ЛЕБЛЕБИЈА

ЛЕБЛЕБИЈА

По својата природа е мешунка,а по својот состав вистинска драгоценост. Се наоѓа на самиот врв по богатството со протеини, влакна и клучни витамини и минерали неопходни за здравјето на луѓето. Се смета за една од најраните култивирани растенија, а токму нашата земја е еден од регионите каде се одгледува оваа намирница. Затоа, не случајно таа традиционално се наоѓала во кујните на нашите баби и дедовци.

Нутритивно значење
Несомнено, леблебијата е еден од најдобрите извори на протеини, растителни влакна, железо, калциум, калиум, магнезиум, витамин Б6 и витамин Ц. Покрај ова, содржи и витамин К, фосфор, цинк, бакар, манган и селен.

ЗДРАВСТВЕНА КОРИСТ

Здрави коски:
Калциум, магнезиум, железо, манган – компоненти кои што несомнено придонесуваат за одржување на здрави коски и заби. Особено важно е правилниот сооднос и присуството на магнезиумот како важен елемент за искористување и врзување на калциумот.

Дијабетес:
Сама по себе леблебијата е производ со низок гликемиски индекс и е погодна за дијабетичари. Дополнително, консумирањето намирници со висока содржина на влакна, како што е леблебијата, поволно влијае во регулација на нивото на шеќер во крвта.

Холестерол:
Редовната употреба во исхраната е одлично природно решение за намалување на холестеролот во крвта.

Анемија:
Одличен извор на железо. Дури и ако се преработува, содржи двојно поголема концентрација на железо од месото. Заради ова е идеална како превенција или како дополнување на терапијата при анемични состојби.

Здраво срце и нервен систем:
Комбинацијата од влакна, калиум, витамин Б6 и магнезиум е одлична за зачувување и за подобрување на функционалноста на срцето и на нервниот систем.

Дигестија:
Леблебијата е природен лек против запек и поволно влијае на општото здравје на дигестивниот систем.

Го прочистува организмот:
Има необична, но многу значајна улога во организмот. Ги исфрла сулфатите (штетни соединенија) кои имаат улога на конзерванс кај индустриски преработената храна.

ВО СЕКОЈДНЕВНАТА ИСХРАНА

Како намирница, достапна е и може да се најде во текот на целата година. Може да се консумира самостојно или во комбинација со разни јадења и со салати. Идеална е во исхраната на вегетаријанците каде заради високата содржина на протеини и есенцијални аминокиселини е вистинска замена за месото. Не содржи глутен, па е погодна и залицата алергични на оваа компонента.

 

ХУМУС

 

Популарно јадење коешто потекнува од Блискиот Исток. Во суштина, тоа е премаз направен од комбинација на леблебија, таан, лимон, лук и маслиново масло. Најчесто се јаде самостојно за појадок или за меѓуоброк како
вкусна ужина.

Хумусот во комбинација со зеленчук како што се: целер, карфиол, брокола и морков, претставува вистинска ужина, особено корисна за
децата.

Неговата популарност не доаѓа само од извонредниот вкус, туку и од големата хранлива вредност.

  • леблебија: пред сè, многу здрава мешунка којашто не содржи холестерол и заситени масти, а е изразено богата со протеини и растителни влакна.
  •  таан: таанот во составот доаѓа во мали количества, но е, исто така, богат со протеини и незаситени масни киселини. Одличен извор на калциум.
  • маслиново масло: уште една компонента богата со незаситени масти со благотворен ефект за целиот организам.
  • лук и лимон: состојки богати со витамини и антиоксиданси што ќе придонесат за намалување на оксидативниот стрес и поволно ќе влијаат на имунитетот.

РЕЦЕПТ

Состојки

  • 300 г слануток
  • 1 поголем лимон
  • 3 лажици таан
  • 4 лажици маслиново масло
  • 2-3 чешниња лук (доколку не сте љубители може да се изостави)
  • сол по вкус

Подготовка

Сланутокот од вечерта се мие и се прелива со вода во сооднос 1:3. Се остава преку ноќ да набабри (или најмалку 8 часа).
Исцедете ја водата и повторно додадете вода во истиот сооднос 1:3 и ставете да се вари на тивок оган околу час, час и половина. Повремено промешувајте и собирајте ја пената што ќе се формира.
Кога ќе биде сварен, се трга од оган, се процедува (зачувајте ја водата) и се остава да се излади.
Во погоден сад се блендира, се додаваат останатите состојки и се продолжува со блендирање сè до добивање хомогена смеса. Додавајте од водата сè додека не ја добиете саканата густина.
Премазот соберете го во стаклен сад и чувајте го во фрижидер до 7 дена.