Поаѓањето на училиште е еден од најзначајните настани во животот на детето. Тоа е период во кој детето полека влегува во светот на обврските и во светот на возрасните. Да го подготвите детето на овој чекор, значи да го оспособите тоа поефикасно да ги извршува задачите поставени пред него од училиштето и од семејството. Ова е процес кој е подеднакво важен, како за децата, така и за родителите.
Позитивен став
Многу е важно на детето да му се презентира и да му се развива позитивен став и позитивни емоции кон институцијата училиште. Емоционалната подготовка е од големо значење во насока на развивање на љубов кон училиштето и отстранување на сите потенцијални стравови и дилеми.
Сосема погрешно е училиштето да се презентира како установа во која детето ќе се доведе во ред. Ова е многу честа грешка која се практикува од самите родители. Затоа, разговорите за важноста и за убавите работи кои ги очекуваат вашите дечиња во училиште, за прошетките во училишниот двор и за читањето приказни за училишни настани, може да помогнат во добрата подготовка и во развивањето на позитивен став.
Децата кои бргу се адаптираат и се успешни на училиште, генерално, потекнуваат од семејства кои дале неизмерна поддршка и кои имаат позитивен пристап кон училиштето и кон учењето.
Исто така, учењето на децата на правилен однос кон работата и обврските ќе придонесе детето уште од мала возраст да стане свесно за значењето на работата, и правилно да разграничува за тоа што е игра, а што е обврска и работа. Затоа, доделувањето домашни обврски, односно работа која од детето се бара да ја заврши без помош и надзор, помага во самодисциплината, самостојноста и во планирањето на времето. Оваа активност за детето понекогаш ќе биде вистински предизвик и ќе бара поддршка и целосна посветеност од ваша страна. Но, вашиот интерес и вашата загриженост се вистинскиот пример од кој детето може да научи многу и да стекне навики кои му користат во иднина.
Образовна
Токму ваквата подготовка се однесува на формирањето на работните навики за учење и стекнувањето одредени предзнаења. Сепак, не секогаш е најважно детето да знае да чита или да пишува пред да тргне на училиште. Ова се работи кои, секако, ќе ги научи во училиштето, бидејќи неретко се случува тие претходно да ги има усвоено и протолкувано на погрешен начин. Посветете повеќе внимание на воочување на промените во природата и во околината. Наведете го детето самостојно да прави компарации, да се ориентира во просторот и времето и да поврзува одредени активности со временски периоди.
Воведувањето на едноставната дневна рутина е од голема помош. Читајте им на вашите деца и кога се многу мали. Редовното читање ќе се трансформира во редовна навика за завршување на домашните задачи, кога децата ќе појдат на училиште. Одредете место и време за учење и за домашна работа. Тоа не мора да биде нешто посебно, важно е да нема во тој простор електронски урди кои ќе го деконцентрираат. Секако, најважно е децата да ја добијат пораката дека домашната задача е приоритет.
Инсистирајте домашната работа да биде уредна. Децата треба да научат дека е важно да се претстават себеси и својата работа во најдобар ред, бидејќи тоа е показател за самопочитување и за почитување на другите. Навика која ќе им биде корисна, исто така, понатаму во иднина. Проверете ја домашната задача на своето дете, потврдете дали ги сфатило постапката и процесот. Учествувајте ако детето ви постави конкретно прашање и ако од вас побара дополнително објаснување. Секако, не претерувајте со наметнување на строги критериуми и правила за учење. Секогаш нека има простор за игра и активности кои му се омилени. Спортувањето нека остане како приоритет кој ќе се вклопи во останатите обврски.
Социјална подготовка
Социјалната подготвеност на вашето дете се однесува на можноста на стекнување специфични облици на однесување потребни за воспоставување и одржување комуникација со останатите деца и со околината. Ова вклучува и комуникација и со непознати лица, но не со страв, туку со внимателност. Да креира нови другарства и пријателства, да научи да ги дели работите и да има чувство за одговорност кон другите. Социјалната зрелост подразбира и постоење на културни навики во говорот, однесувањето и почитувањето на другите.
Слушајте го вашето дете
Секако, слушајте го вашето дете и секогаш обезбедете доволно време за неговите прашања и барања. Колку тие да се повторувачки или можеби неважни, важноста дајте им ја вие. На овој начин, детето ќе се чувствува побезбедно и ќе може да смета на вашата помош. Проблемите на кои може да наиде во текот на училишните денови, нека бидат заеднички. Мотивирајте го да разговара за нив и да ги споделува со вас. На овој начин, чувството на сигурност ќе биде само потврдено, а и вие ќе бидете сигурни дека сè е во ред.
Доколку, пак, забележите дека вашето дете се однесува невообичаено, да е исплашено, повлечено или агресивно, обидете се да разговарате и да ја разберете причината за ваквото однесување. Во одредени ситуации, барањето на дополнителна стручна помош и совет може да биде од големо значење во процесот на подготовка и адаптација на детето на новите животни промени и обврски кои со себе полека, но сигурно ги носи светот на возрасните.