Доењето е најкорисен метод за нормален раст и развиток на детето. Но, речиси 2 од 3 деца не уживаат во ексклузивно доење во текот на препорачаните 6 месеци– ваквиот рејтинг не се подобрил цели две декади, тврди СЗО. Одлуката, дали бебето ќе биде доено или ќе го стартува животот со адаптирано млеко, е личен избор на мајката – нешто за кое не треба да се коментира, туку мирно и културно да се прифати и почитува. Но, бидејќи е во пораст бројот на жени кои одбиваат да дојат, одлучивме оваа статија да ја посветиме на научно докажаните бенефиции од доењето и да ги срушиме оние модерни уверувања дека доењето е тешко, комплицирано и го бираат помалку образованите жени.
Само 41 % од бебињата помали од 6 месеци се на ексклузивно доење.
БЕНЕФИЦИИ ОД ДОЕЊЕ ЗА БЕБЕТО
1. Мајчиното млеко обезбедува идеална порција хранливи материи
Мајчиното млеко содржи сѐ што му е потребно на бебето во првите 6 месеци и тоа во соодветни количини. Неговиот состав се менува во согласност со потребите на бебето, особено во првиот месец.
Првите денови по породувањето, градите продуцираат густа и жолтеникава течност наречена колострум. Колострумот изобилува со протеини и низа хранливи материи – чудотворна храна која не може да ја замени ниту една формула.
Колострумот е идеално стартно млеко за бебето, бидејќи помага да се развие незрелиот дигестивен систем на новороденчето. После неколку дена, градите почнуваат да создаваат поголеми количини млеко – следејќи го растот на бебешкото стомаче.
Единствено нешто што недостасува во оваа чудотворна напивка е витаминот Д и затоа се препорачува суплемент во вид на капки.
2. Мајчиното млеко содржи важни антитела
Мајчиното млеко изобилува со антитела кои му помагаат на бебето да се избори со вирусите и бактериите – клучно во раните, нежни месеци. Ова особено важи за колострумот кој содржи високи дози на имуноглобулин А и низа други антитела. Штом мајката дојде во контакт со вирус или бактерија, нејзиниот организам создава антитела кои одат во млекото, а преку млекото стасуваат до бебето. Ова е принципот по кој се креира почетниот имунитет на малечкото. Имуноглобулинот А го штити бебето од разболување, така што креира заштитен слој во неговото носе, грло и дигестивен систем.
3. Доењето го намалува ризикот од болести
Станува збор за цела една листа болести како:
· Инфекции на средно уво, синуси и грло и откако бебето ќе порасне.
· Инфекции на респираторниот тракт и гастроинтестинални акутни заболувања.
· Настинки, особено при ексклузивно доење 6 месеци.
· Синдром на ненадејна детска смрт.
· Алергиски заболувања како астма, атопичен дерматит и егзема.
· Цревни заболувања како Кронова болест и улцерозен колитис.
· Дијабетес1и 2.
· Детска леукемија.
Над 820 000 деца можат да бидат спасени секоја година, ако сите деца од 0-23 месеци се оптимално доени.
4. Мајчиното млеко обезбедува здрава телесна тежина
Доењето го намалува ризикот од детска гојазност. Една студија покажала дека доењето, не подолго од 4 месеци, ги намалува шансите бебето прекумерно да ја накачи телесната тежина. Истражувачите сугерираат дека ова се должи на различните бактерии во стомакот – бебињата на мајчино млеко имаат повеќе корисни бактерии. Исто така, кај нив се забележува повеќе лептин, за разлика од бебињата кои се хранат со адаптирано млеко. Лептинот е клучен хормон за регулирање на гладот и масните резерви.
Доените бебиња сами регулираат колку јадат – тие цицаат додека да го задоволат гладот. На овој начин, создаваат здрави навики уште од најмала возраст.
5. Доењето ги прави децата попаметни
Некои студии сугерираат дека има разлика во развојот на мозокот помеѓу децата на мајчино млеко и оние на адаптирано. Разликата најверојатно се должи на физичкиот контакт, контактот со очи, самата интимност на чинот на доење и ,секако, на хранливите материи.
Студиите индицираат дека доените деца се поинтелигентни и помала е веројатноста да имаат проблеми со однесувањето или да имаат потешкотии со учењето кога ќе пораснат. Сепак, најзабележливи ефекти се забележани кај предвремено родени деца, кои имаат поголем ризик од развојни проблеми.
Истражувањата јасно покажуваат дека доењето има значајни и долгорочни ефекти врз развојот на мозокот кај бебињата.
Глобално, 3 од 5 бебиња не се доени во првите часови од нивниот живот.
БЕНЕФИЦИИ ОД ДОЕЊЕ ЗА МАЈКАТА
6. Доењето го забрзува намалувањето на телесната тежина
И додека некои жени ја зголемуваат својата телесна тежина додека дојдат, има и такви кои слабеат без никаков труд. При доење секако се согоруваат калории, а после 3 месечна лактација ќе забележите зголемено согорување на мастите во споредба со мајките кои не дојат. Но, да бидеме реални, разликата не е многу голема.
7. Доењето ги поттикнува контракциите на матката
Во текот на бременоста, матката расте – од големина на круша, стасува колку лубеница – пополнувајќи го речиси целиот простор на абдоменот.
После породувањето, матката поминува низ процес наречен инволуција или враќање во нејзината оригинална големина. Окститоцинот, хормонот кој се покачува во текот на бременоста, го води целиот овој процес. Телото лачи големи дози на окситоцин во текот на породувањето со цел да го олесни самиот чин, но истовремено и да го редуцира крвавењето. Тој помага и да се поврзете со своето малечко.
Окститоцинот се покачува и во текот на доењето, овие зголемени дози се во служба и на матката, под нивно дејство таа контрахира, постепено враќајќи си ја својата големина. Студиите покажуваат дека мајките кои дојат, генерално, помалку крвават после породување и ја забрзуваат иволуцијата на матката.
8. Мајките кои дојат имаат помал ризик од депресија
Постпородилната депресија е тип на депресија која се развива веднаш после породувањето. Жените кои дојат имаат помали шанси да развијат постпородилна депресија, во споредба со мајките кои не дојат, се вели во една студија од 2012.
Од друга страна, оние кои страдаат од постпородилна депресија веднаш после породување, имаат потешкотии да дојат или дојат краток период. Затоа, ако забележите какви било симптоми, појдете на доктор што побрзо, за да не се случи во меѓувреме да останете без млеко.
9. Доењето ги намалува ризиците од болести
По сѐ изгледа доењето нуди долготрајна заштита од рак и низа други заболувања. Целокупното време посветено на доење се поврзува со намалување на ризикот од рак на гради и јајчници. Жените кои дојат имаат намален ризик да заболат од:
· Висок крвен притисок.
· Артритис.
· Покачување на масти во крвта.
· Срцеви заболувања.
· Дијабетес тип 2.
10. Доењето го одложува менструалниот циклус
Доењето ја паузира овулацијата и менструацијата. Тоа е начин на кој природата се грижи за женското тело, оставајќи му простор да закрепне, а плус и да обезбеди пауза меѓу две бремености. Оваа промена е навистина добредојдена за тазе мајките кои одеднаш имаат премногу обврски и грижи. Но, имајте на ум – доењето не ве штити од забременување!
11. Доењето ќе ви заштеди време и пари
Доењето нема да ве чини ни денар, добро, освен што ќе треба да набавите пумпа за измолзување и да се храните здраво. Ако одлучите да доите, нема да треба да:
· Купувате адаптирано млеко.
· Да водите сметка колку млеко му давате на бебето.
· Да ги миете и стерилизирате шишињата.
· Да подготвувате млеко сред ноќ.
· Да смислувате стратегии како да го загреете млекото кога сте излезени.
Млекото што го произведуваат градите е спремно за консумирање во кое било време и на кое било место!