Калциумот е минерал кој учествува во изградбата на коските и забите и ја одржува коскената маса; калиумот е минерал одговорен за одржување здрав крвен притисок; витаминот Д ги одржува нормалните нивоа на калциум и фосфор во човековото тело – а сите три ќе ги најдете во млекото.
Од животинско потекло: Козјо млеко
Нутритивен состав: Млеко кои изобилува со витамини, минерали, аминокиселини, квалитетни протеини, а важи и за одличен извор на рибофлавини. Содржи доста калциум, неопходен минерал за одржување на цврстината и густината на коските и минералот калиум кој е одговорен за одржување на нормалниот крвен притисок.
Предности: Козјото млеко полесно се вари во желудникот, бидејќи неговите масти се составени од помали честички. Содржи калиум и хлориди повеќе од кое било млеко и повеќе есенцијални масни киселини во однос на кравјото. Неговите белковини се слични на белковините на мајчиното млеко.
Слабости: Во својот состав има помала процентуална застапеност на натриум, железо, фолати и витамин Д.
Од животинско потекло: Кравјо млеко
Нутритивен состав: Кравјото млеко е синоним за калциум, витамин Д и специфични протеини меѓу кои како најважни се вбројуваат се лактоглобулините, лакталбуминот, казеинот и кравјиот албумин. Ваквите состојки на млекото делуваат превентивно од дијабетес и остеопороза.
Предности: Луѓето кои редовно пијат кравјо млеко имаат 5 пати подобри резултати на тестовите за помнење за разлика од оние кои воопшто не консумираат, велат последните истражувања.
Слабости: Голем број луѓе не можат да поднесат да пијат млеко поради лактозата, а алергиска реакција на протеините на кравјото млеко се јавува кај 2,5 % од доенчињата и кај децата до втората година од животот.
Од растително потекло: Млеко од соја
Нутритивен состав: Млекото од соја е 100 % растителен производ, па затоа содржи помалку протеини од млекото од животинско потекло. Но, не содржи лактоза, холестерол, глутен, а изобилува со незаситени масни киселини, витамини и минерали.
Предности: Науката потврдила дека 2 чаши млеко од соја дневно ги намалуваат топлотните бранови својствени за менопаузата. Сојата содржи изофлавони, растителни хормони со естроген ефект.
Слабости: Во раната детска возраст млекото од соја не може да биде добра замена за кравјото млеко. Австралиските научници се на ставот дека млекото од соја предизвикува 6 пати повеќе киселина во усната шуплина која води до кариес.
Од растително потекло: Млеко од ориз
Нутритивен состав: Освен витамини и минерали, оризовото млеко во својот состав содржи есенцијални аминокиселини и бавно согорувачки шеќери. За разлика од кравјото млеко, не содржи холестерол и заситени масти, не содржи лактоза ниту глутен. Оризовите протеини се високо нутритивни и лесно сварливи.
Предности: Млекото од ориз е погодно за сите – лицата со лактозна интолеранција, за лица кои не поднесуваат глутен, за лактовегетаријанците, за оние кои имаат тешкотии си варењето или лица со високо ниво на холестерол.
Слабости: Оризовото млеко не може да се консумира како замена за кравјото, особено кај деца до 3–годишна возраст.