ДОБАР СОН – Половина здравје

ДОБАР СОН – Половина здравје

Велат дека спиењето и добриот сон се половина здравје. Во таа полза, секој од нас речиси една третина од животниот век го поминува во спиење. Многумина мислат дека спиењето можеби е залудно потрошено време, но несомнено е дека спиењето е подеднакво важно како и храната и кислородот. Затоа, од суштинска важност е да се почитува биолошкиот ритам и да се избегнуваат свесни и несвесни активности кои имаат влијание врз овој природен дар.

Колку сон ни е потребно?

Сите луѓе имаат внатрешен „биолошки часовник“ кој влијае на „шемата“ за спиење.
Здрави возрасни личности во просек спијат од 8 до 8 и пол часа во текот на ноќта. Но потребата за спиење варира од човек до човек. На некои луѓе им се доволни и 6 до 7 часа, а на некои и повеќе од 9 часа спиење во континуитет во текот на ноќта, за да можат да функционираат во текот на денот. Потребата за спиење се менува и во текот на животниот циклус. Новороденчињата спијат помеѓу 16 и 18 часа вкупно во текот на денот, а децата на предучилишна возраст помеѓу 11 и 12 часа. На децата што одат во училиште и на адолесцентите им се потребни околу 10 часа сон секоја вечер.
Сепак, и одредени состојби и фактори, исто така, имаат влијание врз должината на спиењето. Пред сè, станува збор за одредени професии, количество стрес, физички активности, бременост, одредени заболувања и сл. Поради сето ова, прилично е тешко да се одреди  вистинската доза на дневните потреби за сон.

Квалитетен сон

Времето поминато во спиење не секогаш значи добар ревитализирачки сон. Дали сонот ги наполнил батериите е заемно поврзан од времетраењето на спиењето, времето на легнување и интензитетот на сонот. Легнувањето во секогаш утврдено време може да биде гаранција за добар сон. Доколку, пак, спиењето е испрекинато, плитко и проследено со чести будења во текот на ноќта, нема да пружи квалитет, дури и временски да спиеме подолго. Еден од најлесните начини да се утврди дали сонот бил доволен и квалитетен, се знаците на поспаност кои се појавуваат во текот на денот.

Совети за добар сон

  • Средината во која спиеме многу влијае на заспивањето. Најдобро е доколку во спалната соба нема електронски уреди како телевизор, компјутер или мобилен телефон. Користете придушено светло и користете ја спалната соба само за спиење.
  • Душекот и перницата на кои спиете се многу важни, како и температурата во собата.Идеална температура за спиење е околу18 степени.
  • Свеж воздух.Отворете прозорец накратко пред спиење. Свежиот воздух му е потребен на вашето тело.
  • Релаксација во топла бања и/или топла напивка без кофеин може да помогнат, бидејќи на тој начин ќе ја намалите телесната температура на начин што го имитира делумно она што се случува во организмот додека заспиваме.
  • Направете распоред за спиење и секогаш придржувајте се до истото време за заспивање и за будење.
  • Избегнувајте консумирање алкохол пред спиење.
  • Читајте книга пред спиење или на некој сличен начин „релаксирајте“ го мозокот.
  • Избегнувајте кратки дремки по 15 часот.

Природата има решение

Природата ни дала повеќе различни билки што може да се консумираат како чај, поединечно или во комбинација, за подобрување на сонот.
За подобар сон и против несоница се препорачува чај од маточина.
За ублажување на психичката напнатост при стресни состојби, замор и за подобар сон можете да употребите и чајна мешавина од корен од валеријана, лист од нане, маточина и жолт кантарион.
Најдобро е чајот да се пие топол и засладен со мед триесетина минути пред спиење.