Со изразена златножолта боја и со неповторлив вкус, кајсијата е неизбежен овошен десерт во овој период од годината. Ботанички припаѓа на фамилијата Rosacea од родот Prunus, а се смета за староседелец на Азија, од каде се шири во Персија, Европа и на крај во САД.
Во составот на кајсијата има богата застапеност на многу витамини, минерали и растителни влакна.
Суви или свежи?
Свежата кајсија содржи доста вода и малку калории, па е погодна за лица со прекумерна телесна тежина. Идеална е за консумирање во летните месеци, за рехидрација и дополнување на загубени течности, минерали и витамини.
Таа е исклучителен и богат извор на минерали корисни за превенција и лекување на анемија, астма и бронхитис. Високата концентрација на бета-каротин ја прават одлична храна со благотворен ефект врз работата на срцето, намалување на нивото на холестеролот и, секако, врз одржување на здрав вид.
Покрај тоа, е силен антиоксидант кој се користи за превенција и лекување на разни форми на тумори и штити од предвремено стареење на клетките.
Подеднакво вкусни и лековити се и сушените кајсии. Со процесот на сушење се менуваат хранливите вредности на плодот. Во овој процес се губи содржината на вода, а се зголемува концентрацијата на шеќерот и калоричната вредност. Сушените плодови имаат двојно поголема количина на бета-каротин.
Кајсијата ја подобрува работата на мозокот и е важна за интелектуалната работа. Дејството на фолната киселина, како и богатството на кобалт и бакар ја прават идеална за слабокрвните лица.
Природен лаксатив
Кајсиите се богати со растителни влакна. Благодарение на целулозата и пектинот, имаат благо лаксативно дејство, а земени пред оброк го подобруваат варењето на храната.
За здрава коса и за сјајна кожа доволни се само неколку кајсии дневно!
Богатството е скриено внатре!
Во поново време сè поголемо здравствено значење има употребата на семки од кајсија. Главен „виновник“, меѓу другото, е присуството на завидни количини на витамин Б17. Идеално е да се употребуваат свежи или мелени, како брашно кое се додава во супи, зеленчукови салати, овошни сокови или цереалии.
Во превентивни цели се препорачува консумација на пет семки дневно.
Консумирањето семки од кајсија може да помогне при:
-
висок крвен притисок
-
артритис
-
настинка и грип
-
малигни заболувања
-
главоболки
За отстранување на главоболка, консумирајте 3-5 семки пред јадење!
Масло од семки од кајсија
Маслото од семки од кајсија е со висока биолошка вредност, особено она добиено преку процес на ладно цедење. Така, семките од кајсија ја имаат зачувано својата нутритивна (хранлива) вредност, своите природни својства и биолошките важни состојки.
Ова масло се користи против појава на симптоми на астма и за превенција од тумори. Маслото од кајсија има антиинфламаторен ефект и може да се користи за лекување на сериозни проблеми со кожата, како што се егзема, дерматитис и акни.
-
Готвење
Маслото од семки се користи за готвење или како масло во свежи салати.
-
Козметика
Маслото е богато со масни киселини и со витамини Е и А, кои се користат за хидратација и за нега на сува и зрела кожа. Често се користи во креми, сапуни и лосиони за кожа.
-
Хидратација
Ова масло е одлично за хидратација на сува кожа или на делови од кожата како лакти, колена, стапала и раце.
Совети за приготвување:
-
Парчињата кајсија се одличен додаток на секоја овошна салата.
-
Подгответе вкусен џем, сок и мармалад.
-
Кајсиите сушени на сонце може да се искористат за приготвување на најразлични десерти.
Совети за купување и за чување
Не купувајте и не берете плодови кои се тврди и со зеленикава боја бидејќи кајсиите не дозреваат по бербата. Затоа е потребно да се изберат овошки кои се со изразена боја и со мека кожа. Можете да ги чувате до два дена на собна температура или до пет дена во пластична кеса во фрижидер.