Од повисока перспектива со ИЛИНА АРСОВА

Од повисока перспектива со ИЛИНА АРСОВА

Млада и амбициозна, секогаш со насмевка и со ведар дух. Човек со голема визија и промотор на нови вредности. Тоа е таа храбра Македонка која го запиша своето име во историјата на успешните. Зад себе го остави врвот на светот, а патот на нови подвизи е пред неа.

Ваш аптекар: По вокација – уметник, по природа – авантурист и вљубеник во природата и височините. Која е Илина Арсова?

Илина:
Не е лесно да зборувам за себе повеќе од она што го има најавено во прашањето. Да, пред сè, ликовен уметник, авантурист, зависник од адреналинските спортови, активист за животна средина и за промовирање на активен живот… Тоа се повеќе улоги што понекогаш ме плашат бидејќи секое едно поле си бара целосна посветеност. Се обидувам да направам спој помеѓу моите професии и пасии и да функционирам паралелно развивајќи и надградувајќи се во сите насоки, што донекаде и успевам. За духовна храна и за себенадминување успевам да реализирам по две до три експедиции годишно.
За време на секоја планинска експедиција, многу пишувам и ликовно творам. За да ги изложам тие слики и потенцијално да ги продавам, треба да организирам изложба, за што требаат и високи организаторски способности. На овој начин, со големо задоволство ги споделувам искуствата со пошироката јавност. Потоа, следи егзистенцијалниот дел каде преку туристички услуги, повторно со огромен ентузијазам, најчесто на странските посетители им ги покажувам убавините на нашата прекрасна Македонија, особено оние затскриени, малку потешко достижни планински убавини кои сè уште се останати чисти и незагадени, за разлика од урбаниот пејзаж каде, за жал, сè уште доминира нашата ниска еколошка свест, од што понекогаш искрено се срамам, особено кога сум со туристи.

Ваш аптекар: Што значи да се биде на врвот на светот, дополнето со епитетот ПРВА МАКЕДОНКА?

Илина: Луѓето се натпреваруваат со додавање епитети и суперлативи да бидат нешто „НАЈ“ во животот, но да се биде ПРВ и засега единствен за некои работи, е веќе историска национална вредност. Во таа смисла, почестена сум да го носам епитетот, но, искрено, најсреќна ќе бидам кога достигнувањата ќе бидат на ниво без полово, локално – регионално или национално ограничување. На пример, во некои од западните земји повеќе ме ценат заради новите предизвици во ски-алпинизам, каде сум една од ретките луѓе на планетава што качува некои од најпредизвикувачките врвови на светот со скии и се спушта од нив во телемарк стил. По овој повод, странски спортски организации постојано ме канат да ги споделувам своите искуства преку јавни презентации, а за возврат ми нудат одредено спонзорство и постојани обуки.
За жал, свесна сум дека во Р. Македонија планинските спортови сè уште не се изградени на тоа ниво на препознавање и валоризација, па затоа и навистина е тешко овде да се опстане како спортист или како уметник.
Сепак, врвовите се, пред сè, интимна приказна што ја правам како личен предизвик, со цел преку тоа и да придонесам во подигнување на спортското ниво во земјава. Искрено, се радувам кога гледам дека и други планинари го следат мојот пат, а особено кога се девојки.
Најголемата награда ја добивам од блиските, пријателите и од луѓето кои ме поддржуваат и кои моите достигнувања ги доживуваат како сопствен мотив за надградба во животот.

Ваш аптекар: Од каде доаѓа љубовта кон планината и кон недопреното?

Илина: Кај мене љубовта кон природата и кон планините несомнено доаѓа од влогот што го направиле моите родители кои од најмала возраст нè носеле заедно со сестра ми на Водно, на Шапка, на Скопска Црна Гора… Кога ни било ладно, нè учеле како да се однесуваме, но и кога било топло – како да се заштитиме од сонцето на планина. Нè учеа да бидеме во симбиоза со природата. Кога плачевме од ладното, нè оставаа… Истото она што сега гледам дека го прават сите родители во западните планински земји. Многу сум среќна што пораснав во едно такво здраво и хармонично семејство со широки погледи кон светот, што несомнено влијаеше врз мојот понатамошен развој и изградба како личност.
Оттука, природата по мене е визуелен пример на совршенство, особено ако е недопрена од човековата интервенција којашто најчесто знае само да ја нагрди. Човекот е создаден за соживот со природата, но модерното општество сè повеќе нè оддалечува од неа. Планините и природата нè учат на едноставен и спокоен живот со вистински наместо со измислени вредности. Нè учат за меѓусебната почит со тоа каде и како егзистираме, без притоа никому да пречиме со нашето присуство.

Ваш Аптекар: Според Вас, што е тоа што го движи човекот, што му дава сила и мотивација за остварување на „неостварливото“?

Илина: Како важен двигател би го издвоила поривот, оној што сите го имаме и го обликуваме на свој начин. Голем удел има средината, поддршката од најблиските итн. Некаде ја прочитав оваа поговорка: „Не сме свесни колку далеку можеме, сè додека не слушнеме од оние кои веруваат во нас“.
Тука е и себемотивацијата, посебна дисциплинска гранка којашто ги поместува нашите физички и ментални граници. Она што до вчера било „неостварливо“, утре станува дел од нашата биографија, со што границите се поместуваат повисоко кон друга „неостварлива“ цел.

Ваш аптекар: Покрај напорните и континуирани тренинзи, дали и колку храната е фактор за врвни резултати?

Илина: Според мене, треба да постои комуникација помеѓу телото и умот. Умот си бара една храна, а телото друга. Секојпат во рамнотежа и во договор со нив, се доведуваме во здрава и спремна психофизичка состојба. Јас не практикувам претерување со никаков режим, ниту, пак, се ограничувам од нешто што телото или умот го бара. Добар континуиран тренинг во комбинација со здрава и избалансирана исхрана е сè што ни треба за да го издржиме предизвикот.

Ваш аптекар: Како, според Вас, да изградиме здрава и спортски активна младина?

Илина: Здравиот живот, спортските навики и љубовта кон природата најчесто потекнуваат од дома. Повторно ќе се заблагодарам на моите родители и на најблиските за сè она што ме научиле во животот. За целата поддршка што ја добивам од нив и за патот на кој ме насочиле уште од малечка. Се радувам кога гледам семејства со дечиња како ги воспитуваат на сличен начин и би им го препорачала тоа на сите родители. Тоа е најголемото богатство што може да го добиеме од дома и не се споредува со никаков материјален подарок за којшто децата сметаат дека им следува.
Исто така, мислам дека на младите ентузијасти им недостасуваат идеали. Особено недостасуваат позитивни домашни примери на кои може да се огледаат. Некој кој им влева самодоверба дека со доволно посветеност може да стигнат до целта. Треба да го искорениме стереотипниот став на завидливост кон туѓите успеси и напротив, да се радуваме на нив како да се наши. Така се создава конкуренцијата којашто според сите дефиниции резултира со зголемен квалитет.

 

Ваш аптекар: Дали постојат граници за Илина Арсова и што е следно?

Илина: Планови и проекти има многу. Еден од проектите што би сакала да го комплетирам е светскиот високогорски предизвик – 7 највисоки  врвови на сите 7 континенти. Досега имам реализирано 5, а за остварување на целта ми остануваат уште два континента: Јужен пол и Австралија со Океанија. Инаку, овој проект досега го имаат реализирано околу 250 луѓе во светот од кои 65 се жени.

Активно работам и посакувам да го доживеам денот кога ќе изградиме систем и општество во коешто луѓето како мене ќе почувствуваат закрила и поддршка за успесите што ги постигнале со толку љубов и посветеност, без притоа да има какви било политички, полови или други филтри. Презирам секаков вид профитерство, особено во спорт, наука, уметност и во сите проекти што може трајно да ѝ наштетат на животната средина.

Ваш аптекар: Несомнено, Илина е инспирација и мотивација за многу генерации сега, а со сигурност ќе биде и во иднина. Кои се Вашите препораки и совети за младите луѓе, децата, за родителите?

Илина:
Свесни сме за проблемите што нè опкружуваат, но, сепак, верувам дека е возможно меѓу сите темни сили да ги препознаеме и убавите моменти што ни се доволни да нè исполнат со ведрина, радост и со љубов. Така, поголем процент на луѓе, задоволни и исполнети од животот, ќе бидат позитивни примери со моќ на поткревање на свеста и моралот кај другите. Во ова општество на суети и на превртени вредности, многу е важно да ја вратиме етичката норма на меѓусебна почит, како меѓу луѓето, така и кон природата, која верувам некогаш постоела бидејќи јас во таква средина сум одгледана и воспитана благодарение на моите родители.

Затоа, топло им препорачувам на сите читатели што повеќе време да поминуваат во природа, да се радуваат на секој зрак сонце, на секоја сенка под облакот што надвиснал и уште повеќе ги нагласил боите на колоритните планински цвеќиња. Притоа, да се завртат околу себе, да проверат дали средината е чиста и случајно да не заборавиле некој отпадок на земјата, па дури и ако не е од нив, да го соберат она што ќе го најдат посеано, за на сите следни поминувачи да им биде убаво и да уживаат во нашата чиста и преубава планинска земја.

IlinaArsova Visual artist / Womeninsportadvocate TAKT Ngo 
www.ilinaarsova.blogspot.com