За пудра потребна е четка!

За пудра потребна е четка!

Оваа лекција за шминкање не е наменета за помладите генерации, бидејќи тие одлично ги владеат новите техники за шминкање со кои буквално го менуваат обликот на лицето, додаваат плус јаболкца и визуелно го смалуваат носот.

Оваа техника е наменета за жените кои се шминкаат традиционално со малку коректор, пудра, еден слој маскара и руменило. Вашите производи се сосем доволни, грешите само што не ја сенчите пудрата што можеби ја нанесовте со прсти. Дали знаете дека ви треба само една четка за да му дадете нова димензија на вашиот изглед?

Пудрата го изедначува тенот, но сенчењето на пудрата ги истакнува цртите на лицето, му дава длабочина и топлина на тенот и ги враќа јаболкцата.

ТЕХНИКАТА

Каде треба да сенчам? Застанете право пред огледало и истакнете ги усните како да треба да бакнете некого. Почнете од дното на ушите и сенчете сѐ до аглите на усните, движејќи ја четката напред-назад. Поминете со четката директно врз образите, поминете ги слепоочниците, мостот на носот и страниците на челото. Читајте внимателно! За солариум ефект, сосем малку нанесете мат бронзер од средината на јаболкцата па преку мостот на носот, бидејќи таа регија е прва на удар на сончевите зраци. Она што останало на четката нанесете го на клучната коска и вратот за кожата на овој дел да не двои од кожата на лицето.

Како да изберам нијанса? Дефинирајте го природниот тен на кожата, потоа изберете пудра за една нијанса потемна, во летниот период може и потемна. Секогаш тестирајте ги нијансите на дневна светлина за да бидете прецизни.

Завршете со… малку руменило. Нанесете го врз јаболкцата на образите за да ги осветлите и да направите контраст. Да расчистиме, сенчењето се изведува врз вдлабнатините на образите за тие да се истакнат. Руменилото е повеќе прашање на избор, дали ќе го нанесете или не, но секако се нанесува повисоко на лицето.

Што е дозволено, а што не е?
  1. Сенчете со мат текстури, никако во прав, бидејќи тешко ќе постигнете изедначеност.

  2. Чукнете ја четката за да отпаднат вишоците пред да ја нанесете пудрата.

  3. Нанесете сосем малку коректор на највисоката точка на јаболкцата – илузија на светлина и свежина.

  4. Не сенчете ги само образите, така нема да изгледате природно.

  5. Не користете голема, бујна четка, ќе бидете помалку прецизни.

  6. Не користете сивкави тонови, го одземаат сјајот на кожата.

  7. И, запомнете, неопходно е да мешате (кружни движења со четката), бидејќи сѐ треба да биде стопено во едно.