САЛАТИ – зелен раскош за здравје и убавина

САЛАТИ – зелен раскош за здравје и убавина

Зелената салата е редовен придружник на нашите секојдневни оброци. Многу европски народи, како Шпанците, Португалците, па и Французите, речиси секој ден на својата трпеза имаат зелена салата, но не како прилог кон јадењето, туку како предјадење. Таквото предјадење од свежа салата е зачинето со големо гурманско знаењe и со креативност. Како зачини и додатоци се користат: маслиново, сончогледово или друго масло за јадење, јаболков, вински или друг оцет, лимонов сок, маслинки (зелени или црни), разни преливи од лук со магдонос, кромид, сенф, разни зачински билки, компир, цвекло, мешано месо.
Сето ова го потврдува големото значење на салатата како предјадење, па дури и како главно јадење. Карактеристичен пример е Цезар салатата.

ЗЕЛЕНА АПТЕКА

Салатата е вистинска мала зелена аптека. Богата е со минерали:

  • Калиум го јакне имунитетот и благотворно делува на нервите, бубрезите и срцето;

  • Калциум – делува против воспаленијата и од најголемо значење е за коските, мускулите и нервите;

  • Натриум – задолжен за регулирање на водата во организмот и за создавање на хлороводородна киселина во желудникот;

  • Витамин С – го штити организмот од настинка, грип, мозочен удар и превенира против појава на дијабетес тип 2;

  • Витамин Е – моќен природен антиоксиданс кој ги штити клетките од оштетувања и канцерогени процеси;

  • Витамини А и Б2 – корисни за очи, кожа и слузница, поради што ги нарекуваат и витамини на убавина.

Покрај овие витамини, содржи и фолна киселина, фосфор, железо, магнезиум, бакар, манган и цинк.

Во служба на здравјето

  • Зелената салата помага да се воспостави алкална рамнотежа во организмот, што води до зголемување на енергијата.

  • Важна состојка е фолната киселина која е клучна за многу процеси. Овој витамин дејствува против многу видови анемија, штити од остеопороза, а заедно со витаминот Б12, неопходен е за создавање нови крвни зрнца. Многу важен е и за жените во бременоста.

  • Зелената салата содржи и лактиум супстанција која има смирувачко дејство и поради тоа се препорачува за вечера во состојба на нервоза, напнатост, несоница и раздразливост.

  • Зелената салата е добра за срцето, затоа што витаминот Ц и бетакаротинот што ги содржи, го разложуваат холестеролот, што, пак, спречува формирање слоеви кај артериите.

  • Минералите во зелената салата помагаат во чистењето на организмот од токсини и ја одржуваат рамнотежата на киселините и базите. Оваа рамнотежа помага за поголема енергија, јасни мисли, добар сон и за блескава и убава кожа.

  • Зелената салата има низок гликемиски индекс и се препорачува во исхраната кај дијабетичари.

Ова вкусно зелено растение е богато со целулоза и растителни влакна кои влијаат на правилната работа на цревата и го олеснуваат варењето на храната. Делотворна е во лекување на хроничниот запек и безбедно и редовно празнење на цревата. Благодарејќи на овие особини, помага во одржување на оптималната тежина.

Зелено правило!
За зелената салата важи правилото: колку се позелени и потемни листовите, толку е поголема нејзината нутритивна вредност. Поради неупатеност, многумина ги отстрануваат првите, надворешните листови од салатата. Ова е погрешно бидејќи тие содржат двапати повеќе витамин С, во однос на внатрешните листови.

ХЛОРОФИЛ – зелено злато

Хлорофил – сончева енергија претворена во течност, една од најскапоцените состојки кои се внесуваат во организмот. Хлорофилот содржи големо количество кислород и затоа игра пресудна улога во одржувањето на добрите (аеробни) бактерии во нашиот организам.

Според бројните научни истражувања, речиси и да не постои заболување во чие лекување не може да помогне хлорофилот:

  • ги обновува клетките,

  • го зголемува бројот на црвени крвни зрнца,

  • го подигнува нивото на железото во крвта,

  • ја намалува киселоста во организмот,

  • ги неутрализира и ги исфрла отровите (токсините) од телото,

  • помага за јакнење на имунолошкиот систем,

  • ги прочистува црниот дроб и дебелото црево,

  • го регенерира кардиоваскуларниот систем,

  • го јакне видот.

Меѓу зеленчукот, најбогат со хлорофил е спанаќот, кој е вистински зелен шампион. За најдобро искористување, потребна е кратка термичка обработка бидејќи со продолженото варење доаѓа до големо губење на хлорофилот. Кога бојата на варениот зеленчук ќе помине од убава зелена боја во темномаслинеста, значи дека дошло до разложување на хлорофилот на помалку активни и корисни супстанции. За овој процес, доволно е само неколкуминутно варење во зовриена вода бидејќи по повеќе од 20минутно варење се губи дури 2/3 од хлорофилот.

Кога е време салатата да се зачини?
Што се однесува на зачините, важно е да се знае дека зелената салата треба секогаш да се меша и да се зачинува во последен момент, пред јадење, за да остане цврста и свежа.

КАКО ПРАВИЛНО СЕ МИЕ ЗЕЛЕНА САЛАТА
ПРВО, СЕ ОТСТРАНУВААТ СИТЕ ОШТЕТЕНИ ЛИСТОВИ, ПОТОА ЛИСТ ПО ЛИСТ, ВНИМАТЕЛНО И ДЕТАЛНО СЕ МИЕ СЕКОЈ ЛИСТ ПОД МЛАЗ ЛАДНА ВОДА. ИЗМИЕНИТЕ ЛИСТОВИ НАЈДОБРО Е ВЕДНАШ ДА СЕ КОРИСТАТ ИЛИ ДА СЕ СОЧУВААТ ВО ФРИЖИДЕР НАЈМНОГУ ЕДЕН ДО ДВА ДЕНА.

Видови салати на нашиот пазар

Во светот постојат преку 200 видови зелени салати, од кои кај нас се најпознати и најзастапени: путер салата путерка, кристалка, римска салата, ендивија, радич, рукола, матовилац и други.

ЦЕЗАР САЛАТА:

Потребни состојки:

Мала главица зелена салата,

½ бело пилешко месо, испечено или подготвено на скара, и исечено на ленти,

3-4 листа тенко сечена сланина панцета, пропржена без масло,

3 -4 лажици тостирани коцкички леб (може да се купат и готови),

4 чери домати,

1 лажица пармезан,

Прелив:

маслиново масло,

1 лажица сенф,

лимонов сок,

5 лажици јогурт,

малку мајонез по желба.

Приготвување:

На голема чинија наредете ја салатата сечена или кинета на парчиња, преку неа наредете ги лентите од пилешкото месо, одозгора наредете чери домат сечен на половинки. Преку тоа прелијте од преливот. Додадете ги тостираните коцкички леб, украсете со листови пармезан или посипете го пармезанот одозгора, а потоа украсете со листовите сланина.

Шарена салата.

450 г разни видови салата (зелена и црвена)

150 г млад кромид или влашец,

200 г печурки шампињони,

малку магдонос и босилек,

За прелив е потребно: лимонов сок или оцет, маслиново масло, 2 лажици сенф, сол и бибер.

Сите салати исечете ги на резанки, додадете кромид (влашец) и шампињони тенко сечкани. Сите состојќи за преливот се мешаат и се преливаат на салатата.

Зелена салата со свеж зеленчук
Во насечкани листови од зелена салата, додадете краставица сечена на тенки крукчиња, тенко сечена ротквичка, рендан морков, црвена и жолта пиперка и домат. Исечканиот зеленчук зачинете го со сол, бибер, малку маслиново масло и сок од лимон.

Зелена салата со пченка

Сварете една чаша пченка и оладете ја. Додадете зелена салата, кромид и домат. Зачинете со маслиново масло, лимон и сол. Можете по желба да додадете и некој друг варен зеленчук, како варен компир или грашок.