Катарактата, или меѓу народот познато како „перде“, е водечка причина за губење на видот во светот, но и кај нас.
Претставува заматување на природната леќа на окото. Терминот потекнува од латинскиот збор „cataract“ што значи водопад. Имено, патогенетските механизми се должат на метаболистичките промени во протеинскиот состав на леќата и на намалувањето на концентрацијата на вода.
Најчести причини?
Причините за ваквите промени се различни и тоа: возраста, трауматичните состојби, изложеноста на сонце, генетските фактори, инфекции и претходни заболувања на окото, долготрајната употреба на лекови (кортикостероиди) итн. Врз основа на различните причини, постојат и различни видови катаракта коишто може да се поделат во зависност од зрелоста на пердето, возраста на пациентот и локализацијата на пердето.
Знаци на манифестација
Катарактата се манифестира со постепено заматување и губење на видот, вид како низ облак-перде, отежнато гледање навечер, ореол околу светлосен извор.
Дијагнозата на катарактата ја поставува лекар, специјалист-офталмолог.
Kако се лекува?
Единствен начин на лекување претставува оперативен зафат каде се отстранува заматената природна леќа и се вградува нова вештачка леќа. Иако во светски рамки се работи за најчеста хируршка елективна интервенција, за жал, денес сè уште има луѓе со изгубен вид од катаракта во земјите во развој, само поради нискиот социјален статус, неедуцираност и сопствена негрижа.
Секако, редовните посети на офталмолог, со цел рано дијагностицирање на катарактата и следење на нејзиниот развој, и следењето на советите од својот лекар се неопходни, со цел подобар и поквалитетен живот.
Специјалист офталмолог
д-р Дејан Шекеринов