ПРОМЕНИ ВО УСТАТА КАЈ ТИНЕЈЏЕРИТЕ

ПРОМЕНИ ВО УСТАТА КАЈ ТИНЕЈЏЕРИТЕ

Пубертетот е процес во кој телото на детето созрева во тело на возрасен. Овие промени настануваат под влијание на половите хормони кои започнуваат да се излачуваат од 10. година кај девојчињата, односно 12. година кај момчињата, па сè до 16. односно 17. година од животот. Покрај физичкото созревање, овој период е важен и за ментално, психичко созревање. Хормоните кои се излачуваат тогаш и начинот на живот кој го водат младите во овој период, неретко резултира и со видливи промени во усната шуплина.

Зошто кај тинејџерите е зачестена појавата на кариес?

Зголемената инциденца на кариес во овој период е исклучиво поврзана со прехранбените навики и немарноста околу оралната хигиена на тинејџерите. Во овој хормонски бурен период, младите ги занемаруваат забите. Ги мијат набрзина, неправилно, понекогаш забораваат да ги измијат. Акумулацијата на плак и кариогени бактерии во нивната уста е зголемена. Покрај тоа, тие често консумираат храна богата со јаглехидрати. Кариогените бактерии ги користат јаглехидратите како сопствена храна и притоа создаваат кисели продукти. На таков начин, во таа кисела средина започнува деминерализација на глеѓта и настанување на кариес.

Каква е превенцијата од  кариес во овој период?

Прва и основна превенција од кариес е добра усна хигиена. Забите треба да се мијат најмалку двапати во денот, три до пет минути, со забна паста која содржи флуориди (минимум 1000 ппм). Задолжителна е употребата на конец за заби. Важно е да се избегнува кариогена храна (јаглехидрати, леплива храна која долго се задржува во устата…) и засладени пијалаци. Контролни прегледи кај стоматолог треба да се прават на шест месеци. Во превентивните мерки се и залевањето на фисурите на катниците и професионалното флорирање на забите со флоридни лајнери.

Што се тоа ерозии на забите, зошто настануваат и каква е превенцијата?

Ерозиите на забите се дефекти на глеѓта кои настануваат на површината на забот непосредно до непцето односно на забниот врат. Овие дефекти настануваат како резултат на растопување на глеѓта под влијание на киселини и шеќери кои долго се задржуваат во устата, најчесто присутни во газираните и засладени пијалаци. Тинејџерите овие пијалаци ги консумираат толку често што последиците се манифестираат на нивните заби како ерозии на забните вратови, во вид на бела дамка која не може да се измие и да се отстрани. Покрај директните штетни влијанија врз глеѓта на забите, овие пијалаци содржат фосфорна киселина која, пак, влијае врз ресорпцијата на калциум во цревата. Намалената ресорпција на калциум, пак, води до намалена густина на коските, а потребата од калциум во овој период е голема бидејќи ова е период на забрзана раст. Дневна потребна доза на калциум е 1300 мг, а таа може да се задоволи со балансирана исхрана богата со свежо овошје и зеленчук. Секако, доколку сакаме да ги избегнеме овие непријатни последици од газираните и засладени пијалаци, потребно е нивното консумирање да се ограничи, односно, по консумирањето забите да се измијат или во најмала рака да се исплакнат со вода. Ерозиите кои веќе настанале, но се површински, возможно е да заздрават, односно глеѓта да се реминерализира со професионално флорирање. Подлабоките дефекти е потребно конзервативно да се санираат со пломби, откако претходно ќе се отстрани кариозниот дел од забот.

Зошто тинејџерите имаат воспалени непца?

Причините за гингивитис повторно ги бараме во намалената орална хигиена и немарноста на младите кон забите во овој период. Со акумулацијата на плак се зголемува бројот на бактерии кои се константно присутни околу забите и непцата. На оваа дразба, непцата реагираат со воспаление. Тие отекуваат, стануваат црвени и болни. Неретко крвават при миење на забите. Фактор кој придонесува за уште поголема осетливост на непцата на влијанието на бактериите се хормоните кои во овој период започнуваат да се излачуваат. Ова влијание особено се забележува кај девојчињата со зголемување на нивото на прогестерон во менструалниот циклус. Прогестеронот и естрогенот го зголемуваат крвотокот во непцата и со тоа влијаат врз нивната зголемена сензитивност на инфекции и дразби.

Како се лекува гингивитисот кај младите? 

Најважно е да се воспостави усна хигиена на високо ниво. Забите редовно да се мијат и секојдневно да се употребува конец за заби. Техниката на миење заби и чистење со конец мора да биде правилна, затоа побарајте од вашиот стоматолог да ве научи како да изведувате правилна и добра усна хигиена. Родителите треба да бидат пример за своите деца на кој тие ќе се угледаат. Меките наслаги не изискуваат професионално чистење, додека тврдите наслаги или забниот камен треба да ги отстраните кај стоматолог. Користете усна вода која содржи хлорхексидин. Тоа е единствената состојка која активно и успешно се бори против кариогените и парадонтогени бактерии. Кога ќе ги отстраните причинителите за воспаление и ќе воведете добра усна хигиена, непцата на тинејџерот повторно ќе бидат здрави. Доколку состојбата на гингивитис трае премногу долго, тој може да напредува во парадонтопатија. Промените кои ќе настанат од парадонтопатијата, пак, се иреверзибилни и штетата може да биде непоправлива, дури и ако воспоставите добра хигиена.

Ана Кртолица-Георгиев,
д-р дент. мед.