускулен орган се одвива поголемиот дел од дигестијата, а поради тесната поврзаност со менталното здравје, го нарекуваат и „втор мозок“.

Експертите велат дека стомакот продуцира повеќе хормони од кој било друг орган (одговорен е за 95 % од серотонинот – хормон на среќата), а дури 90 % од луѓето кои страдаат од синдром на вознемирени црева имаат и психички проблеми. Д-р Роџер Хендерсон (од Netdoctor.co.uk) и нутриционистот д-р Марилин Гленвил (секој од свој аспект) ќе ви помогнат да ги разберете пораките што ви ги праќа вашиот стомак.

СИЛНА БОЛКА ВО СТОМАКОТ

ОПШТ ЛЕКАР – Ненадејна или остра болка во стомакот може да е сигнал за слепо црево, гинеколошки проблеми или посериозен проблем во утробата. Кај помладите луѓе, грчевите и нападот во долниот дел на абдоменот најчесто индицираат синдром на вознемирени црева (IBS). Болката лоцирана во горниот дел на абдоменот најчесто е резултат на киселини во желудникот или лоша дигестија, поттикнати од мастен оброк, алкохол или бременост. Доколку постојаната стомачна болка е придружена со нагло намалување на телесната тежина, промена во работење на цревата, крвавење при голема нужда, проблеми со голтање, веднаш закажете средба со лекар. Луѓето со слабо железо во крвта се соочуваат со стомачни грчеви кои не се поврзани со храната што ја јадат.

НУТРИЦИОНИСТ – Дали се работи за „оние денови“? Болките и грчевите се својствени симптоми за ендометриозата која предизвикува болна менструација или постојана болка во карличната регија. Но, симптомите варираат што значи секако мора да појдете на лекар. Доколку болката се јавува за првпат, можеби на стомакот не му годи храната што сте ја изеле или сте јаделе набрзина. Обидете се да ги елиминирате производите за кои верувате дека ја отежнуваат дигестијата, а за сметка на тоа внесете доволно растителни влакна како оние од овес, бадем или лен.

ПОТЕКУВАЊЕ НА СТОМАКОТ

ОПШТ ЛЕКАР – Нетолерантните црева се почеста појава во однос на алергиите поврзани со храната, затоа плански почнете да ги исфрлате намирниците во кои се сомневате за да го пронајдете причинителот. Млечните производи и пченицата се највообичаените виновници, но не се исклучени и зелениот листен зеленчук, пијалаците што содржат многу шеќер, гравот и мешунките. Потекувањето што никако не поминува може да е симптом за рак на јајчниците (но тоа е реткост кај младите жени). Ако стомакот едноставно не сака да се издиши, проверете го на лекар!

НУТРИЦИОНИСТ – Ако му пројде редот на менструалното потекување, запазете го нивото на стрес. Потекувањето може да биде последица на лошо варење на храната, а тоа е вообичаена појава кога сме под стрес. Друг виновник може да биде кандидата, габа која живее на слузницата на системот за варење кај 85 % од луѓето. Примањето на одредена терапија (антибиотик) или преголемиот замор може да предизвика размножување на кандидата, а тоа води до потекување на стомакот. Кандидата се открива лесно, преку тест.

ТВРДА СТОЛИЦА

ОПШТ ЛЕКАР – Она што се смета за нормална посета на тоалетот, по голема нужда, е 1-2 пати дневно, до 2-3 пати неделно. Честопати дехидратацијата е причина за тврда столица, затоа пијте повеќе течности. Во поглед на исхраната, честопати проблемот се јавува поради нешто што отсуствува во вашето мени, а не поради нешто што сте изеле. Погрижете се да внесувате доволно овошје и зеленчук и не пијте повеќе од три шолји кафе или чај во денот.

НУТРИЦИОНИСТ – Ако имате проблем да го исфрлите изметот, консумирајте поголемо количество растителни влакна. Зголеменото количество растителни, растворливи, влакна (трици) може да ги иритира цревата и да предизвика дијареја. Избегнувајте лаксативи, бидејќи цревата лесно можат да станат зависни од нив.

ДИЈАРЕЈА

ОПШТ ЛЕКАР – Дури и најмалиот стрес и оној што кратко трае, може да предизвика дијареја исто како и синдромот на вознемирени црева. Ако забележите крв или слуз во изметот, задолжително појдете на лекар. Промена во исхраната, како започнување на диета, може да предизвика дијареја. Истото важи и за прекумерните количини алкохол, кофеин или овошен сок со многу шеќер.

НУТРИЦИОНИСТ – Може да станува збор за блага форма на труење, па телото се обидува да се ослободи од непотребните токсини. Дијарејата е чест одговор на телото секогаш кога се прејадувате или кога внесувате премногу овошје и зеленчук. Дијарејата што трае со денови може да биде фатална, бидејќи телото не е во состојба да ги задржи хранливите материи и прашање на време е кога ќе колабира.

ГАСОВИ

ОПШТ ЛЕКАР – Зеленчукот како зелка или грав предизвикува гасови. Посериозниот причинител е синдромот на вознемирени црева. Постојаното џвакање мастика или консумирање газирани пијалаци во големи количини исто така предизвикува појава на гасови. Напијте се чај од нане.

НУТРИЦИОНИСТ – Гасовите ги предизвикуваат плодовите што се во состојба да ферментираат, некои од нив (гравот) не се варат правилно. Јадете бавно, пијте бавно и голтајте го залакот откако добро ќе го изџвакате.

kefir

Правила за здрав стомак Што е тоа IBS? Кефир
Избегнувајте доцни оброци! Вечерајте минимум два до три часа пред легнување.
Јадете во мир! Кога сте под стрес, избегнувајте големи оброци, јадете помалку и почесто. Преголемиот адреналин ја забавува дигестијата.
Прескокнете го овошјето после вечера! Консумирањето овошје по голем оброк, особено навечер, го отежнува варењето. Најпаметно е да јадете овошје на празен стомак, наутро.
Џвакајте докрај! Бавното џвакање ги зголемува дигестивните ензими во устата со што се подобрува и олеснува варењето на храната, но и празнењето на цревата.
Спортувајте! Спортувањето ја забрзува дигестијата, го зголемува протокот на крв до сите органи, давајќи им тонус на ѕидовите на дебелото црево.
ЕДЕН од ПЕТ луѓе се соочува со синдром на вознемирени црева (IBS), дигестивно нарушување што предизвикува потекување на стомакот, грчеви, дијареја и тврда столица.

Симптомите варираат и не се знае точната причина за појавување на овој синдром. Најчесто го поврзуваат со зголемена чувствителност на стомакот и психолошки фактори како стрес.

Со исфрлање на намирниците, кои очигледно го вознемируваат стомакот, и зголемено внесување благопријатни состојки како пробиотици и растителни влакна успешно се регулираат симптомите својствени за IBS.

Природна метода за лесно празнење
Овој популарен ферментиран млечен производ може да содржи и до 50 различни пробиотски култури.Исто така, содржи калциум, калиум, протеини, витамин А, Ц и Д.Во една студија се вели дека редовното пиење кефир може да ги намали непријатните симптоми на гастритисот до 70 проценти. Кефирот е нискокалорична напивка, вистинска утринска инфузија за телото. Особено им се препорачува на лицата кои имаат нередовна столица или други проблеми со дигестивниот систем.