Стапици што ја саботираат витката фигура

Стапици што ја саботираат витката фигура

Вашето уживање во храната и слатките заврши!

Го прескокнувате петочното собирање во ресторан, вежбате трипати во неделата и освен овошен сладолед не се сеќавате кога последен пат каснавте десерт. Стомакот почна да се повлекува и вие бевте среќни и задоволни.
Одеднаш, преку ноќ, воспоставениот режим престана да функционира! Се прашувате зошто кога бевте крајно дисциплинирани?!

Науката вели дека телото се бори против промените и се труди на секаков начин да ги врати изгубените килограми. Истражувањето од Универзитетот во Мелбурн вели дека слабеењето предизвикува специфична хемиска промена поради која копнееме по храна. Таа може да се активира и откако ќе ја намалите тежината за 5 %.
Водачот на студијата, професорот Џозеф Пројето, вели дека доаѓа до промена кај хормоните кои го регулираат апетитот и истата може да биде присутна година дена. Токму поради оваа хормонска стапица на луѓето им оди тешко да ја одржат телесната тежина, а дел од нив стануваат и подебели после диета.

Грелин

Грелин или хормон на гладот е алармот што нѐ потсетува дека треба да јадеме. Неопходен е за да преживееме, но не е добредојден кога сме на диета. Токму тогаш се зголемува неговото излачување за 20 % и затоа сме гладни на секои 5 минути. За да се спасите од оваа стапица потрудете се појадокот да изобилува со јаглехидрати. Истражувањето од Универзитетот во Тел Авив во Израел потврди дека тие ја намалуваат продукцијата на грелинот во текот на денот. Денот започнете го со мешунки во комбинација со ’ржан леб. После појадокот помогнете им на јаглехидратите со протеини од јајце или месо. За ручек кафениот ориз заменете го со соја, бидејќи содржи повеќе протеини од некои житарки или каснете овошен јогурт за десерт. За вечера јадете суши или ровко пилешко месо, колку помалку го готвите месото толку повеќе протеини ќе задржите. Студијата на American Journal for Clinical Nutrition откри дека ако 60 % од чинијата се состои од високо протеински намирници, нивото на грелин ќе падне.

Лептин

Кога грелинот напаѓа, хормонската одбрана се повлекува. Студиите велат дека лептинот, хормон кој испраќа сигнал до мозокот дека телото примило доволно масти и дека сме сити, практично исчезнува. За да го вратите во игра лептинот неопходен ви е еден планиран калоричен оброк. Истражувањето од Универзитетот во Вашингтон откри дека откако ќе се вратиме на нормален начин на исхрана, по период на постење или воздржување од одредена храна, доаѓа до рестартирање на нивото на хормоните онака како што биле на почетокот. Риба и компир – одличен оброк за да ги измамите хормоните да се вратат на првичното ниво. Јаглехидратите во компирот ќе го поттикнат лептинот, додека студијата на клиниката „Мајо“ откри дека диетата на база на риба ја зголемува чувствителноста на лептин. Тоа значи дека вашето тело ги слуша пораките што му ги испраќате, поточно онаа што вели дека ви е доста од јадење. Ако сѐ уште сте загрижени дека ќе се изгуби пораката што ја праќа лептинот, прескокнете ја попладневната дремка. Студиите направени во Универзитетот во Чикаго открија дека лишувањето од сон може да го зголеми нивото на лептин за 20 %.

Допамин

Истражувањето што доаѓа од Универзитетот во Калифорнија вели дека во моментот кога каква било масна храна ќе го допре вашиот јазик, мозокот ви дава сигнал да јадете. И да јадете. И да јадете уште повеќе. Време е за нутритивно надмудрување. Како ќе го постигнете тоа? Неопходно е да го излажете мозокот дека храната од вашата диета е подеднакво вкусна како забранетата. Вашиот сојузник се вика тирозин, а го има во бананите, авокадото и бадемите. Тирозинот е невротрансмитер и аминокиселина, која ја поттикнува мозочната активност и помага да се поттикне производство на допамин. Допаминот ја контролира желбата за јадење во мозокот, па во моментот кога ќе внесеме тирозин се чувствуваме позадоволни од јадењето и повеќе не ни се јаде. Контролирајте го непромисленото јадење со промислен оброк. Додека јадете, концентрирајте се на сите аспекти на храната. Обрнете внимание на мирисот, вкусот, текстурата, изгледот на јадењето. Така ќе успеете да правите дистинкција помеѓу вистински глад и стрвност.