Затнат нос

Затнат нос

Причини, симптоми и совети за полесно дишење

Инфекции, алергии и неалергиски ринитис се најчестите причини поради кои секоја ноќ вашиот затнат нос се бори за здив. Инфекциите како Ковид и обичната настинка се предизвикани од вируси или бактерии; алергиите најчесто се сезонски и се поврзани со вообичаени алергени како полен, прашина и животинска првут; неалергискиот ринитис, пак, се појавува како реакција на загадување и промени во температурата.

Ако се соочувате со симптоми како кивање, течење на носот, чешање и солзење на очите, веројатно затнатиот нос е резултат на алергии или неалергиски ринитис. Но, ако имате густ, жолт или зелен исцедок од носот, можно е да станува збор за инфекција.

Што предизвикува затнат нос?

Медицинскиот термин за затнат нос е ринитис, што значи воспаление на слузокожата (позната и како мукоза) во внатрешноста на носот, вели д-р Крег Полински, специјалист по интерна медицина во Baptist Health.

„Кога личноста ќе вдише алерген преку носната празнина, без разлика дали станува збор за вирус, бактерија или некој алерген, мастоцитите (вид имунолошки клетки) ослободуваат соединение наречено хистамин, што потоа предизвикува воспаление“, објаснува тој.

Можеби мислите дека слузта е виновна за непријатноста, но затнатоста најчесто се должи на отечени крвни садови во носот, вели д-р Крег.
„Многу луѓе постојано го дуваат носот обидувајќи се да ја исфрлат слузта, но вистинскиот проблем е отокот“, забележува тој. „Дувањето нос е корисно, но ако ништо не излегува, тоа генерално значи дека нема многу слуз“.

10 начини како да се ослободите од затнат нос

Користете солен раствор во вид на спреј

Стерилен раствор од солена вода може да се купи без рецепт, а делува така што извлекува вода од отечената слузокожа во носот, со што се намалува отокот на носното ткиво и се ублажува затнатоста.
Солениот спреј е безбеден за сите возрасти и може да се користи колку што е потребно за олеснување на симптомите, но пречестата употреба може да предизвика неконтролирано капење на носот.

Пробајте со испирање на носот со солен раствор

Испирањето на носот исто така се врши со солен раствор, но се применува поголемо шише за испирање или сад за таа намена. Растворот продира подлабоко во носната шуплина и излегува од другата страна. Овој метод може да биде поефикасен од обичниот спреј, бидејќи поголемата количина раствор покрива поширока област во носот, темелно чистејќи ја.

Испирањето на носот е безбедно за сите возрасти, но ако имате ослабен имунитет, консултирај се со лекар пред да го примените овој метод, бидејќи проблемите со носот може да укажуваат на посериозна состојба.

Земете антихистамини

Антихистамините можат да помогнат во намалување на затнатоста, бидејќи го блокираат создавањето на хистамин, кој е главен причинител за воспаление и за создавање слуз. Ако истовремено кивате и чувствувате притисок во синусите, тогаш антихистаминот е најдобро да се комбинира со спреј за нос.
Иако се безбедни за повеќето луѓе, сепак, подобро е да се консултирате со лекар пред да земете антихистамини, особено ако сте бремени или доите.

Користете лековити спрејови за нос

Делуваат за неколку минути така што ги стеснуваат крвните садови во слузокожата на носот, со што се намалува отокот и се отвораат носните дишни патишта. Иако се ефикасни, многу е важно да се користат само повремено и во краток временски период.
Кога се стеснуваат крвните садови во носот, ткивото добива помалку кислород, а при подолга употреба може да се оштети слузокожата. Како реакција на тоа оштетување, слузокожата уште повеќе отекува, што дополнително ја влошува затнатоста.

Затоа, најдобро е да се користи не повеќе од двапати дневно и не подолго од три последователни дена, потоа треба да се направи пауза од најмалку еден месец.
Истото важи и за кортикостероидните носни спрејови, кои исто така делуваат така што ја стеснуваат слузокожата во носот и го намалуваат воспалението. Една од предностите на кортикостероидните носни спрејови е што се лесно достапни, а лекот делува само во носната шуплина. Со други зборови, не предизвикуваат поспаност.

Користете еукалиптусово масло

Ако барате природен домашен лек, д-р Полински препорачува еукалиптусово масло. Истражувањата покажуваат дека може да делува како аналгетик и има антибактериски и антиинфламаторни својства, кои помагаат во намалување на слузта и на воспалението во носот.
„Еукалиптусовото масло може да се вдишува како пареа преку дифузер за да се намалат симптомите на затнат нос или со додавање неколку капки масло во сад со врела вода“, вели д-р Полински.

Иако е безбедно за вдишување, избегнувајте да го голтате или да го нанесувате директно на лицето. Чувајте го на ладно и суво место, бидејќи топлината и директната сончева светлина можат да ја променат неговата структура.

Вклучете навлажнувач на воздух

Навлажнувачите на воздух можат да ги намалат затнувањето на носот и болката во синусите преку водената пареа што ја ослободуваат, а која пак ја разредува слузта.
Навлажнувачот особено се препорачува да е вклучен во текот на ноќта, бидејќи премногу сувиот воздух може да ја иритира и да ја воспали слузокожата во носот.
Користете дестилирана вода во уредот и не заборавајте редовно да го празните и чистите, бидејќи бактериите можат да се размножат во застоена вода.

Користете ладна облога

Друго едноставно домашно средство за ублажување на затнат нос е мразот. Ставете ладна облога завиткана во тенка крпа на коренот на носот 10 до 15 минути. Студот помага да се стеснат отечените крвни садови и да се намали затнатоста.

Избегнувајте иританси

Трудете се да избегнувате иританси како чад, прав, парфеми, освежувачи на воздух или силни мириси. Зошто? Овие мириси и честички можат да влезат во носот и да предизвикаат дополнителна иритација и затнатост. Силните мириси, исто така, можат да предизвикаат кашлица, па дури и симптоми на астма.

Кога да се консултирате со лекар?

Ако затнатиот нос трае подолго од 10 дена или се влошува, време е да се обратите на лекар. Исто така, неопходно е да побарате лекарска помош ако конгестијата е проследена со симптоми како треска, болка во лицето, густа зелена слуз или тешкотии при дишењето.

Дополнително, ако имате здравствени состојби како астма или хронични алергии, разговарајте со лекар за да добиете совети за превентивни мерки.
Запомнете, лековите без рецепт не секогаш се наменети за долгорочна употреба, па ако тие не обезбедуваат олеснување, време е за нова мерка.