Како да се намали појавата и како да се подобри состојбата на болниот?
Хроничните заболувања на долните дишни патишта се болести на дишните патишта и на другите структури на белите дробови вклучувајќи астма и респираторни алергии, хронична опструктивна белодробна болест, професионални заболувања на белите дробови и др.
Појавата на овие болести се зголемува насекаде во светот, особено кај децата и кај старите и изнемоштени лица.
Во последно време, сè повеќе се зголемува бројот на луѓето со хронични болести на дишните патишта предизвикани од алергиски реакции. Процентот е застрашувачки и тежнее кон понатамошно зголемување, односно, кај еден човек од тројца се појавуваат различни видови заболувања,предизвикани од алергиска реакција или од реакции тесно поврзани со неа.
Главни фактори кои придонесуваат за оваа појава се преработените и рафинираните прехранбени производи, хемикалиите кои секојдневно се користат во домовите, димот од цигарите, прераното вклучување одредена храна кај бебињата итн. Најчестите заболувања чиишто предизвикувачи се алергиските реакции се: бронхијална астма, алергиска настинка и исип на кожата, т.е. уртикарија.
Астмата е хронично заболување кое се карактеризира со зголемена чувствителност на бронхиите кон таканаречени алергени кои предизвикуваат намалување на спроводливоста на кислород низ нив, запушување на дишните патишта, што придонесува до тешкотии во дишењето. Со примена на соодветни лекови, овие симптоми исчезнуваат.
ПОСТОЈАТ ТРИ ВИДОВИ АСТМА:
Алергиска астма
Во основата на ова заболување лежи специфична алергиска реакција која предизвикува воспаление. Алергиската реакција е предизвикана од алергени од околната средина. Тие може да се поделат во три категории:
- воспалителни агенси: полен, прав, инфекции, работна средина итн.
- надразнувачи: температурни промени, јаки миризби, стрес, ладен воздух итн.
- други: лекови, дим од цигари, загаден воздух, храна итн.
Најзагрозена група е онаа популација чија работна средина е експонирана на некои од горенаведените фактори. На пример, луѓе кои работат во индустрија за бои, во индустрија за пластика, пекари, фармацевти итн.
Неалергиска астма
Настанува како резултат на провоцирачки фактори во телото.
Најчесто станува збор за инфекции, некои заболувања на органите за варење, хормонални нарушувања, психофизички стрес итн. Овие фактори предизвикуваат многу слична реакција на алергиската, а не се поврзани со конкретен алерген.
Комбинирана астма
Претставува комбинација од горенаведените два вида астма.
Симптомите на астма може да варираат од многу лесни, кои не се распознаваат, до тешки симптоми кои го отежнуваат нормалниот живот на пациентот и го доведуваат во опасност, доколку не се преземат соодветни мерки.
Токму затоа, пациентот треба да се запознае со болеста, да ги проучи симптомите, редовно да ги зема лекарствата и правилно да биде упатен за точна дијагностика. Прегледот треба да биде извршен од страна на пулмолог/алерголог, каде ќе бидат проценети сите фактори, како: генетска предиспозиција, бронхијална хиперактивност предизвикана од соодветни алергени, алерго-тестови итн.
Астмата е хронично заболување и затоа примената на лековите треба да трае цел живот. Лековите кои се користат се наменети за брзо или за долготрајно делување и делуваат на подобрување на дишењето со проширување на бронхиите, лекови против алергија и друга дополнителна терапија што ќе ја подобри состојбата на пациентот.
Улогата на фармацевтот при грижата за болните од астма
За правилна и ефективна терапија, најважна е едукацијата на болниот. Пациентите треба да знаат како правилно да ги употребуваат препишаните лекови, во кој период и како да го употребуваат инхалаторот (доколку е препишан). Токму затоа, фармацевтот треба демонстративно да му покаже на пациентот како да го постави инхалаторот, како да го исфрли мртвиот волумен, кога да ги пие лековите, кои се несаканите ефекти итн. Во случај на криза, фармацевтот треба да го упати болниот кои се симпто-мите, кој лек треба да го земе во
тој момент и колку пати да го искористи инхалаторот. Бидејќи оваа криза може да го загрози животот на пациентот, дизајнирани се таканаречени брзоделувачки лекови во форма на инхалаторни системи кои веднаш го подобруваат дишењето.
Фармацевтот мора да го информира пациентот кои мерки треба да ги преземе доколку се предозира или доколку ја пропушти дозата. Треба да му укаже на пациентот за користа од секојдневната физичка активност.
Најдобар начин за олеснување насимптомите е пливање во средина каде што е влажен воздухот. Исто така, фармацевтот треба да го советува пациентот која храна треба да ја избегнува.
Никој не посветува внимание на ознаките на хранливите продукти. Фармацевтот треба да му објасни на пациентот дека, до колку на пакувањето на одреден производ стои ознака Е со број до него (на пример: Е 103, Е 505), тоа означува присуство на адитиви, кои можат да бидат потенцијални алергени, што може да доведат до влошување на состојбата. Затоа треба да се избегнуваат. Исто така, треба да се избегнува и храна која содржи големо количество магнезиум (ф’стаци, бадеми), зелка, млеко и млечни производи, јагоди итн.
Доколку пациентите се правилно информирани и се придржуваат кон соодветните режими на исхрана и кон физичка активност, значително ќе го подобрат квалитетот на животот и ќе ги намалат честите појави на астматични напади.
Кои мерки ги презема општеството и поединецот за намалување на појавата на хронични болести на долните дишни патишта?
Хроничните болести на долните дишни патишта предизвикуваат прерана смрт и инвалидитет. Тие, исто така, имаат негативни економски ефекти врз семејството, заедницата и општеството, воопшто. Што може да направиме околу тоа?
Спречување на користење тутун
Избегнување на директна и индиректна изложеност на чадот од цигарите е од примарна важност не само за поздрави бели дробови, но, истотака, како превентивна мерка за сите хронични незаразни болести: кардиоваскуларни болести, рак и дијабетес.
Целта на политиката за контрола на тутунот е да се намали употребата на тутун и изложеноста на чадот од цигари.
Здравје на работното место
Раното откривање на болестите на белите дробови поврзано со изложеност на ризик-факторите на работното место е од витално значење. Откако е утврдена дијагнозата, неопходно е да се избегнува изложеноста на фактори што може да влијаат негативно врз развојот на болеста.
Исхрана
Забележана е поврзаност помеѓу хроничните болести на дишните патишта и начинот на исхрана.
Дебелината, исто така, се поврзува со зголемен ризик од астма и намалена функција на белите дробови. Затоа е потребно придржување до соодветен режим на исхрана, како една од мерките за превенција на хроничните болести на дишните патишта.
Квалитет на воздухот во внатрешната и надворешната средина
Има докази за ефектите на хронична изложеност на загадувачите на воздухот на развој и одржување на функцијата на белите дробови и на влошување на симптомите од астма. Контрола на изложеноста на овие загадувања е можна преку контрола на изворите на емисии од домашните апарати, сообраќајните и индустриските извори.
Рана возраст
Истражувањата покажуваат дека здравствената состојба на детето во првата година од животот влијае на подоцнежното респираторно здравје. Иако точната поврзаност уште не е јасна, децата кои имаат инфекции на долните дишни патишта во првата година од животот или кои имаат мала телесна тежина на една година, имаат лоша (слаба) функција на белите дробови и поголем ризик од развој на астма или други болести на дишните патишта во подоцнежниот живот.
Пушењето на мајките за времена бременоста негативно влијае на функцијата на белите дробови на детето при раѓањето.
Проф. д-р Бистра Ангеловска