Не постои дете кое не се радува на топлите летни денови. Уште кога ќе се најдат покрај река, езеро или море на детската игра и нема крај. Од нив не може да се очекува самите да го ограничат останувањето на сонце, па таа должност секако им припаѓа на родителите, кои би требало да знаат дека детската кожа е осетлива на сончевите зраци. Умереното изложување на сончевите зраци е едноставен и бесплатен начин да се добијат доволни количини од витаминот Д поради неговото позитивно влијание на целокупниот организам, посебно за коските, забите и секако – за превенција на рахитисот. Ако детето умерено се изложува на сонце преку целата година, сигурно е дека неговото здравје во понатамошниот живот ќе биде добро и стабилно.
Мерки на претпазливост
Бебињата и малите деца значително се почувствителни на ултравиолетовото зрачење (црвенило, пликови, оштетувања на кожата, прерано стареење и сл.) бидејќи имаат поосетлива и потенка кожа во однос на возрасните. Многу родители претпоставуваат дека на своите бебиња и деца им е добро на сонце, сè додека на кожата не се појави црвенило. За жал, грешат. Изгорениците од сонцето не можете да ги видите додека се формираат, но кога ќе ги видите,тогаш е веќе доцна. ЗОШТО? Затоа што дури 2-4 часа по изложеноста на сонце, кожата станува црвена, а премногу црвена дури 10-14 часа по изложеноста на сонце. Кај тешките изгореници се појавуваат пликови придруженисо локална болка, а во најтешките случаи–главоболка, мачнина и исцрпеност. Црвенилото,обично,почнува да се повлекува по 48-72 часа.
Заштитете ги бебињата
Сончевите зраци и топлото време кај бебињата може да предизвикаат низа проблеми кои,пред сè,се однесуваат на појава на исипување на кожата, намален апетит и раздразливост.
Кај бебињата под 6 месеци не се препорачува директно изложување на сонце, како и нанесување кремовисо заштитни фактори. Бебињата може да бидат на сонце од 7-10 часот претпладне и по 17 часот попладне. Главата секогаш треба да биде заштитена со капа со широка стреа. Капата треба да ги покрива најизложените делови,како што се усните, носот и ушите. Засилете го внесот на течности! Не го претоплувајте бебето.
Кај бебињата од 6-12 месеци треба умерено и краткотрајно изложување на сонце. Секогаш користете лесна облека и капа со широка стреа.
Исхрана на бебињата во лето
Бебињата во летниот период треба да добиваат повеќе течности. Бебињата кои се дојат треба да се хранат почесто, а оние кои се хранат со адаптирано млеко треба почесто да им се нуди вода. Со покачувањето на температурата во текот на летото, важно е да внимавате и како постапувате со намирниците од кои ги подготвувате бебешките оброци. Бактериите ја сакаат топлата средина и затоа обрнете внимание како ги чувате и подготвувате намирниците. Тоа подразбира да се почитува температурата назначена на пакувањето, а подготвените оброци да се консумираат веднаш.
Водата е најважна
Во текот на летото обезбедете им на бебињата доволно количество вода. Во лето бебињата повеќе се потат и може брзо да дехидрираат. Затоа давајте им доволна количина вода, која не само што ќе ја намали затопленоста на телото, туку ќе ја спречи и констипацијата (запек).
Совет : на секој час понудете го вашето дете со вода.
Заштита на децата
Кај децата до 12 години советуваме постепено изложување на сонце со задолжително нанесување на крем со заштитен фактор и соодветна облека. Најмалку 30 минути пред излегување на сонце, нанесете заштитен крем на сите делови од телото на детето кои не се покриени со облека. Децата мачкајте ги на секои 2-3 часа или веднаш по излегување од вода, бидејќи добар дел од нанесената крема се отстранува.
Незаштитената детска кожа може да издржи на сонцебез последици само 5 минути.
Исхрана на децата во лето
На децата им се потребни значително повеќе течности во лето кога се и физички поактивни. Поради тоа,водата секогаш мора да им биде достапна. Доколку детето повеќе сака да пие сокови,гледајте да бидат природни и свежо подготвени. Избегнувајте премногу масна храна, а користете повеќе свеж зеленчук и овошје. Нема дете кое не сака сладолед, но,секако,водете сметка земањето сладолед да не биде замена за оброк. Слатките заменете ги со свежо сезонско овошје, овошни колачи и кремови од свежо овошје.
Одличен рецепт, задолжително направете го!
Крем од шумско овошје и банана
Потребни состојки:
– 4 банани
– 300 г шумско овошје(може и смрзнато)
Измешајте ги бананите и шумското овошје во миксер. Ставете го кремот во чаши за сладолед во фрижидер минимум 1 час. Уживајте во освежителниот природен вкус.
ВАЖНА ЗАБЕЛЕШКА
Спакувајте во куферот доста внимание, претпазливост и трпение, ама и добар апарат за фотографирање, за да ги овековечите среќните насмевки кои ќе ви ги подаруваат вашите дечиња. За тие емоции не постојат ниту правила, ниту контраиндикации.