Многуте опции во денешно време го слабеат мозокот! Редуцирањето на изборот е невролошка тактика која се користи за зачувување на моќта на мозокот
Сте се запрашале ли некогаш зошто некои луѓе преферираат да ја носат истата гардероба секој ден? Да почнеме со Марк Цукерберг (сопственик на Facebook) и неговиот дуксер, покојниот Стив Џобс (сопственик на Apple) и црната ролка или Алберт Ајнштајн за кој се верува дека поседувал неколку идентични сиви костими.
Во ниту еден од овие случаи не станува збор за недостиг на имагинација, креативност, а парите воопшто да не ги споменуваме. Ваквото однесување е форма на „редуцирање на изборот“, невролошка тактика која се користи за зачувување на моќта на мозокот.
„Ако веднаш штом станете од кревет се соочите со одлуката што да облечете, што да понесете за јадење на работа, како да се одвезете до канцеларија, вие го оптоварувате мозокот, а уште не сте почнале со работа“, вели д-р Тара Сварт, невронаучник (предлагам да се стави НЕВРОЛОГ).
„Внимателно испланираниот утрински ритуал го намалува бројот на избори кои мозокот треба да ги направи по будењето, и на тој начин тој се штеди за поважни работи“, додава таа.
Техниката за заштита на мозокот не ја користат само великаните од Силициумската долина. Потребата подобро да се разберат дегенеративните болести како Алцхајмеровата и да се подигне свеста околу нив, е главен фокус во подобрување на когнитивната функција.
Сè се сведува на животниот стил – доволно квалитетен сон (Сварт советува 7 до 9 часа во текот на ноќта), вежбање и справување со стресот, но, постојат и други посериозни закани на кои треба да им се обрне внимание.
„На мултитаскингот не треба да се гледа како на талент. Тоа го става мозокот во состојба на постојано одвлекување на вниманието, што води до хронична ментална исцрпеност“, предупредува Сварт.
Водечките институции за добросостојба на телото и умот ширум светот веќе создаваат одморалишта насочени кон „расчистување на магливиот мозок“. На пример, Sha Wellness во Шпанија претставува медицинско спа прибежиште насочено кон когнитивно зајакнување и нуди напредна дијагностика и терапија за зголемување на менталниот капацитет. Во меѓувреме, во Аризона, цел тим експерти во Life Enhancement Center им помага на посетителите да ги унапредат меморијата, концентрацијата и сите останати функции на мозокот.
Според нутриционистот Розмари Фергусон, многу можете да сторите и од дома, без да одите во некое одморалиште за рехабилитација на мозокот.
„Постои една хранлива состојка која се нарекува ацетилхолин, и истата е клучна за здравјето на мозокот. Станува збор за невротрансмитер кој е неопходен за меморија, концентрација и координација“, вели таа.
Ацетилхолинот можете да го внесете преку храна (како јајца, прокељ и зелка) или како додаток на исхраната со цел да го поддржите мозокот во ситуации на ментална исцрпеност.
Д-р Сварт препорачува да се избегнуваат чадени продукти, бидејќи поттикнуваат оксидација која го забрзува природниот животен циклус на мозочните клетки и со тоа предизвикува нивно прерано умирање. Истовремено, таа советува зголемување на продуктите кои имаат силно хидратантно дејство како краставица, лубеница, диња.
Можеби мислите дека играњето видеоигри е залудно потрошено време, но студиите велат дека игриците се одлична стимулација за мозокот, особено ако тоа е нова активност за вас.
И помладите и постарите учесници во една истражувачка студија ги подобриле своите резултати на мемориските тестови откако почнале да играат видеоигра секој ден.
Во студијата, групи студенти и возрасни во седумдесеттите и осумдесеттите години биле обучени да ја играат познатата видео игра Super Mario 3D World или дводимензионалната игра Angry Birds, половина час дневно во текот на две недели.
Пред и по периодот на играњето, учесниците правеле тест за меморија кој бил наменет да го активира хипокампусот – дел од мозокот кој се стимулира кога навигирате во непозната средина и е важен за создавање нови спомени.
Кај двете возрасни групи, лицата кои играле „Супер Марио“ ги подобриле резултатите од тестовите за приближно 12 проценти. За исто толку проценти се влошува резултатот кај луѓето на возраст од 45 до 70 години.
Истражувачкиот тим открил слични когнитивни придобивки од играњето на онлајн играта Minecraft, која подразбира изградба на нов свет по ваша креација.
Резултатите од тестовите не се подобриле кај учесниците во студијата кои играле поедноставни игри како Angry Birds.
Резултатите од видеоигрите покажуваат дека новото, богато исксуство за човекот може да ги има истите позитивни ефекти врз мозокот што веќе беше потврдено во студиите изведени врз животни.
„Кога на животните им даваме нешто ново за правење, истражување и играње, гледаме подобрувања во областите на мозокот поврзани со меморијата, како што е хипокампусот“, вели водачот на студијата, Крег Старк, доктор и професор по невробиологија на Универзитетот во Калифорнија.
Губењето на меморијата кај постарите луѓе може да има врска со тоа што тие обично не се изложени на нови работи. „Како што старееме, често водиме помалку богати и занимливи животи“, вели д-р Старк.
Лошата вест е тоа што подобрувањето на меморијата преку видеоигри нема тенденција да трае долго откако учесниците ќе престанат да ја играат играта редовно, но може и да се намали ако луѓето продолжат да играат, бидејќи игрите би станале полесни и помалку предизвикувачки.
„Но, она што го научивме е дека истражувањето на нов свет, без разлика дали се работи за видеоигра или реалност, е навистина добар начин да му дадете на вашиот хипокампус цел куп нови работи за учење“, вели д-р Старк.
Ако ве загрижува видот поради предолгото изложување на сина светлина од екраните, секогаш го имате стариот добар судоку или крстозборот за да го стимулирате мозокот.
„Исто така, можете да го зајакнете здравјето на мозокот преку практикување нова физичка активност“, вели Хозе Позас, доктор на науки и спортски невролог од Њу Орлеанс.
„Вежбањето е храна за мускулите, срцето и белите дробови, но исто така е и храна за мозокот, бидејќи тој го перцепира како ново искуство“, вели д-р Позас.
Ако џогирате, обидете се да пливате. Ако сте пливач, обидете се да возите велосипед.
„Различниот инпут од проприоцептивните влакна (тие му кажуваат на вашиот мозок каде е вашето тело во просторот) и вестибуларните влакна (тие кажуваат каде е вашата глава во просторот) го спречува мозокот да стагнира“, објаснува д-р Позас.