Третите молари ратстат по осумнаесеттата година од животот и поради тоа се нарекуваат умници. Ова се последните заби во забната низа.
Кога во вилицата има доволно простор, тие можат непречено да израснат и тогаш вообичаено не создаваат никаков проблем. Доколку во вилицата нема доволно простор, овие заби можат засекогаш да останат заглавени во коската и никогаш да не се појават во усната шуплина. Тогаш велиме дека умниците се импактирани. Доколку, пак, само дел од овие заби израсне, а другиот дел остане заглавен под непцето, станува збор за семиимпактирани умници. Последните се тие кои најчесто создаваат проблеми.
Кои се најчестите проблеми што ги причинуваат умниците?
Пациентите кои имаат делумно пораснати умници, неретко се жалат на болки во задниот дел од вилицата. Ова најчесто се случува поради воспалување на непцето што го прекрива забот. Ова воспаление се нарекува перикоронитис и се манифестира со болка, оток, црвенило на непцето. Понекогаш воспалението може да се прошири и отокот да не е локализиран само на непцето околу забот, туку да е виден и на образот на пациентот. Воспалението се случува поради отежнатаиот пристап до забот при изведување на секојдневната хигиена. Плакот кој е присутен во изобилие е полн со бактерии, а непцето на нив реагира со воспаление. Доколку воспалението не се третира и доколку се прошири, може да води до грч на џвакалната мускулатура и до отежнато отворање на устата. Оваа состојба се нарекува тризмус. Покрај тоа, се појавува и отежнато голтање и симптоми кои наликуваат на ангина. Во оваа состојба, локалните лимфни јазли се секогаш зголемени.
Каква е терапијата на перикоронитисот?
Доколку кај умниците често се појавуваат вакви проблеми, потребно е да се извадат. Вадењето никогаш не се прави во акутна состојба, кога има гној и оток. Доколку имате проблем, потребно е веднаш да одите на стоматолог. Акутниот проблем се надминува со дренирање на отеченото место. Потребно е просторот помеѓу непцето и забот убаво да се исчисти од тврдите и меки наслаги, да се отстрани воспаленото ткиво и да се стави дрен што ќе овозможи отокот да се намали. Во состојби каде се присутни и системски знаци, како зголемена телесна температура или оток на образот, потребно е да се воведе и антибиотска терапија. Доколку пациентот има отежнато отворање на устата, постојат вежби за тоа да се надмине. За неколку дена, состојбата ќе се нормализира и тогаш веќе може да се изврши екстракција или вадење на проблематичниот заб.
Дали и умниците кои воопшто не се израснати е потребно да се вадат?
Одлуката за вадење на овие заби се носи по претходна анализа на панорамска рендген слика и по детален клинички преглед. Доколку пациентите се во ортодонтска терапија со изразена тегоба, препорачливо е овие заби да се извадат. Од рендгенската анализа може да се оцени и положбата на умниците и да се предвиди дали тие воопшто некогаш ќе израснат. Доколку положба на умникот е таква да удира во соседниот заб (седмицата) и постои ризик од ресорпција на неговиот корен, повторно е препорачливо тој да се извади. За овие одлуки е соодветно да се направи преглед и анализа пред дваесеттата година од животот. Тогаш корените на умниците не се сè уште потполно формирани и оперативниот зафат е поедноставен.
Дали постои превентива за да се избегнат проблемите со умниците?
Бидејќи умниците се последните заби во забната низа, исклучително се тешко достапни за одржување добра хигиена. Препорачливо е да користите мека четка за заби со мал активен дел, односно, со мала глава на четката. Кога ги миеме забите, устата никогаш не ја отвораме широко бидејќи тогаш мускулите на образите се оптегнуваат и се цврсто припиени до вилиците со што ви оневозможуваат убаво да ги измиете бочните површини на забите. Со внимателно и редовно миење на забите, акумулацијата на плак ќе биде под контрола и на тој начин ќе ги заштитите непцата од воспаление. Корисна е и промивка на усната шуплина со усна вода која содржи хлорхексидин. Тој успешно се справува со бактериите и го намалува ризикот од перикоронитис. На здравјето во устата и на намалувањето на проблемите со умниците влијае и имунитетот. За подобро здравје и посилен имун систем, секако, е потребна балансирана исхрана, свежо овошје и зеленчук и што помалку стрес. За да ги заштитиме овие заби од кариес, покрај добрата хигиена и редовните контроли кај стоматолог, треба да избегнуваме леплива кариогена храна богата со јаглехидрати и засладени пијалаци. Доколку умниците се целосно израснати, пожелно е да се залеат. На тој начин, се намалува нивната изразена релјефна површина, а со тоа и задржувањето на храна во јамичките на забите. За поцврста глеѓ препорачливи се забни пасти коишто содржат над 1000 ппм аминофлориди. За да бидете сигурни за тоа какви препарати за усна хигиена користите, прочитајте ги нивните декларации или посоветувајте се со вашиот стоматолог.
Ана Кртолица-Георгиев,
д-р дент. мед.