Усната хигиена е есенцијален дел од доброто здравје. Пациентите кои имаат дијабетес многу почесто имаат проблеми во усната шуплина, во споредба со останатите пациенти. Затоа, доколку имате дијабетес и сакате да ги избегнете компликациите во усната шуплина кои тој ги предизвикува, грижата за усното здравје е исклучително важна. За почеток морате да го известите вашиот стоматолог дека имате дијабетес, бидејќи е потребно третманите да бидат приспособени на вашата состојба и, секако, потребно е вашиот доктор да ве едуцира како најдобро да ги избегнете компликациите од дијабетесот.
Кои промени се случуваат во усната шуплина кај пациентите со дијабетес?
Дијабетесот е системска болест која е проследена со покачено ниво на шеќер во крвта. Доколку дијабетесот не е лекуван, односно доколку количината на шеќер во крвта не е контролирана, се појавуваат промени во органските системи, па дури и во усната шуплина. Една од главните промени е намалување на количината на плунка во устата, што води до ксеростомија или сува уста. Количината на шеќер во плунката е зголемена, pH нивото на плунката е намалено, а количината на калциум во неа е зголемена. Сите овие промени предизвикуваат проблеми во усната шуплина.
Намалената количина на плунка кај овие пациенти оневозможува самочистење на забите. Храната подолго се задржува во устата, каде започнува да се распаѓа и со тоа создава уште покисела средина. Јаглехидратите се исто така храна за бактериите кои со нивна помош растат и се размножуваат, а киселината која ја создаваат ја деминерализира глеѓта и со тоа го создава кариесот. Во прилог на сето ова е и зголемената количина на шеќер во плунката кој исто така е храна за кариогените бактерии и намаленото pH ниво на плунката. Тоа значи дека пациентите со дијабетес во голема мера се повеќе подложни на кариес. Затоа овие пациенти мораат да бидат свесни за својата состојба и да водат уште повеќе грижа за усното здравје. Забите треба да ги мијат по секој оброк. Треба секојдневно да употребуваат конец за заби. Исхраната треба да биде приспособена и треба да избегнуваат слатка храна и пијалаци. Устата често треба да ја плакнат со вода. Посетите на стоматолог треба да се почести од вообичаено, односно барем еднаш на шест месеци, со тоа ќе се избегнат секакви поголеми интервенции и кариозните лезии ќе бидат санирани во рана фаза.
Најчеста причина за непријатниот здив или халитоза е лошата усна хигиена, пародонтопатијата и болестите на непцата, кариозните и гангренозни заби. Меѓутоа, кај пациентите со дијабетес постои и системски причинител на непријатниот здив. Бидејќи организмот на овие пациенти има проблем да создава енергија од јаглехидратите, наместо нив ги претвора мастите во енергија. Во овој процес како нуспродукт се ослободуваат кетони, поради кои дијабетичарите понекогаш имаат здив кој мириса на ацетон. За да ја избегнат оваа непријатна состојба на лош здив, пациентите со дијабетес треба да се погрижат, пред сé, да имаат контролирано ниво на шеќер во крвта, да избегнуваат слатка храна и засладени пијалаци и, секако, бескомпромисно да одржуваат добра усна хигиена.
Зголеменото ниво на шеќер во крвта и во плунката, намалениот имунски систем и сувата уста кај пациентите со дијабетес се идеални услови за развој на кандидијаза. Тоа е габична инфекција предизвикана од габата Candida Albicans. Инаку, таа е жител на сите слузници во човековото тело, меѓутоа кога премногу ќе се размножи ја нарушува рамнотежата на нормалната флора и предизвикува инфекција. Кандидијазата се појавува како бели островца на јазикот и слузниците кои не можеме да ги отстраниме. Доколку се обидеме да ги отстраниме, слузницата под белите наслаги може да закрвави. Неретко пациентите се жалат на непријатниот и горчлив вкус во устата. Често кандидијазата е проследена и со црвени испукани агли на устата – хелитис. Ова е уште една причина зошто пациентите со дијабетес мораат да имаат одлична усна хигиена. Препорачливо е миење на забите по секој оброк. Доколку пациентот има протетички надоместоци, протези, потребно е тие темелно да ги измие по секој оброк. Потребно е често навлажнување на устата и плакнење со вода. Корисни се и усните води кои не содржат алкохол бидејќи тој дополнително ја иритира слузницата. И секако, чести посети на стоматолог. Во случај кога кандидијазата веќе настанала, терапијата е со антимикотици.
Ана Кртолица-Георгиев,
д-р дент. мед.