СТОМАЧНИ ТЕГОБИ

СТОМАЧНИ ТЕГОБИ

Стомачната неудобност, надуеноста,желудочните киселини и чувството на жарење зад градната коска, познато како жиговина, се најчестите стомачни тегоби.

Сè почесто современиот начин на живеење ги оневозможува или ги нарушува нормалните физиолошки потреби на организмот за: исхрана во исти термини, разновидност во исхраната, соодветно внесување хранливи компоненти, консумирање свежа храна и друго. Како резултат на брзото темпо на живот, системот за варење е преоптоварен со неквалитетна храна која, покрај тоа што нема хранлива вредност, предизвикува појава на симптоми и тегоби во системот за варење.
Ова особено е изразено во зимскиот период кога многу почесто се консумира алкохол и масна храна во поголеми количества,па затоа појавата на желудочни тегоби е почеста.

Системот на органите за варење е влезната порта на хранливите материи во организмот. Секое нарушување на неговата функција е проследено со тегоби и неправилно искористување на хранливите материи.

НАЈЧЕСТИ ФАКТОРИ ЗА АЛАРМ ВО СТОМАКОТ

 

Како да си помогнете

 

Внимавајте на порциите.
Промената започнете ја со помали и почести оброци. Се препорачуваат три главни јадења и две ужини дневно,во еднакви интервали,со цел да се избегне глад или прејаденост во текот на денот. Со други зборови, избегнувајте да се прејадувате.

Распоредете ги оброците.Не јадете доцна.
Вечерајте три часа пред да легнете да спиете и избегнувајте доцна ужина. Јадењето непосредно пред легнување создава гастрични тегоби. Не легнувајте и по ручекот. Обидете се кога лежите, главата да ви биде подигната.

Не е важно само кога, туку и што јадете.
Доколку често имате стомачна неудобност, избегнувајте ги производите коишто предизвикуваат киселини како: лута храна, црвено месо, тестенини, цитрусни плодови, домати, чоколадо. Избегнувајте конзервирана храна, кисела храна, како и пржени и масни јадења. Јадете што е можно повеќе овошје и зеленчук. Јадете храна богата со растителни влакна.

Избегнувајте го стресот и анксиозните состојби.
Здравјето на желудникот е директно поврзано со стресот. Желудникот е многу чувствителен на стрес, а анксиозноста многу често предизвикува киселини, гастритис, чир.

Важно е и што пиете.
Избегнувајте газирани и кофеински пијалаци.

Внимавајте на килограмите.
Прекумерната телесна тежина дополнително го оптоварува желудникот, па може да предизвика киселините да се враќаат во хранопроводот.

Вода.
Пиењето доволни количества вода позитивно влијае на варењето на храната. Исто така,овозможува прочистување на организмот.