Тироидна (штитна) жлезда – функција и најчести заболувања

Тироидна (штитна) жлезда – функција и најчести заболувања
Тироидна жлезда

Тироидната жлезда е мала жлезда со тежина од околу 20–40 грама, поделена на два лобуса – лев и десен. Сместена е на предната страна на вратот, под тироидната ’рскавица (позната како Адамово јаболко) и има огромно значење за здравјето на човекот.

Кога е со нормална големина, тироидната жлезда не се палпира. Кај жените, за време на бременоста, може да дојде до нејзино зголемување кое спонтано се нормализира 6–12 месеци по породувањето.

Тироидната жлезда е жлезда со внатрешно лачење која ги излачува своите хормони директно во крвта. Таа произведува Т3 (тријодтиронин) и Т4 (тироксин) – хормони кои влијаат на менталното здравје, работата на срцето, цревата, метаболизмот, ја регулираат температурата на телото (делуваат како внатрешен термостат), кожата, косата, менструалниот циклус кај жените, потенцијата кај мажите и липидниот статус.

Хормонот калцитонин е одговорен за метаболизмот на коските преку регулација на нивото на фосфор и калциум во крвта и претставува специфичен маркер за карцином на тироидната жлезда.

Според студии, 1 од 20 лица во развиените земји има некое заболување на тироидната жлезда. Жените заболуваат 5–7 пати почесто од мажите.

Видови нарушувања на тироидната жлезда

Концептуално, нарушувањата може да се поделат во четири групи:

1. Нарушување на морфологијата на жлездата – за дијагноза најчесто се користи ултразвук (ехо).
2. Нарушување на функцијата на тироидната жлезда – се дијагностицира преку мерење на тироидните хормони (Т3, Т4) и TSH во крвта.
3. Присуство на автоимуни заболувања – се утврдува со мерење на специфични антитела во крвта.
4. Тумори на тироидната жлезда – за дијагноза на медуларен карцином се користи мерење на калцитонин и карциноембрионален антиген (CEA).

Симптоми на пореметена функција

Сомневање за нарушување може да се јави при појава на некои од следниве симптоми: анксиозност, депресија, сува кожа, губиток на коса, зголемено или намалено потење, засипнат глас, долготрајна сува кашлица, забрзана или успорена работа на срцето, пролив, губење на телесна тежина, замор и други.

Најчести заболувања

Хипотироидизам – кога тироидната жлезда не произведува доволни количини на Т3 и Т4 хормони.
Причини: вродена хипотиреоза, недостаток на јод, Хашимото тиреоидит, некои лекови.
Симптоми: замор, чувствителност на студ, сува кожа, успорена срцева работа, опстипација, дебелеење, ментални проблеми.
Дијагноза: анамнеза, физикален преглед, ултразвук и лабораториски анализи (високо TSH, ниско Т3 и Т4).
Терапија: хормонална терапија – препарати кои содржат левотироксин.

Хипертироидизам – кога тироидната жлезда произведува повисоки концентрации на Т3 и Т4 од нормалното.
Причини: Базедова болест (70 %), тиреоидит, зголемено внесување јод.
Симптоми: тремор, несоница, нервоза, забрзана срцева работа, пролив, зголемено потење, зголемен апетит, слабеење, опаѓање на коса.
Дијагноза: анамнеза, физикален преглед, ултразвук и лабораториски анализи (ниско TSH, високо Т3 и Т4).
Терапија: антитироидни лекови – примери: тиамазол.
Автоимуни заболувања
Кога организмот создава антитела против сопствената тироидна жлезда.
М. Б. Хашимото – најчесто се јавува кај жените на возраст од 30–50 години и се манифестира со транзиторна хипертироидиза и постепен развој на хипотироидизам.
М. Б. Грејвс – ја зафаќа целата тироидна жлезда (дифузна токсична гуша) и се манифестира со хипертироидизам и егзофталмус (испакнати очи).

Нодуси на тироидната жлезда
Тоа се јазли кои се формираат во самата жлезда. Можат да бидат бенигни или малигни и често се откриваат при рутински ултразвук.
Дијагноза: ултразвук и биопсија (за разликување бенигно од малигно).
Терапија: зависи од резултатот од биопсијата – бенигните се следат, а малигните се третираат со хемотерапија, радиотерапија или хирургија.

Последици од нелекувани нарушувања

Игнорирањето на проблемите со тироидната жлезда може да доведе до сериозни здравствени последици: кардиоваскуларни заболувања, остеопороза, нарушено ментално здравје (анксиозност, депресија) и други компликации.

Исхрана и тироидна жлезда

Начинот на исхрана значително влијае врз функцијата на тироидната жлезда.
Препорачани намирници: јогурт, јаболка, круши, цитрусно овошје, авокадо, брокула, семки од тиква, ореви, риба и јајца.
Селен и цинк – клучни микроелементи
Комбинацијата на селен и цинк придонесува за подобро функционирање на тироидната жлезда.
Селен – штити од оксидативен стрес, го зајакнува имунитетот и е неопходен за синтеза и конверзија на Т3 и Т4 хормоните. Недостатокот може да се поврзе со хипотироидизам и Хашимото тиреоидит.
Цинк – важен за здрави коски, имунитет, нервен и репродуктивен систем, добар вид и здрава кожа. Учествува во синтезата на Т3, Т4 и TSH, а неговиот недостаток може да доведе до хипотироидизам.