Со возраста доаѓаат многу различни предизвици – физички, емоционални, ментални, социјални. Списокот е долг и со годините ќе станува подолг. Што можете вие да сторите околу тоа? Едноставно е, почнете да танцувате. Верувале или не, танцувањето е одговор на сите ваши грижи.
Танцувањето отсекогаш имало свои придобивки за луѓето од сите возрасти, но во последно време се докажува како ефикасен начин за одржување на умот и на телото во златното доба.
Најголема предност е тоа што танцот е нежен, безболен и пријатен начин за активирање на мускулатурата и разбистрување на мислата. Плус, ризикот од повреда е многу мал, бидејќи движењата се разновидни и помалку се повторуваат. Не чекајте, ставете го во функција старото радио и подиумот е ваш!
Бенефити од танцувањето за постарите лица
Подобро кардиоваскуларно здравје
Танцувањето на некој начин претставува кардио вежба со низок интензитет, која ги дава истите придобивки за срцето и белите дробови како традиционалните кардио вежби.
Поголема сила и издржливост
Танцувањето ги зајакнува мускулите речиси во секој дел од телото, бидејќи движењата бараат од нив да ја издржат вашата телесна тежина. Ова ја зголемува вашата способност да ги извршувате секојдневните задачи со помала шанса за повреда или паѓање како резултат на мускулна слабост. Колку повеќе танцувате, толку повеќе ќе можете да се движите и да бидете флексибилни.
Подобро здравје на коските
Движењето во ритам на музиката води до зајакнување на структурата на коските преку зголемување на нивото на коскена маса.
Полесно одржување на телесната тежина
Танцувањето подразбира активирање на целото тело, а тоа резултира со согорување на калории.
Зголемено енергетско ниво
Танцувањето го стимулира производството на хормоните на среќа, како што се серотонин и ендорфин, што прави да се чувствувате поенергични.
Подобра флексибилност
Ритмичните и лесни движења се особено погодини за зглобовите бидејќи ја нагласуваат нивната флексибилност, овозможувајќи повеќе движење со помалку физички непријатности.
Подобрена агилност
Со возраста, често губиме способност за брзо и лесно движење. Танцувањето помага да вратите дел од таа агилност.
Подобра рамнотежа
Додека танцувате, вие сте приморани да балансирате додека се движите, чекорите или се вртите. Тоа значи дека при секое движење, базата на вашата поддршка се менува, па вашиот мозок и тело реагираат така што ја поттикнуваат вашата способност за прилагодување и рамнотежа.
Подобра когниција
Истражувањата покажуваат дека 1-2 часа танцување неделно може да ги подобрат когнитивните вештини. Меморирањето на чекорите и концентрацијата што ја бара танцувањето, кај постарите лица резултира со зголемена активност на мозокот, што на долг рок води до подобра когнитивна функција.
Повеќе можности за социјална интеракција
Танцувањето и слушањето музика се одлични социјални активности. Без разлика дали ќе одлучите да посетувате часови по танц или ќе се зачлените во некое фолклорно друштво, несомнено ќе имате можност да запознаете луѓе со слични интереси и да уживате во активност којашто не е натпреварувачка, туку насочена кон забава.
Намален стрес
Танцувањето може да ви помогне да ги тргнете мислите од стресните ситуации и да ги пратите на пауза вашите грижи. Дополнително, музиката може да ве смири, инспирира, па дури и да разбуди пријатни спомени што ќе ви го стоплат срцето.
Зголемена самодоверба
Танцувањето може да го подобри вашето физичко, ментално, емоционално и социјално здравје. Со сите овие предности на ваша страна, сигурно ќе се чувствувате посамоуверени.
Помал ризик од деменција!
Истражувањето објавено во The New England Journal of Medicine покажува дека редовното танцување може да го намали ризикот од деменција за дури 76 %. Ова е поврзано со фактот дека танцувањето ги стимулира когнитивните функции преку учење нови чекори и движења, што го поттикнува мозокот да создава нови невронски врски.