Последните дваесетина години сè почесто се среќаваме со поимите „слободни радикали“ и „антиоксиданси“, и тоа најчесто во теми поврзани со нашето здравје, исхраната и со современите заболувања. Можеби буквалното разбирање на термините и не е толку важно. Значењето на овие структури и нивната улога по нашето здравје е тема која заслужува посебно внимание.
Слободни радикали
Слободните радикали не се нешто невообичаено. Тие се во постојан циклус на создавање и неутрализирање во организмот преку еден сложен метаболистички и хемиски процес. „Проблемот“ настанува кога циклусот на создавање на слободни радикали е побрз и поголем од способноста на организмот да ја „заврши работата“ на неутрализација. На овој начин во организмот се јавуваат „вишок“ слободни радикали. Ова посебно се истакнува кога организмот е во состојба на континуиран или силен стрес, зголемена физичка активност, неправилна исхрана и специфични надворешни влијанија (изложеност на дејство од пестициди, издувни гасови, загаден воздух и сл.).
Во состојба на вишокот слободни радикали, во организмот се создаваат услови за оштетување на телесните клетки, па дури и нивно пропаѓање и изумирање, што води кон развој на посериозни заболувања. Така, многу заболувања на крвните садови, нервите, срцето, па и развојот на малигни заболувања директно се поврзува со активноста на слободните радикали.
Клеточните структури први на удар
Слободните радикали преку сложен процес вршат оштетување на целата клеточна градба, но главниот проблем настанува кога разорното дејство на слободните радикали го оштетува генетскиот материјал односно ДНК структурата. Овие промени во генетската градба водат кон натамошна мутација на клетките и развој на малигни клетки и ткива.
Преку овој процес на пропаѓање и изумирање на клеточните структури, слободните радикали директно се поврзуваат и со процесот на стареење на организмот.
Влијанието на слободните радикали е особено изразено при хронични заболувања кога од примарно значење е нивното „држење под контрола“ со цел да се спречи евентуалното оштетување на здравите клетки.
Потенцијални извори
-
загаден воздух
-
цигари
-
радијација
-
предолга изложеност на штетно сончево зрачење
-
хербициди и пестициди
-
некои видови храна
-
адитиви и конзерванси во исхраната
-
лекови и дрога
Како да се справиме?
Делото на „мајката природа“ во борбата против слободните радикали е отсликано во создавањето илјадници различни супстанции кои се нарекуваат антиоксиданси и чија примарна улога е да нè заштитат од штетното влијание на слободните радикали!
Антиоксидансите во организмот делуваат на неколку начини:
-
оневозможуваат создавање нови слободни радикали, односно го одржуваат балансот
-
го уништуваат вишокот создадени слободни радикали
-
ги регенерираат оштетените клетки настанати од ефектите на слободните радикали.
Како до антиоксиданси?
Најбогат извор на антиоксиданси се овошјето и зеленчукот поради богатството од витамини, минерали, биофлавоноиди и микроелементи кои, во суштина, ја сочинуваат и групата на антиоксиданси.
Меѓу најпознати антиоксиданси се витаминот А, Ц и Е, а од минералите приматот го носи селенот.
Препорака:
За да ги искористите антиоксидансите во полна сила, консумирајте го овошјето и зеленчукот свежо или варено на пареа!
Чинија полна со овошје и зеленчук = чинија полна со антиоксиданси
Не постои лош избор на овошје, но овошје кое особено изобилува со антиоксиданси е:
боровинка, брусница, јагода, малина, капина, слива, грозје, цитрусни овошја (лимон, портокал, мандарина, цитрон, киви), црвено јаболко итн.
Кај зеленчукот предничат:
доматот, морковот, спанаќот, тиквата, броколата, зелката, кромидот, лукот, авокадото итн.
Зачините како:
цимет, куркума, оригано, магдонос, босилек, кари, ѓумбир, бибер, коријандер, мајчина душица, нане, исто така се извор на антиоксиданси, па препорака е тие да бидат задолжителни во подготвувањето на вашите јадења!
Силно антиоксидантско дејство имаат и црвеното вино, зелениот чај, какаото, јаткастото овошје (ореви, лешници, бадеми во свежа состојба-непечени) и ладно цедените растителни масла (маслиново, лененово, сусамово, масло од тиква).
Цело едно царство на разноликост кое вклучува мешунки, јаткасти плодови, семки и житарки, сè со цел зачувување и подобрување на здравјето. Сепак, на врвот на пирамидата како најбогати со антиоксиданси би ги издвоиле:
Бобинкасто овошје: (јагоди, малини, боровинки, брусница).
Покрај прекрасниот вкус, ова овошје изобилува со антиоксиданси. Богато е со витамин Ц и други соединенија кои можат да помогнат во спречување на малигните и срцевите заболувања. Можат да се јадат свежи,замрзнати или во вкусен појадок со житарки и јогурт.
Шипка
Екстрактот од шипка има највисока доза на витамин Ц во споредба со кое било друго овошје или зеленчук. Чајот подготвен од шипка има трипати појака антиоксидантска моќ од црното вино и зелениот чај.
Брокола
Број 1 во споредба со другите зеленчуци по хранливост. Содржи повеќе витамин Ц од портокалите и има повеќе калциум од чаша млеко!
Лук
Се употребува како зачин во многу јадења, ги содржи витамините А, Б и Ц, јод, калиум, железо, калциум, цинк и магнезиум. Со векови се користи и како природен антибиотик, а успешно го намалува и крвниот притисок, холестеролот, а веќе покажува позитивни искуства и против вируси и габички.
Зелен чај
Се покажал успешен во спречување на малигни болести, срцеви заболувања и во намалување на нивото на холестерол во крвта.
Домат
Ова растение изобилува со ликопен, кое е моќно оружје во борбата против слободните радикали, а со тоа и со некои форми на малигни заболувања.
Активната борба против слободните радикали вклучува и активна промена на навиките за исхрана
-
Креирајте нова матрица на исхрана која ќе вклучува и ќе биде богата со оброци базирани на овошје и зеленчук. На овој начин ќе обезбедите внес на соодветни количини на антиоксиданси.
-
Избегнувајте консумирање на пржена, печена, брза и индустриски обработена храна. Со ваквиот вид исхрана не само што ќе бидете посиромашни со внес на антиоксиданси, туку ќе внесете и фактор плус за нарушување на внатрешниот баланс и поттикнување на создавање вишок слободни радикали.
-
Направете разумен избор за вашето следно мени!