Преминот меѓу две годишни времиња многу често со себе носи и промени во нашиот организам. Карактеристичен е преодот од долгата зима кон пролетта, кога овие промени се манифестираат со намален имунитет, намалено ниво на енергија и концентрација, безволност и незаинтересираност кон секојдневните работни и животни активности. Ваквиот одговор на организмот е неможноста за брзо приспособување кон природните промени.
Покрај ова, честа причина за пролетниот или континуираниот хроничен замор може да биде и недостаток на важни нутриенти и елементи, како што е железото. Недостатокот на овој животоважен елемент, во продолжение може да доведе до дополнителна и проширена симпатологија која медицински се дефинира како анемија.
Зошто железото?
Железото е есенцијален елемент, директно вклучен во процесот на транспорт на кислород до клетките. Несоодветната исхрана, односно, исхрана сиромашна со железо, значително ќе ги намали резервите на железо во организмот, што неминовно ќе доведе до појава на први знаци на анемија. Токму ова е карактеристично за овој период од годината, кога е намалено внесувањето храна богата со витамини, минерали и железо.
Први знаци на анемија
- замор дури и при помал физички напор
- општа слабост и малаксаност
- губење концентрација и поспаност
- бледа кожа
- вртоглавици
- главоболки
Доколку станува збор за посериозна форма на анемија, тогаш симптомите се надополнети со срцебиење, нарушување на спиењето, тага и депресија.
Што е важно?
Да бидеме сигурни дека причината за ваквата состојба е само промена во начинот на исхраната?
Доколку симптомите за анемија траат подолго време и се резултат на други фактори, како што се: хронични крвавења, цревни нарушувања и други заболувања кои може да влијаат на ресорпција на железото, тогаш промената во начинот на исхраната е само еден од елементите за подобрување на состојбата.
Лекувањето на своја рака во вакви ситуации треба да се замени со стручна лекарска помош.
Како до подобра крвна слика?
Неспорно е дека зајакнувањето на железото и подобрувањето на крвната слика предизвикана токму како резултат на недоволно внесување на овој важен елемент, може да се направи со промени во начинот на исхраната. Доброто расположение и синтеза на витаминот Д од првото пролетно сонце ќе помогнат во решавање на пролетниот замор и анемијата.
Прошетка во природа, особено на планина, поволно делува при лекување состојби на анемија и недостаток на железо.
Подобро да се спречи отколку да се лекува
Најдобар лек за анемијата е нејзина превенција со внесување храна богата со железо, витамин Ц и со витамини од групата Б.
Појадокот можеби е и најважен кога е во прашање превенција од недостаток на железо. Обидете се да не го прескокнувате!
Истовремено намалете го внесувањето храна што влијае на ресорпција на железото, како што е кафето, црниот чај, засладувачи и рафинирани производи. Алкохолните и безалкохолните пијалаци, исто така, го инхибираат врзувањето на железото.
„Железни“ намирници
Воведете намирници кои можеби вообичаено не се на вашата трпеза.
- зеленчук и мешунки (спанаќ, коприва, брокола, грав, леќа, цвекло)
- суви овошја (грозје, сливи, кајсија, урми)
- јаткасти плодови и семиња (лешник, бадем, индиски орев, сусам, сончоглед, семки од тиква)
- житни производи (црн леб, просо, житарки, кафеав ориз)
- јајца и месо (во прв ред, црвено месо, црн дроб, риба и јајца)
За превенција и за лекување, корисни може да бидат и аронија, боровинка, црна рибизла, капина и соковите од нив.
Препорака
Освен поголемата застапеност на храна богата со железо, препорачливо е и дополнително внесување витамин Ц (лимон, портокал и сл.) за да се олесни и за да се подобри ресорпцијата на железото.
Исхраната може многу да помогне во лекувањето, но не треба секогаш да биде единствениот метод.
Коприва – оваа билка содржи големо количество железо, кое во најголем процент е застапено во листовите. Копривата е многу ефикасен „лек“ за лекување анемија, односно, се смета за фабрика на состојки (железо и витамин Ц), кои го стимулираат производството на црвените крвни зрнца. Свежи и сушени листови од коприва може да се користат за да се подготват различни чаеви, каши, чорби и салати.
Цвекло – консумирањето на цвеклото и свежиот сок од цвеклото се особено важни за луѓе кои се склони кон анемија. Препорачливо е неколку месеци да се пие по две чаши сок од цвекло дневно, за подобрување на крвната слика.
Глуварче – може да се консумира суво, за подготовка на чај или, пак, свежо, како додаток во салати.
Копар – можете да ги грицкате семките или да го користите како зачин, на пример, во подготовка на леќата.
Пивски квасец – со оброк или во салата, да се земе една лажичка пивски квасец на ден.
Подгответе го сами
Сок од портокал и лимон
Сокот од портокал и лимон, како и сите видови храна богата со витамин Ц, помага во апсорпција на железото. Пожелно е, при состојби на анемија, да се зголеми внесувањето на витамин Ц преку цитруси. Сокот од лимон може да се користи како додаток во салати од зеленчук (спанаќ и зелена салата), кои се богати со железо, или во оброци како што се леќа, грав, брокола, зелка.
Сок од домати, спанаќ и лук
Во блендер се става црвен домат, неколку листови спанаќ, чешне лук и се прелива со чаша вода. Измиксирајте добро. Се пие веднаш.
Сок од магдонос и лимон
Ситно се сечка китка магдонос и се става во блендер. Додадете една чаша вода и сок од еден лимон. Добро се меша и се цеди. Се пие наутро. Железото од магдоносот се апсорбира подобро ако се земе заедно со лимон.
Сок од цвекло и морков
Две свежи цвекла и два свежи моркова се миксираат во блендер. Ако сакате, можете да додадете две лажички квасец или 1/2 лажичка анасон. Сокот се пие во текот на целиот ден.
Сок од капини, јагоди и јаболка
Грст капини, јагоди и јаболка се миксираат со чаша вода. Овој пијалак е најдобро да се пие наутро, на празен стомак.
Сок од портокал, бадеми, квасец, мед и жолчка од јајце
Состојки: 1 чаша сок од портокал, 2 бадема, 1 лажица пивски квасец, 1 лажица пчелин восок, 1 свежа жолчка од јајце. Сите овие состојки се миксираат неколку минути.
Сокот се пие полека.
Жолчка со лимон и мед
Изматете жолчка од јајце со сок од лимон и една лажица природен пчелин мед. Консумирајте 3 пати на ден, 3 пати неделно.
Против анемија со семе од коприва
Потребни состојки:
400 г мед
50 г мелено семе од коприва
2 лимона
100 г сечкани бадеми
Подготовка:
Бадемите се сечкаат или се мелат покрупно (по вкус). Лимоните се цедат. Во поголем стаклен сад со дрвена или со порцеланска лажица се мешаат медот, семето од коприва, сокот од лимон и бадемите. Откако смесата ќе се соедини, се става во тегла и покриена се чува во фрижидер.
Се употребува трипати на ден, по едно мало лажиче.
Салата против анемија
Салатата е многу лесна за подготовка и, освен за добра крвна слика, погодна е и за лица со висок холестерол, за бремените жени и за дијабетичари.
3 чаши кафеав грав
1 црвена пиперка се сечка на коцки
1 жолта пиперка се сечка на коцки
1/2 црвен кромид (ситно сечкан)
1 китка магдонос (исечкана)
2 цедени лимона
1 лажица маслиново масло, сол по вкус
Откако ќе се зготви гравот, добро се цеди и се става во сад. Ги додавате пиперките, кромидот и магдоносот. Потоа се става маслиново масло, сок од лимон и сол по вкус.