УПОТРЕБА НА ВИТАМИНИТЕ И МИНЕРАЛИТЕ
Земањето на витамини и минерали преку исхраната како таква, преку збогатената храна со витамини и минерали и, особено преку разни препарати и додатоци на исхраната предизвикува се поголем интерс на корисниците и медицинските работници. Во последните децении претставува цел на повеќе научни и стручни истражувања, кои треба да одговорат на најчесто поставуваните прашања:
- Дали исхраната ги задоволува потребите на организмот од витамини и минерали?
- Дали и кога треба да се земаат во форма на лековити препарати или додатоци на исхраната?
- Колку и како влијаат врз правилниот раст и развој на организмот?
- Дали влијаат на подобрувањето на состојбата при некои заболувања или состојби?
- Како да ја утврдиме потребата од земање на додатни витамини и минерали?
- Во која доза и колку често да се земаат?
- Дали прекумерното земање доведува до штетни последици и како се манифестираат?
Недостатокот од витамини и минерали често доведува до болест, но и прекумерното нивно внесување може да има негативен ефект.
Што претставуваат витамините и минералите?
Витамините и минералите се неопходни за здраво функционирање на организмот бидејќи учествуваат во различни биохемиски процеси. Организмот не може да ги синтетизира (освен Витаминот D )и затоа мора да ги внесуваме преку исхраната или како додатоци во форма на лековити препарати или додатоци на исхраната.
Нашиот организам најдобро може да ги искористи витамините и минералите од храната, односно од природните извори. Со разновидна исхрана се обезбедува внесување на сите неопходни витамини и минерали за нормален раст и развој на организмот.
Во случај на неправилна исхрана, како и при одредени заболувања или состојби при кои е попречена нормалната исхрана или постои зголемена потреба од витамини и минерали, се препорачува нивно внесување преку препарати и додатоци на исхраната, за да се задоволат потребите на организмот.
Својата функција во биохемиските процеси во организмот витамините ја извршуваат заедно со минералите, и недостатокот на било кој од неопходните витамини и минерали задолжително влијае и врз искористувањето и остварувањето на функцијата на постоечките.
Некои диети може да доведат до недостаток од поедини витамини и олигоелементи. Така, диетата богата со протеини, а сиромашна со јаглени хидрати доведува до недостаток на витамин А, С, железо и калциум, а некои пак до недостаток на витамини од В комплексот и калциум.
Витамини
Витамините (на латински vita=живот) претставуваат комплексни органски супстанции кои природно се наоѓаат во растителниот и животинскиот свет и се неопходни во мали количини за метаболичките процеси во организмот.
Човечкиот организам не може да синтетизира ниеден витамин(освен витаминот D), така да е неопходно да се внесуваат преку исхарната за негово правилно функционирање
Витамините се делат во две групи:
1. Витамини растворливи во масти (A, D, E и K витамин) – можат подолго да се задржат и да се акумулираат во организмот, заради што треба внимателно да се земаат препарати со овие витамини за да не дојде до хипервитаминоза
2. Витамини растворливи во вода (витамин С, групата на витамини В, фолната киселина) – брзо се излачуваат од организмот и пократко се задржуваат во него, заради што треба да се внесуваат секојдневно со исхраната.
Витамините исклучително важни за функциите на организмот и за некои групи на пациенти е неопходно нивно вклучување како додатоци на исхраната.Такви се децата, повозрасните луѓе, лицата кои се на некоја диета, спортистите и лицата што се занимаваат со тешка физичка работа.
Така, кај бебињата се вклучуваат витамините А – за видот и D – за коските. Недостатокот од витамин D кај децата може да предизвика рахитис, а кај возрасните остеопороза. Витаминот В12 е важен за стварањето на еритроцитите и неговиот недостаток може да доведе до анемија. Витамините од В комплексот се добри за кожата, косата, ноктите, како и за периферниот и централниот нервен систем. На нашите простори ретко се јавува недостаток од овие витамини заради начинот на исхрана, но често се неопходни како додатоци на исхраната кај лица кои од некоја причина не ги примаат во доволни количини или имаат зголемена потреба од истите.
Mинерали
Минералите се носители на важни животни функции – од одржување на електролитниот баланс, до учество во биохемиските процеси. Некои од нив се потребни во позначајни количини (натриум, калиум, калциум и други), а некои во микро количини, скоро во трагови (селен, цинк, кобалт, бакар и други олигоелементи). Земањето на поголеми количини може значително да го наруши балансот во организмот и/или може да доведе до труње.
Функционираат заедно со витамините и најдобро се искористуваат земени преку исхраната. Во додатоците на исхрана се содржат во избалансирани количини согласно потребите на организмот.
Кога и колку се потребни додатни витамини и минерали?
Витамините и другите додатоци во никој случај не се форма или облик за замена на здрава исхрана. Секојдневното јадење брза храна нема да го надоместите земајќи додатни витамини и минерали. Добро балансирана исхрана и додатни витамини и минерали ќе ви помогнат да постигнете и одржите здрав начин на живот.
Прекумерната употреба на витамински и минерални додатоци во исхраната кај лица кои немаат недостаток може да има штетни ефекти. Заради тоа, на конзумирањето на витамински и минерални додатоци треба сепак да се гледа внимателно и да се следат советите на лекарот и фармацевтот.
Како ќе ви помогне фармацевтот?
Пациентите понекогаш земаат повеќе витамини и минерали од што им се навистина потребни, најчесто заради незнаење и неупатеност. Се случува да бараат повеќе препарати со ист или сличен состав и доколку ги употребуваат истовремено би земале преголема доза.
Тука е клучна улогата на фармацевтот кој е должен да ги запознае пациентите со составот, да ги предупреди за можната предозираност, да им советува кој од бараните препарати е најсоодветен за нивната состојба и детално да им го појасни начинот на употреба.
При искажаната потреба од земање на такви додатоци на исхраната, неопходно е лицата да се советуваат со лекарот и/или фармацевтот, при тоа јасно наведувајќи ги лековите кои веќе ги примаат.
Проф.Д-р Бистра Ангеловска