Современото живеење наложува одредени естетски норми важни за полесна социјализација на секој поединец. Еден од тие естетски критериуми, кој несомнено влијае врз нашата самодоверба, е убавата блескаво бела насмевка.
Што всушност претставува белењето на забите?
Белењето на забите, односно осветлувањето на нивната боја, може да биде надворешно или внатрешно. Надворешното белење на забите претставува механичко отстранување на сите пигментации и обојувања кои се на површината на забите, а настанале заради консумирање на обоена храна, пијалак, цигари итн. Овој вид на белење се врши со професионално чистење и полирање на забите кај стоматолог. Кај овој вид на белење не се менува основната боја на забите, туку само се чисти нивната површина. Внатрешно белење на забите, пак, значи менување на основната боја/нијанса на забите и тоа се врши на хемиски начин со препарати на база на пероксид. Ова белење може да се прави дома со сетови за домашна употреба или професионално во стоматолошка ординација. Разликата помеѓу овие два методи е во концентрацијата на пероксид во препаратите за белеење која во сетовите за домашна употреба е од 3 до 20%, а во сетовите за ординациско белење до 40%. Од концентрацијата на пероксид во препаратот и времетраењето на апликација на препаратот зависи брзината со која се постигнува ефектот на белењето. Важно е доколку се одлучите за белење на забите да се консултирате со вашиот стоматолог за да изберете метод кој за вас е најсоодветен.
На каков начин пероксидот ги белее забите?
Пероксидот од препаратите за белење продира во внатрешноста на забот каде се ослободуваат слободни радикали на кислород. Овие слободни радикали ја кинат двојната водородна врска на пигментната молекула во забот. Како резултат на оваа реакција се ослободува вода и на таков начин доаѓа до преодна дехидрација на забите. Пигментната молекула, пак, по оваа реакција добива нова структура, со тоа се менуваат оптичките својства на забот и се добива перцепција на побели заби.
Дали постојат несакани последици од белењето на забите?
Правилниот метод на употреба на препаратите за белење на база на пероксид, и секако под надзор на стоматолог, во суштина е ефикасен и сигурен. Сепак, постојат одредени ризици, односно несакани последици. Степенот на ризик зависи од квалитетот на препаратот, методот на белење и индивидуалната реакција на пациентот.
Најчеста несакана последица од белењето е пречувствителност на забите. Тоа се јавува како резултат на влијанијата на пероксидот, односно слободните радикали врз нервот на забот, и заради дехидрацијата на забот при самиот процес на белење. Пречувствителноста се манифестира при консумирање на студена или премногу топла храна. Секако постојат средства за импрегнација со чија помош се намалува оваа пречувствителност.
Неправилна употреба на препаратите за белење може да предизвика и изгореници на непцата кои се манифестираат со ранички. Во случај препаратот да дојде во контакт со непцето потребно е тој веднаш да се отстрани и непцето убаво да се измие. За заздравување на овие ранички благопријатно делува витаминот Е.
Како може да се намали ризикот од овие несакани последици?
За намалување на степенот на ризик и зголемување на ефикасноста од белењето потребно е пред почетокот на третманот да се направи детален стоматолошки преглед. Белењето се изведува исклучиво на санирани и здрави заби. Пероксидот од препаратите за белење побрзо продира до нервот кај заби со кариес, разголен дентин или неадекватни пломби што предизвикува уште поголема чувствителност на забите, а може да предизвика и хиперемија на нервот. Затоа дури и тогаш кога се одлучуваме за белење со препарати за домашна употреба, пациентот мора да биде под надзор на стоматолог. Ризикот е секако помал при аплицирање на препарати со помала концентрација на пероксид во подолг временски период.
Од што зависи крајниот ефект од белењето на забите?
Ефектот од белењето зависи пред сè од примарната боја/нијанса на забите. Најубав ефект се постигнува кај
жолтеникави заби, додека кај кафени и сиви нијанси на забите ефектот е помал. Препаратите за белење не влијаат на порцеланот од протетските реконструкции и на пломбите. Кај пациентите кои имаат пломби и протетски реконструкции потребно е тие да се заменат по завршувањето на белењето за да се постигне финалниот естетски ефект. Други фактори кои влијаат на ефектот од белењето се староста на пациентот, полот, квалитетот на препаратот за белење, концентрацијата на пероксид во него и времетраењето на апликација на препаратот.
Дали е траен ефектот од белењето на забите?
Белењето на забите не е доживотно. Тоа значи дека со тек на време пигментната молекула во забот се враќа во првобитната состојба, а со тоа се враќа и старата боја на забот. Затоа доколку сакаме белењето да е трајно процесот треба повремено да се повторува.
Ана Кртолица-Георгиев,
д-р дент. мед.