КАРАНФИЛЧЕ – Арома, зачин и лек

КАРАНФИЛЧЕ – Арома, зачин и лек

Каранфилчето е ароматичен сушен цвет кој со својата посебна арома и состав се употребува како зачин и лек повеќе од 2000 години. Во кулинарството најчесто се користат цели или измелени исушени цветчиња, додека маслениот екстракт наоѓа примена како традиционален лек.

Состав

Карактеристичниот мирис и вкус на каранфилчeто е резултат на етеричното масло еугенол. Покрај еугенолот, во составот на каранфилчето се наоѓа значително присуство на танини, смоли и флавоноиди. Токму на ваквиот состав на каранфилчето му се препишуваат антивоспалително, аналгетско, антиоксидативно, антикоагулантно и локално анестетско дејство.

За добро варење и одржување вита линија

Чајот од каранфилче ги стимулира варењето и циркулацијата, ги намалува стомачните тегоби и надуеноста и го забрзува метаболизмот. Во комбинација со ѓумбир и цимет помага во одржување на телесната тежина, а воедно e и како добар имуностимуланс.

  • измешајте по 30 г  мелено каранфилче, ѓумбир и цимет;
  • 30 минути пред појадок земете по една кафена лажица од мешавината и разматете ја во 100-200 мл вода;
  • напивката користете ја во период од 30 дена.

Природен афродизијак

Поради благодатното дејство на циркулацијата, чајот од каранфилче се користи и како природен афродизијак.

Намалување на холестеролот и маснотиите во крвта

Пијалак подготвен од каранфилче покажува добри резултати при покачени вредности на масните компоненти во крвта.
5 г цели каранфилчиња се ставаат во шише од 2 литра вода да отстојат во фрижидер 2-3 дена со повремено протресување на шишето. Секое утро се консумираат по 100 мл од течноста. Истиот процес се повторува со консумирање на уште дополнителни 2 литра, по што задолжително се прави пауза од минимум еден месец.

Прва помош при забоболка и лош здив

При забоболка, со локално нанесување на измелено каранфилче или маслен екстракт се постигнува аналгетско и антисептично дејство. Маслото можете сами да го приготвите на следниот начин:

  • во тегличка се става 1/4  шолја од цели каранфилчиња и се прелеваат со 1 шолја маслиново масло;
  • прекриената шолја се остава да отстои 24 часа на собна температура по што се процедува;
  • добиеното масло се чува во затворена тегличка во фрижидер.

Гаргара со неколку капки од оваа масло додадени во вода се користи за освежување на здивот, а воедно го спречува и развојот на бактериите во усната шуплина.

Кулинарство

Поради својата јака арома, измелени или цели каранфилчиња, обично, се додаваат во компоти, сосови, печива, пити со јаболка, чорби, овошни салати, варено вино и други пијалаци. Како додаток во разни печења, освен за декоративни цели, каранфилчето има улога и за олеснување на варењето

.