Одглавете се себеси Статус кво – реалност или состојба на умот?

Одглавете се себеси Статус кво – реалност или состојба на умот?

Статус кво или психолошки феномен кој прави луѓето да се чувствуваат комфорно кога се на познат терен – дури и кога ситуацијата е непријатна и непосакувана. Од овие причини, луѓето остануваат заглавени во несреќни бракови или на работни места кои не ги исполнуваат. Се пронајдовте? Дали постои можност да се симнете од автомобилот пуштен во лер? Еве неколку ЗА и ПРОТИВ кои ќе ви помогнат цврсто да го фатите воланот.

ЗА ПОЗИТИВЕН СТАВ КОН СОНИШТАТА
Негувајте го ентузијазмот, замислувајте и навидум невозможни сценарија за тоа како би изгледал вашиот живот доколку ја остварите замислената цел за која, наводно, немате храброст. Патем, не заборавајте да се забавувате, бидејќи само така ќе стасате до целта порано отколку што претпоставувавте.

ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ КОНКРЕТНИ АКТИВНОСТИ
Ако сонувате за нова работа, одвојте триесеттина минути за да ја дополните вашата автобиографија (CV).Сакате да станете подобри во јога? Совладајте ја позата „поздрав на сонцето“ (вид јога вежба). Со овие ситни чекори ќе го намалите притисокот кој ве заглавил во комфорноста, и ќе почувствувате мало позитивно ветре во грб.

ПРОТИВ СПОДЕЛУВАЊЕ НА СОНИШТАТА СО ЈАВНОСТА
Да бидеме реални, сѐ поретки се луѓето кои ќе ве охрабрат во мисијата да го остварите замисленото. Поголемиот број, ќе ве бомбардираат со сите можни лоши исходи и на тој начин ќе ве турнат во бездната од која таман се осмеливте да ѕирнете. Ако имате потреба од поддршка, убаво размислете која личност во вашиот живот знае да ја укаже, а патем знае и да слуша и да критикува искрено. На останатите, едноставно сервирајте им го успехот, ништо повеќе. Во случај да не успеете (иако мала е веројатноста за тоа), ќе ви биде полесно да го пребродите тој факт во тишина отколку одговарајќи на прашањата од другите.

ПРОТИВ ИДЕЈАТА ДА СЕ ОПСЕДНУВАТЕ СО ИСХОДОТ
Честопати се прашуваме себеси, „Каде сакам да бидам?“ Наместо да се запрашаме, „Како сакам да се чувствувам?“ Сменете го фокусот за да се ослободите од она исчекување во страв, за тоа како нештата ќе се одвиваат. Ваквиот став полесно ќе ве турка низ сите предизвици и ќе ве поттикне да чувствувате радост и благодарност дури и кога она што го посакувате, сѐ уште не е дојдено.