Златно правило за блескава кожа

Златно правило за блескава кожа

Миење на лицето – кога и колку треба?

Живееме во ера на прекумерно миење на лицето, затоа сè поголем е бројот на жени со нарушена кожна бариера која резултира со видлива сувост, а во најлош случај дерматит. Но, на другата страна од приказната се жените кои воопшто не го мијат своето лице. Што е исправно?

Насоките околу миењето на лицето се различни, но едно е сигурно: Сите треба да си го мијат лицето!

Миењето на лицето е неопходно за кожата да го стартува природниот процес на пилинг и регенерација. Преку овој клучен чекор, порите се ослободуваат од нечистотии и вишок себум и се подготвени да ги апсорбираат активните состојки од кремите што ги нанесувате пред легнување.

Која би била оптималната фреквенција за миење на лицето? Најточниот одговор би гласел: Онаа што одржува баланс помеѓу чистотата и природната рамнотежа на кожата.

Разбирање на вашиот тип кожа

Честотата на миење на лицето во најголема мера зависи од типот на кожа. Дерматолозите нагласуваат дека различните типови кожа имаат уникатни потреби. Без разлика дали имате мрсна, сува, комбинирана или чувствителна кожа, приспособувањето на рутината за нега (тука спаѓа и миењето) на потребите на кожата е клучно за постигнување здрав тен.

Стручни препораки

Двапати дневно за повеќето типови кожа: Еднаш наутро за да ги отстраните маслата и вишокот од производите кои делувале преку ноќ и еднаш навечер за да ги исчистите нечистотиите, загадувачите и шминката насобрани во текот на денот.

Чувствителна или сува кожа: Поединците со чувствителна или сува кожа може да имаат корист од миење на лицето еднаш дневно, по можност навечер. Ова помага да се избегне отстранувањето на природните масла од кожата кои се клучни за одржување на хидратацијата.

Мрсна или кожа склона на акни: За ваков тип кожа дерматолозите советуваат чистење двапати дневно. На овој начин се контролира продукцијата на себум и се спречува таложењето на бактерии кои предизвикуваат акни.

Зрела кожа: Позрелата кожа е повеќе склона на сувост и затоа најдобро е да ја миете еднаш дневно за да не ги отстраните природните заштитни масла. Ако забележувате промени на кожата, како губење на еластичноста или помало лачење маснотии, особено за време на перименопауза и менопауза, најдобро започнете со миење само еднаш дневно.

Кога станува збор за утринско наспроти ноќно миење на лицето, секогаш е подобро да го изберете второто. Во текот на ноќта стартува природниот процес на регенерација на кожата или замена на мртвите клетки со нови, а чистата кожа го олеснува тој процес.

mienje na liceto

Практика за после вежбање?

Ако редовно вежбате и голем дел од времето го поминувате во сала, дерматолозите препорачуваат да го исчистите лицето непосредно после тренинг, за да ја отстраните потта и да спречите затнување на порите и појава на митесери. Сепак, од клучно значење е да користите нежно средство за чистење за да избегнете претерано сушење на кожата. Ако имате сува кожа и не се потите многу за време на тренинзите, во ред е да не го миете лицето воопшто.

Важноста на нежното чистење

Покрај честотата на миење на лицето, дерматолозите го нагласуваат значењето на користењето благо и хидратантно средство за чистење. Агресивните активни состојки ја одземаат природната влажност на кожата, а тоа доведува до иритација и потенцијално долгорочно оштетување. На пазарот има голем избор на нежни тоници за чистење и миење лице и мицерални води кои се базираат на природни органски состојки и масла. Добра тактика е да одберете производ без мирис и сулфати за да го минимизирате ризикот од кожни иритации.

Некои жени практикуваат да го мијат лицето само со вода, но водата не е доволна за да ги разложи нечистотиите, себумот или шминката.

Колку долго треба да го миете лицето?

И сами знаете колку е тешко да се отстрани кремата за сончање, шминката или што било друго од лицето за само неколку секунди. Но, една минута е сосема доволна за нежно да ја триете и масирате кожата, движејќи се сè до линијата на косата, за да ја отстраните нечистотијата.

Ако правилото за миење на рацете е најмалку 20 секунди, а имате малку поголема површина за третирање на лицето, неопходно е да посветите околу 20 секунди на секоја област – образи, брада, чело, нос. Ако не можете да се заморувате со бројки, само направете лесни кружни движења од носот кон образите, па нагоре и надолу преку целото лице, кон челото, ушите и вилицата.

При миење на лицето користете ги само прстите. Луфата или крпата за миење не се соодветни за секојдневна употреба, туку само за пилинг кој се препорачува еднаш неделно. Исто така, користете млака вода, бидејќи таа најмногу ѝ годи на кожата и ги отвора порите.