Залутана стимулација

Залутана стимулација

Стресот е чума на 21 век, а решението можеби се крие во еден од 12-те мозочни нерви. Да не лутате и понатаму, запознајте го нервот луталник.

Можете ли да се сетите на она чувство кога ќе најдете заборавени 100 денари во некој џеб, па ве усреќуваат небаре сте нашле цело богатство? Или кога во петок ќе ви соопштат дека можете да си заминете дома порано од работа?

Ваквата навидум ситна среќa му дава смисла на животот и добро е да знаете дека настанува во вашиот организам и вие сами може да ја поттикнете.

Ви го претставуваме нервот луталник – (vagus) – одговорен негувател на вашата добросостојба и воин од првите борбени редови против стресот.

Сега малку биологија: Целокупниот нервен систем е поделен на периферен и централен нервен систем. Додека вториот можеби е најкомплексен и се занимава со воспоставување совршен однос меѓу организмот и надворешната средина, периферниот има улога да го поврзува централниот нервен систем, преку нерви и ганглии, со жлездите и органите.

ериферниот се дели на соматски и автономен нервен систем. Автономниот уште се нарекува и вегетативен и се состои од симпатички и парасимпатички дел. Кога стигнавме дотука, сега е лесно.

Овие два дела сфатете ги како два ликови од филм кои одлично функционираат заедно, но се комплетно различни, како Бетмен и Робин.

Симпатичкиот дел се храни со стресот! За разлика од него, парасимпатичкиот дел е задолжен за чувството на мир и на спокој. Работата на овие два системи е автоматска, што значи дека ние воопшто не ја забележуваме нивната работа. Периферниот нервен систем кој ги содржи симпатичките и парасимпатичките делови се состои од 12 мозочни нерви и 36 ганглии (тоа се оние синаптички врски преку кои системите разменуваат пораки, но за тоа во друга прилика). Она што треба да ве интересира е 10-тиот од овие 12 мозочни нерви или гореспоменатиот нерв луталник.

Од долниот дел на мозокот, преку задниот дел на увото, покрај грлото, преку срцето и белите дробови, до стомакот и цревата – таму ќе ја најдете оваа нервна мрежа, која има и сензорна и моторна функција. Имајќи ја предвид неговата курирска природа, станува збор за еден од најголемите нерви во човековото тело кој ги пренесува пораките меѓу органите во телото и мозокот.

sreka stres

Овој нерв ужива голема популарност меѓу научниците, кои веруваат дека можеби тој претставува клуч кон решавање на многу модерни состојби во чија основа се крие стресот: анксиозност, несоница, синдром на нервозни црева, депресија, па дури и неплодност.

Иако имплантите за стимулација на нервот луталник веќе се користат во современата медицина за лекување епилепсија, мигрена и тинитус, фокусот на инхибирачката моќ на нервот луталник ги искусува своите 5 минути слава.

Истражувањето спроведено на Универзитетот во Тексас треба да објасни како стимулацијата на нервот луталник ќе помогне при растројство на посттрауматски стрес. Но, она што е докажано е дека традиционалните пристапи на себелекување, како јогата и медитацијата, имаат смирувачки ефект врз организмот, токму благодарение на нервот луталник.
Како тоа функционира во практика? Да речеме дека имавте стресна ситуација и под дејство на стресот се соочувате со: забрзано срцебиење, жештина, вцрвенето лице (чувствувате како ви горат образите), испотени раце, мачнина во стомакот, сите овие симптоми се предводени од симпатичкиот нервен систем.

После ваков стресен момент, најверојатно барате утеха во вкусен топол оброк со вклучен десерт. Празнината во стомакот ја снемува, на сцена настапува нервот луталник. Тој ја регистрира активноста во желудникот, праќа сигнал во мозокот и го смирува срцебиењето, го нормализира крвниот притисок и ве става во состојба на мир и на спокој.
Дека нервот луталник го регулира стресот открил германскиот физиолог, добитник на Нобелова награда, Ото Леви уште во 1921 година. Ото Леви прикажал дека со електрична стимулација на нервот луталник се намалува пулсирањето на срцето. Открил и дека поттикнува ослободување и на супстанцата наречена ацетилхолин, за која подоцна ќе се потврди дека е невротрансмитер кој игра клучна улога во релаксација на мускулите и спиењето.

Ова ја отвора вратата кон лекување состојби кои се карактеризираат со акутно или хронично воспаление (како ревматски артритис или воспалени црева) со помош на стимулација на нервот луталник.

Недамнешно истражување објавено во The Journal of Clinical Psychiatry, покажува дека луѓето со депресија имаат 46 % повисоки нивоа на маркерите за воспаление во крвта, за разлика од здравите испитаници. Професорот Едвард Булмор, невронаучник од Универзитетот „Кембриџ“ и автор на книгата The Inflamed Mind, ја сведува денешната епидемија на депресија, на воспаление предизвикано од хроничен стрес.

Па ако знаеме дека нервот луталник ги намалува последиците од стресот и прави да се чувствуваме подобро, каде е проблемот? Нажалост, луталникот не може да постигне да компензира за стресот на кој го изложуваме.

„Постои нескладност помеѓу еволуциското наследство на човековата генетика и нашата модерна животна средина“, вели д-р Ранган Читарџи, лекар по општа медицина и автор на The 4 Pillar Plan.

„Инстинктивниот механизам – бори се или бегај – се јавува во ситуација на опасност, но модерниот живот и темпото по кое живееме прави да се чувствуваме како постојано да сме под некоја закана. Додека ловците го чекале својот плен, неопходен за да обезбедат храна на трпезата, нивниот мозок лутал. Ние денес тој луксуз не можеме да си го дозволиме. И кога наводно одмораме, пак кроиме планови. Плус, голем дел од времето минуваме залепени за екраните, а тоа носи последици – и вие и вашиот нерв луталник сте преморени од работа.“

„Ако нервот луталник не ја извршува својата функција доволно добро, значи дека не работи или работи со мал капацитет и не може да го смири стресниот одговор на организмот“, вели д-р Магдалена Бак-Мајер, невронаучник.

„Кога сте во состојба на страв или паника и не можете да излезете од таа ситуација, нервот луталник е под голем притисок да го врати балансот. Токму затоа хроничниот стрес е толку штетен. Дури и самото сеќавање на страшниот и стресен настан може да го ослаби нервот луталник.“

stres

Експертите препорачуваат редовно вежбање и тоа тренинг за нервот луталник.

„За почеток обидете се со она класично ОМ што доаѓа од јогата. Долгото испуштање на овој звук се рефлектира на горниот дел на устата и на задниот дел на грлото каде почнува нервот луталник“, објаснува Мерцедес Зиф, тренер по јога и позитивна психологија.

Нервот луталник реагира на тонови со ниска фреквенција како што се вибрациите, па оние кои се создаваат на задниот дел на грлото и градниот кош може да делуваат смирувачки на луталникот.

Истражувањето на професорот по психологија и неврологија од Универзитетот во Бостон, д-р Крис Стритер, укажува дека практикувањето јога многу влијае врз растројствата поврзани со стресот, затоа што ја зголемува работата на нервот луталник.

За пациентите кои страдаат од анксиозност и синдром на нервозни црева, д-р Читарџи ја препорачува техниката на дишење 3,4,5 (вдиши 3 секунди, задржи 4 секунди, издиши 5 секунди).

„Ако сте анксиозни, вашето дишење е плитко, додека длабокото дишење и релаксација го стимулираат луталникот“, вели тој. „Секако, нема ништо лошо да посетите психолог во врска со анксиозноста, но тоа е третирање на мозокот, а дишењето е третирање на телото.“

Не мора да страдате од конкретно растројство или состојба за да ја стимулирате работата на нервот луталник. Експертите за неплодност појаснуваат дека стимулацијата на нервот луталник преку акупунктура на ушите може да ги релаксира мозокот, телото и работата на цревата.

Стимулацијата на луталникот може да биде до некој степен корисна и во сексуалниот живот. Импотенцијата кај младите луѓе во 20-тите и 30-тите години од животот е сè почеста појава, а се јавува како резултат на постојан стрес. Стресот го активира симпатичкиот нервен систем, кој пак спречува да дојде до ерекција. Тоа предизвикува реакција кај парасимпатичкиот нервен систем каде се наоѓа нервот луталник кој го релаксира телото и му овозможува да постигне ерекција.

Чувството на безбедност е клучот до здравиот нерв луталник. Кога се чувствувате безбедно и искусувате позитивни социјални врски, вашиот луталник комуницира со органите во телото дека сè е во ред, намалувајќи го крвниот притисок и забавувајќи ја работата на срцето. Ова може да биде стимулирано преку насмевка, пријателско лице, интеракција со животни и природа и најчудно од сè, преку разговор со тоналитет на бебе. Луѓето се чувствителни на сензитивноста на мелодичната вокализација слична на мајчината приспивна песна, а тоа го смирува нервниот систем.

Оваа голема мрежа проширена во внатрешноста на телото допрва останува да биде откриена. Експертите веруваат дека токму стимулацијата на луталникот ќе биде клучно алтернативно решение за многу состојби кога луѓето не можат да примаат медицинска терапија.

Додека стигнат цврсти докази за овој начин на лекување од чумата на 21 век, С Т Р Е С О Т, еве неколку предлози како да го стимулирате нервот луталник, особено кога сметате дека ќе ви се спојат жичките, а солзите ви се на едно трепкање пред крај. Започнете со медитација. Специфичниот тип на будистичка медитација беше основата за истражување на научниците од Универзитетот во Северна Каролина во 2013-тата, кое покажа дека позитивните емоции и чувството на социјална поврзаност имаат висока корелација со нервот луталник. Пуштете тивка будистичка музика и замислете ги луѓето кои ги сакате и кои ве сакаат како ви праќаат топлина и љубов и како вие им враќате со иста мера.

Студениот туш е втора опција, бидејќи миењето на лицето со ладна вода го активира рефлексот за нуркање кој го стимулира нервот луталник. Докажано е дека со ладење на температурата на телото, истото се смирува. Па можеби по неколку екстремно ладни секунди, ќе го почувствувате тоа зен чувство.