Доволно е да го напишете нејзиното име на Google,за Википедија да ви го откриeбогатиот животопис на Илина. Во периодот од 2006-2016, успева да искачи пет од седум највисоки врвови, на пет различни континенти. Во 2013, по повеќемесечна подготовка, Илина Арсова станува првата жена Македонка која се искачува на Монт Еверест. Како ликовен уметник реализира 15 самостојни изложби во Македонија и во странство, а учествува на истакнати групни изложби и биеналиња. Во меѓувреме, ја издаде својата прва книга „Планинарење“. Креираше и продуцираше краткометражен серијал „Ова е нејзината приказна“ во режија на Игор Христов, каде ги овековечи приказните на неколку балкански хероини од авантуристичките спортови. Создаде пакетче разгледници со наслов „Дневник на моите височини“ – репродукции на нејзините дела инспирирани од планините, со кратко објаснување за нивното потекло. Нејзината борба за заштита на природата и моралните вредности, особено меѓу младите, активна е до
ден-денес. Се чини дека оваа дама не застанува и навистина е за восхит сето она што го има постигнато толку млада. Но, уште поголемо воодушевување предизвикува нејзината приземност, искреност и човечност, кои се чувствуваат и меѓу зборовите што ги сподели со нас.
Социјалните медиуми ни овозможуваат да ѕирнеме во животот на навидум обичните жени. Кога човек ќе ѕирне кај вас, е тука има што да види! Свесни ли сте за позитивното влијание што го имате врз луѓето? Верувате дека ваквата транспарентност ќе има моќ да ги врати во општеството загубените вредности?
– Ви благодарам за убавите зборови и се радувам ако навистина можам позитивно да влијаам врз другите. Она што во текот на животот ме направило цврста и одлучна е спортот, затоа и гласно го препорачувам секому. Со формирањето на здрава и спортска нација, како што некогаш сме имале, несомнено дека ќе имаме посреќни и повеќе исполнети луѓе. За таа цел не само што се потребни домашни идоли, туку и зајакнување на самодовербата кај луѓето, особено кај понежниот пол. Прифаќањето на себеси и на околината со сите доблести и мани, соочување и подобрување на состојбите. Како позитивна промена, забележувам дека луѓето повторно се насочуваат кон сопствените предизвици и соништа (наместо на оние на комшијата). На тој начин тие си дозволуваат да се надградат и пораснат до степен кој ги исполнува и ги прави среќни. А, кога ние сме среќни, полесно е да правиме промени околу нас. Таа промена несомнено ќе се одрази и на општеството. Имено, луѓето со својата активност и делување го обликуваат општеството.
Се вели дека жените се повеќе склони кон „мултитаскинг“, за разлика од мажите кои почесто се губат меѓу повеќе работи истовремено. Јас практикувам паралелна активност за одредени работи и на тој начин си наоѓам нови предизвици. Сепак, треба да бидеме внимателни да не се распнеме премногу, па да не можеме да го довршиме она што сме го започнале.
Секако дека има работи што не знам да ги правам, но и во нив наоѓам предизвик. Не би рекла дека тоа е готвењето, но, еве на пример, сметам дека не сум вешта во ниту еден спорт со топка, (освен пинг-понг), ниту пак имам какви било музикални предиспозиции.
Интересно е дека во моментот кога ќе си признаете дека во нешто не сте добри, или дека може и подобро, веднаш отворате цело пространство можности за истото да се научи.
Додека студирав на ФЛУ, професорот нѐ учеше дека само 1 % е талент, останатото е работа. Што значи дека речиси сѐ може да се научи!
Затоа, ве молам, не бидете од оние кои мислат дека знаат сѐ, бидејќи секојдневно губите стотици можности да научите нешто ново!
Со здрава и спортска нација, како што некогаш сме имале, несомнено дека ќе имаме посреќни и повеќе исполнети луѓе.
Колку луѓето се свесни дека вашиот успех е двојно поголем само затоа што доаѓате од Македонија? Дека вие сте всушност хероина поради тоа што во ниту еден миг не се откажавте од својот сон и покрај недостигот од материјална и морална поддршка?
–Точно е дека потеклото и средината во која живееме може да не поттикне или да не назадува во подвигот. Дефинитивно чувствувам дека во Македонија е многу тешко да се напредува. Моите успеси честопати беа повеќе ценети на други места во светот. Вистина е и дека во 2013 година кога народот и медиумите ме доживуваа како „национална хероина“, јас одев автостоп до Охрид, немајќи пари ни за автобуски билет. И покрај огромната поддршка од семејството, ми беше непријатно да барам пари на 30-годишна возраст. Токму тие работи можеби ме направиле да бидам уште посилна.
Мора да го прифатиме фактот дека потеклото не зависи од нас и истото не може да го промениме. Можеме да ја промениме мислата, кога сме наклонети кон „самоутеха“ си велиме: „Со оглед на тоа од каде доаѓам, мојот резултат воопшто не е лош“, или пак кога сме повеќе критички настроени и си велиме: „Ова не е ништо во споредба со светот.“ Не е во ред да се „вадиме“ на потеклото, без вистински да се потрудиме да оствариме нешто.
Освен да ги качувам планините, кои чувствувам дека ми се многу блиски, сакав да ги донесам светските практики и да придонесам кон напредок во моите области на делување. Навистина не е лесно да се работи со луѓе кои „знаат сѐ“ додека потајно сакаат да си наштетат еден на друг. Сепак, верувам дека резултатите ќе бидат видливи по неколку години.
Практиката покажува дека секој од нас, секоја индивидуа има моќ да предизвика промени. Додека бев повеќе ангажирана околу еколошкиот активизам, ја сожалував екстремно ниската свест на луѓето кои ми велеа: „Зарем јас и ти ќе го спасуваме езероно?“ – Секако дека ДА, повторував, ние ќе почнеме, па други истомисленици ќе се придружат. Секоја промена треба од некаде да почне. Еден дрзок комшија еднаш ми рече: „Ех, девојко, знаеш ли јас што имав постигнато на твои години? Си отидов од државата!“ – „Епа, јас се вратив“ – кусо му одговорив.
Колку ве нервира што попрво луѓето ги интересира да дознаат сѐ за вашата врска со Игор, отколку за вашите успеси?
– Ова прашање понекогаш ме загрижува, особено ако се навратиме на почетокот на ова интервју каде тврдам дека човек единствено може да биде среќен и исполнет кога ќе ги задоволи сопствените соништа и потреби, а во тој случај сме презафатени со сопствената мисија што немаме многу време да гледаме во животите на другите. Не ми пречи тоа што на некој начин ја забавуваме македонската публика и ги храниме медиумите со нашата реална приказна, но ми пречи тоа што оние вредности за кои зборувавме на почетокот, изгледа дека се навистина заборавени.
Дали балансот е вашата движечка сила и клуч за вашиот успех?
– Пред сѐ, би рекла самодисциплина. Не секогаш ќе имаме мотивација и инспирација, но тоа не е изговор да не седнеме пред празното платно и да почнеме со сликање. Исто така, сметам дека е важно човек да биде флексибилен во однос на сопствените амбиции и да знае да се задоволува со помалку. Така ќе може да биде среќен и во средина која навидум е пореметена од онаа што ја посакува, да умее да најде нешто интересно во различни области. Тоа го правам јас во моментов, се задоволувам со компромиси на неколку полиња, што не е сосема спортски, но е човечки. Благодарение на љубовта кон природата во сите свои форми, умеам да уживам и во реката и во езерото, исто колку и во карпите и планините, кои сѐ уште ми се омилени.
Колку Ковид-19 беше лекција за вас, што добро ви донесе, а што лошо?
Беше голема лекција, борба со сопствениот немир. Насочување кон себеси и кон работите за кои никогаш сум немала време… односно така велиме за сите работи кои во моментот не ни се приоритет. Честопати слушам домаќинки со заробени соништа, со однос како да работат за бордот на директори на Светска Банка, „Немам време за ништо“ – ќе речат. Воопшто не ги оправдувам и дури ги карам ако умеат да ме разберат. Секој има барем половина час дневно што може и треба да си го посвети себеси. Тоа е најважно. Сетете се кога патувате со авион и кога стјуардесата ги кажува безбедносните мерки: „Прво заштитете се себеси, а потоа оној до вас!“ Така и за амбициозните домаќинки целосно посветени на домот, ако вам нешто ви фали, тоа апсолутно ќе се одрази на домот.
На што работите во моментов?
– Пишувам, работам на илустрации за книга, на ликовното творештво, на дистрибуција на книгата која веќе ја издадов… односно се снаоѓам. Како и сите во ова време. Како туристички работник, мојата област беше една од најзагрозените за време на пандемијата. Благодарение на оној „мултитаск“ кој го спомнавме погоре, успеав да егзистирам без поголеми тешкотии. Со голема љубов и посветеност ги споделувам моите приказни на мотивациски говори, а чекам подобри времиња за да продолжам со редовните едукативни настани за млади како што е организирање спортски кампови и интерактивна настава во природа.
Колку јавноста е подготвена за уметност, да ја ужива, да ја препознава и да ја купува?
– Мислам дека уметноста назадува, како и општата култура, а допрва ќе назадува со промена на законот и намалување на часовите по музичко и ликовно. Ние сме земја која низ историјата сведочи висока естетика и уметност во чекор со светските трендови. Но, додека светот продолжи да оди напред кон современи трендови и минимализам, ние заглавивме во кич и турбофолк. Навистина тажно.
Не бидете од оние што мислат дека знаат сѐ, бидејќи секојдневно губите стотици можности да научите нешто ново!
Што сѐ тренирате за да ја одржувате формата неопходна за искачување?
– Зависно од физичкото здравје го менувам интензитетот на тренинг, но гледам да се одржам во форма. Оваа зима имам доста намалена физичка активност, можеби заради тоа што немам голем проект на повидок. Тешко ми е кога ги гледам сите мои пријатели како скијаат на планина, а јас свесно се дистанцирам со цел штедење на колената со кои имам сериозен проблем години наназад. Земам разни суплементи за превенција и надеж за подобрување на одредени состојби. Речиси 15 години интензивно се занимавам со високогорство, алпинизам, качување карпи и скијање на големи височини, па свесна сум дека ако сакам да продолжам со овие активности мора да бидам исклучително внимателна. Во спротивно, сметките ги плаќаме со сопственото здравје.
Лесно ли е човек да ве насмее? Што ве прави среќна овие денови?
– Да бидам искрена, гледајќи назад во сопствените фотоархиви, на планина секојпат сум насмеана. Таму некако како душата да ми се смее… Дури и кога ми студи или кога сум уморна и гладна. Денес помалку се смеам, но сепак се смеам во добро друштво, добар филм, добар виц.
Какво детство имавте, ви недостасува ли да сте дете понекогаш?
– Никако да пораснам. Постојано си размислувам на тоа, каде ќе живеам и што ќе работам кога ќе пораснам, иако одамна сум веќе порасната (се смее).