Зошто туѓиот неуспех има сладок вкус?

Зошто туѓиот неуспех има сладок вкус?

Едно е да се трудите да се радувате на нечиј успех, но нешто сосем друго е да уживате во нечиј неуспех – емоцијата што никој нема храброст да ја признае.

Вашиот брат заглави во долгови, а вие сте среќни поради тоа? Можеби зборот „среќа“ е силен, но несомнено ви дојде убаво да чуете дека човекот кој ве исмејуваше поради тоа што малку заработувате, дојде ред од вас да бара заем. А онаа пријателката чиј сопруг ја изненадува без повод? Епа, овој пат ја изненади со неверство, а вам ви дојде убаво на душичката поради тој факт. Зошто? Бидејќи во секоја прилика таа, неосновано, го оценуваше вашиот сопруг за најневнимателен. Бегајќи со чантата во рака, крадецот падна и си ја скрши раката. Небаре беше неизбежно, извикавте: „Е, арно ти е!“
Драги читатели, ова можеби се измислени приказни, но ќе се согласите дека сите некогаш сме се нашле во ситуација да се ситиме на туѓата мака. Да, тешко е да го признаеме тој факт и токму затоа постојат многу малку истражувања за овој феномен кој, инаку, е потполно човечен и природен.

Германците ваквата појава ја нарекуваат schadenfreude(„schaden“ што во превод значи – да наштети и „freude“што во превод значи – радост), со цел да го опишат задоволството поттикнато од туѓата мизерија. „Ваквото чувство со сигурност е колективно, се јавува во секоја култура и оттука произлегуваат сите различни зборови и фрази со кои народите се обиделе да го опишат,“ објаснува Tiffany Watt Smith, историчар и автор на Schadenfreude:The Joy Of Another’s Misfortune. Кај французите фразата гласи „joie maligne“ – ѓаволско задоволство предизвикано од страдањето на другите;во Јапонија, фразата во превод гласи: „туѓата несреќа е слатка како мед“. Како би гласела кај нас? Ситење на туѓата несреќа?

Сеедно е како ќе ја наречеме, она што е сигурно е дека ваквата емоција постои и истата извира од исто место – од потребата да се споредуваме едни со други. „Споредувањето е втемелено во нашата поствест,“ објаснува Watt Smith. Луѓето се споредувале уште од времето на племенското општество кога се натпреварувале за храна и засолниште. Па, оние што биле поуспешни во тоа, се издигнувале над другите. Во 2021 можеби не се натпреваруваме за храна, но и тоа како се натпреваруваме со низа материјални добра поради кои споредувањето е процес кој е постојано во игра. Колку и да е неважно што на некој тотален странец, што го следите на социјалните мрежи, му изгорело јадењето, вашиот мозок тоа го гледа како шанса за издигнување и поентирање.

СИТЕ СЕ СИТИМЕ
Ако се вратиме на примитивното доба, дури е добро што луѓето се споредувале едни со други, бидејќи на тој начин го задржувале оној порив да се издигнуваат над другите. Затоа и човештвото стасало толку далеку, зарем не? Но, кога денес не постои мотив за преживување со кој би го оправдале ситењето на туѓиот неуспех, станува малку чудно и општествено неприфатливо да признаеме дека имаме такви чувства. Истражувањата во кои им бил скениран мозокот на учесниците, потврдиле дека ова чувство не само што постои, туку луѓето го чувствувале и тогаш кога тврделе дека не го чувствуваат. Во студијата од 2009-та, истражувачите од Јапонија поттикнувале завист кај учесниците така што им кажувале дека нивните соседи го купиле авотомбилот од нивните соништа; потоа се обиделе да поттикнат ситење кај нив, кажувајќи им дека истите соседи го срозиле автомобилот во сообраќајка. „Колку поголемо задоволство чувствуваа поради нешто лошо, толку поголема активност забележувавме во делот од мозокот одговорен за награда,“ објаснува д-р Dean Mobbs,ко-автор на студијата. Што значи, кога колегата кој секогаш ве прекинува додека зборувате на состаноците, ќе добие отказ, се активира истата регија во мозокот како кога некој ќе ви купи ѓеврек за појадок.

Студијата исто така покажала дека колку повеќе завист почувствувале учесниците во однос на соседите кои се подновиле со Ферари, толку поголемо било задоволството кај нив кога чуле дека од Ферарито останало само една смачкана лименка. Но, ситењето на туѓата несреќа не е засилено само од чувството на завист. „Човекот се сити повеќе ако има нешто што кај другата индивидуа го гледа како закана,“ вели д-р Mobbs. „Тие закани се многу комплексни и луѓето најчесто не се свесни за нив. Во однос на примерот со соседот кој има нов автомобил, заканата се однесува на вашиот статус кој паѓа подолу или на вашите уверувања и систем на вредности.“

СЛАТКА ОДМАЗДА
„Си го заслужи тоа!“ – најчестата фраза која го прати чувството на ситење. Токму поради неа, студиите велат дека чувството на ситост е другар на правдата, слатка емоција која ќе ви остави горчлив вкус во устата. Но, штом сфатат дека некому се ситат, луѓето во истата секунда се чувствуваат засрамено и нечовечно.
„Доживувајте ја оваа емоција како знак за предупредување,“ вели клиничкиот психолог д-р Jessamy Hibbered. „Таа всушност е аларм за вашите несигурности. Признајте си го тоа за да заклучите што е она што му недостасува на вашиот живот и делувајте!“

Да се вратиме на примерот од погоре…задолжувањето на вашиот брат ве усреќи, бидејќи ви пружи утеха дека не сте сами, дека не сте единствени со финансиски проблеми меѓу луѓето што ги знаете. Но, бидете доволно мудри за да преземете нешто околу тоа, можеби да побарате нова работа или да се дообразовате.
„Ситењето на туѓата несреќа во суштина е само мисла,“ објаснува д-р Hibberd. „Луѓето помислуваат на сѐ и сешто во текот на денот. Затоа, многу поважно е што правите со мислите што ви поминуваат низ глава. На какви активности ве поттикнуваат – токму тоа ве дефинира како индивидуа.“