Многу често младите мајки се прашуваат кога и како да се започне
со воведување на тврдата храна кај своите малечки. Ексклузивното доење е
најдобра исхрана за детето од раѓање до шестиот месец. По овој период,
потребно е со мајчиното млеко постепено да се додава и друга храна за да
може детето да расте и правилно да се развива.
Воведувањето исхрана по 6-тиот месец може дополнително да го намали ризикот од појава на алергии од храна.
Кога вашето бебе е спремно за воведување тврда храна?
-
Кога може да ја држи главата исправена. Многу е важно бебето да може да ја држи стабилно исправена главата, со што ќе овозможи да го храните со лажиче.
-
Кога може добро да седи, кога е потпрено на нешто.
-
Кога може да џвака. За да воведете тврда храна, бебето треба да може да ја префрла храната во задниот дел на устата и да ја голта.
-
Кога има постигнато здрава тежина. Повеќето бебиња се спремни да почнат да јадат полутврда храна кога ја имаат дуплирано својата тежина. Тоа, обично, се случува околу шестиот месец.
-
Кога покажува интерес за она што вие го јадете. Може со погледот да го следи движењето на храната до вашата уста или, пак, посегнува по неа.
Она што можеби е и најважно и треба да се знае е дека дохранувањето треба да почне кога детето е потполно здраво!
Одете чекор по чекор!
-
Кога се почнува со воведување тврда исхрана кај бебето, најдобро е да го одберете вистинскиот момент. Вие и бебето треба да бидете релаксирани. Бебето треба да е гладно, но не и изморено, за да може полесно да се приспособи.
-
Се почнува со многу мали дози пасирана храна.
-
Доколку бебето е многу гладно, претходно нахранете го со помала доза млеко, за да не биде нервозно и полесно да ја прифати тврдата храна.
-
Доколку бебето не ја прифати храната веднаш, не губете трпение, продолжете да се обидувате да ја воведете тврдата исхрана во текот на неколку дена.
-
Кога бебето ќе се привикне на новиот вкус на храната, можете да ја зголемите дозата што му ја давате во еден оброк.
-
Исто така, како што бебето ќе почне да ја прифаќа пасираната храна, може да се зголемува постепено и нејзината густина.
-
Не присилувајте го бебето да јаде повеќе од тоа што сака. Допуштете му само да си побара повеќе.
-
Кога бебето потполно ќе се привикне на тврдата исхрана, почнете да му давате по два до три оброка на ден.
Воведувањето тврда храна не би требало да биде оптоварување ни за детето, ни за мајката. Исто така, не треба да биде на сила и по секоја цена.
Со што да се започне?
Дохранувањето, најпрво, започнува со ориз, потоа се воведува зеленчук или овошје, сокчиња и месо.
Сепак, постојат одредени правила за кои треба да се води сметка, кога во исхраната на бебето ќе се воведат немлечни производи:
-
Новите продукти препорачливо е да се даваат во утринските часови, за да може до вечерта да се забележи евентуалната алергиска реакција (исипување по кожата, повраќање, пролив).
-
Секогаш воведувајте ги новите продукти постепено – една по една, за бебето да се навикне на новиот вкус.
-
Направете растојание од три дена меѓу воведувањето на новиот вид храна.
Колку и како?
Во почетокот, понудете му на бебето мали количини храна (1-2 лажички) и постепено зголемувајте ја количината (15-30 лажички). Навикнувањето на нова храна нека трае најмалку 3 дена.
Храната мора да биде свежо подготвена, во почетокот пасирана и згмечена, а потоа ситно сечкана.
Во подготвената храна за бебето не ставајте сол и шеќер и немојте да ја разблажувате со вода, бидејќи детето треба да го почувствува природниот вкус на храната. Кашичките се даваат со лажичка, а течната храна од чаша. Вкупната дневна количина на храна распоредете ја во повеќе мали оброци и во пократки временски интервали.
Најубаво е ако детето јаде на маса, заедно со другите членови од семејството.
Дали сè уште треба да го доите бебето? Дефинитивно ДА.
Иако тврдата храна постепено ќе замени дел од млекото, тоа, сепак, ќе продолжи да биде најважниот извор на хранливи материи за бебето во текот на првата година од животот. Доколку не го доите, адаптираното млеко ќе продолжи и понатаму да биде главна храна за бебето.
Не инсистирајте на прерано воведување дохрана кај вашето дете. Тоа е многу важно да се знае заради следните причини:
Раниот почеток на дохранување може да доведе до отфрлање на мајчиното млеко, односно бебето ќе престане да посакува мајчино млеко. Зголемување на ризикот од болести поврзани со дијареа и алергии, поради сè уште незрелиот стомачно-цревен систем на бебето.
Како да му помогнете на бебето да развие здрави навики во исхраната?
-
Понудете му разновидна палета во исхраната.
-
Не обидувајте се да го прејадувате, тоа ќе го одврати од пробувањето нова храна.
-
Давајте му разновидно овошје и зеленчук.
-
Избегнувајте шеќер, сол, премногу мрсна храна и премногу зачини.
-
Не поткупувајте го, ниту наградувајте го бебето со храна. Наместо храна, погалете го, прегрнете го, играјте си со него, односно посветете му внимание.
Обезбедувањето соодветна и здрава исхрана за децата е одговорност на родителите, но и на целото општество. Навиките во исхраната на детето се создаваат уште во раното детство и траат до крајот на неговиот живот. Заради тоа, многу е важно тие правилно да бидат формирани, со цел да се обезбеди здрав раст и развој на младиот организам.
Бебешки рецепти
Каша од карфиол и спанаќ
Потребно:
-
50 гр спанаќ,
-
50 гр карфиол,
-
30 гр компир,
-
50 мл млеко,
-
1 кафена лажичка масло или маргарин.
Подготовка:
Спанаќот се мие под млаз вода, се отстрануваат гранчињата и се остава да отстои 20-30 минути во вода (солена или со лимонов сок). Се мие и се сечка на ситни парчиња. Компирот се мие, се лупи и се сечка на ситни парчиња. Карфиолот се мие и се ситни. Компирот и карфиолот се ставаат во вода да се варат. Кога ќе омекнат, се додава спанаќот и се вари уште 15 минути. Кога ќе се свари зеленчукот, се отстранува вишокот вода, се додаваат млекото и маслото и се вари уште 3-5 минути.
При варењето на зеленчукот, може да се додадат 1-2 лажички пченкарно брашно.
Се блендира или се пасира, и се служи веднаш.
Овошна каша од јаболко и тиква
Потребно:
- 100 гр тиква,
- едно зрело јаболко,
- 1 кафена лажичка лимонов сок и
- 300 мл вода.
Подготовка:
Тиквата и јаболкото се мијат, се лупат и им се отстрануваат семките. Се ставаат во водата и на умерена температура се варат (поклопени). Штом ќе омекнат, се вадат, се пасираат. По потреба (ако сакате поретка каша), се додава од водата во која се вареле. Се додава лимоновиот сок.
Јаболкото може да го дадете и свежо.