ЗДРАВЈЕТО ВО ЗРНО

ЗДРАВЈЕТО ВО ЗРНО

Магијата е во малите нешта

Маслените“ семки одамна се користени на трпезите ширум светот. Терминот „маслени“, главно, се однесува на семките од тиква, сончоглед, лен и сусам. Корисните својства на овие лековити зрна со сигурност ќе ве натераат да започнете да ги користите во секојдневната исхрана. Помагаат во превенција и лекување на многу заболувања, а се идеални во борбата против вишокот килограми. Создаваат чувство на ситост, го забрзуваат метаболизмот и на тој начин помагаат во губењето на вишокот килограми. Богатството од протеини кои влегуваат во нивниот состав се одлично дополнување за секоја вегетаријанска и веганска диета.

Семките може да бидат идеални како замена за пропуштен појадок или како „залче набрзина“. Мали се и практични, па може секогаш да се имаат при рака. На работа, дома, во вашата чанта или в џеб.

Познатите готвачи сè почесто во своите рецепти ги користат семките во речиси сите видови јадења. Со нив ги приготвуваат речиси сите оброци од појадок, ужина, ручек и вечера, преку предјадења и разни салати, па сè до десерти.

Ленено семе

Се вбројува во една од најздравите намирници со докажани ефекти во превенција на срцеви заболувања, срцев удар и дијабетес. Содржат висока количина на омега-3 масни киселини, па поволно влијаат во намалување на холестеролот. Високата содржина на растителни влакна и слуз ги прави идеални за „справување“ со опстипација и полесно празнење на цревата.
Содржи фитоестрогени кои се докажани борци против канцерогените клетки. Ги јакне коските и делува превентивно кај остеопорозата. Содржи минерали (фосфор, калциум, цинк, селен, манган) како и витамини, меѓу кои и витамин Б17.
Во мелена форма може да се додава во леб, разни печива, јадења, чорби, салати и др.

Семки од сусам

Сусамот е драгоцен извор на протеини, растителни влакна и комплекс на витамини од групата Б. Покрај ова, содржи и селен, магнезиум, фосфор, железо, бакар и силициум.

Бакарот ја намалува болката и отокот во случаи на ревматоиден артритис. Магнезиумот е добар за срцето и срцевиот мускул, а негов недостаток води до мускулна слабост, зачестена појава на грчеви во мускулите и главоболки.

Сусамот треба да се јаде пресен бидејќи со пржењето му се намалува нутритивната вредност и добива горчлив вкус.

Може да се користи како додаток во јогурт, супи, салати, леб и разни печива (најомилен е ѓеврекот).

Семки од сончоглед

Содржи витамини Е, Д, комплекс на витамини од групата Б, фолна киселина, различни минерали како магнезиум, железо и микс од олигоелементи.

Најголем квалитет: високо ниво на селен кој заедно со витаминот Е ги одржува кожата и ткивата здрави, го забавува стареењето и ги чува крвните садови. Благодарение на присуството на триптофан го подобрува расположението.

Најдобро е да се користи помешано со јогурт, како додаток во салати или едноставно да се користи за грицкање.

Семки од тиква

Многу познати и често консумирани за грицкање, но многумина од нас малку се запознаени со нивното богатство од хранливи компоненти и здравствени придобивки.

Содржи низа минерали меѓу кои магнезиум, селен, витамин Е и линоленска киселина. Покрај ова, богати се со омега-3 масни киселини, неопходни за здраво срце и за виталност на крвните садови.

Одлични се за прочистување на организмот, а докажани се како многу ефикасни при заболувања на простатата.

Може да се користат во салати, во чорби или како додаток во леб. Препорачливо е да се користат 2-3 лажички дневно.

 

Топчиња од сусам и мед за потенција

Направете топчиња од мелен сусам поврзан со мед. Топчињата се чуваат во фрижидер и се консумираат секојдневно. Одличен афродизијак и десерт против замор и стрес.

Проверен рецепт

Се мелат по 100 г семки од тиква, сусам, лен и сончоглед. Од смесата се земаат 2 лажици и се мешаат во шолја со јогурт или со кисело млеко. Најдобро е да се мешаат навечер, а да се консумира наутро. Мелената смеса се чува во фрижидер.