СМУТИ – Полна чаша здравје!

СМУТИ – Полна чаша здравје!

Популаризацијата на таканаречениот оброк во чаша или СМУТИ, денес зазема сè поголем замав. Со само еден оброк, кој се подготвува многу лесно и релативно брзо, може да внесете доволно количество витамини, минерали, растителни влакна и други нутритивни состојки важни за вашето здравје, а истовремено да се освежите и да уживате во вкусови кои потсетуваат на вистинско десертно задоволство.

Што е СМУТИ?

Смути (Smoothie) е здрав и освежителен пијалак направен од овошје и од зеленчук со додаток на други хранливи намирници.Различните комбинации кои може да се користат за негова подготовка го прават да биде одлична ужина, а за некого и комплетен оброк. Смути, користено како меѓуоброк, долго време дава ситост и енергија, го забрзува метаболизмот и го подобрува варењето на храната, а бројните антиоксиданси од овошјето и од зеленчукот го поттикнуваат процесот на детоксикација на организмот.

Пет групи состојки:

Овошје и зеленчук: Тука спаѓа групата намирници кои се најзаслужни за вкусот, хранителната вредност и за разновидноста. Препорачливо е овошјето и зеленчукот да бидат сурови, а дел од овошјето може да се употреби и во замрзната состојба (најчесто бобичесто овошје или банани).

Јаткасти плодови, семки и житарки: Овие намирници се користат за да се добие потребна густина, но од нутритивен аспект тие се меѓу главните, одговорни, за внес на протеини, растворливи и нерастворливи растителни влакна и здрави масти.

Зачини: Служат, главно, за подобрување на вкусот или доколку е потребно да се потпомогне искористливоста на некои нутритиенти. Покрај ова, самите зачини поседуваат многубројни лековити својства. Меѓу најчесто користените ги издвојуваме: цимет, ванила, ѓумбир, куркума, мускатно оревче, бибер, како и зачинските билки нане и босилек.

Засладувачи: Како засладувачи може да се користат здрави опции пред сè: урми, мед, агавин или јаворов сируп. Препорачливо е да се избегнуваат шеќери и вештачки засладувачи.

Течности: Основна и најчесто користена течност е водата. По желба, може да се користат и многубројните растителни млека како соино, овесно, кокосово и бадемово.

Лесно за подготовка

За да направите совршено смути,потребни се три основни работи – блендер, намирници и време од 3-10 минути.

Сите намирници кои се користат за подготовка пожелно е да бидат исечкани на мали парчиња со големина од 1 сантиметар, кои потоа во блендерот, поради големата брзина, добро се ситнат и се соединуваат, при што се создава пена. Садот за блендирање никогаш не треба да биде наполнет повеќе од две третини. Густината се одредува со соодветно количество вода.

Корисни совети

Покрај сите бенефити, важно е да се напомене дека и при подготовката на смути треба да се внимава на некои одредени правила, за да го задржи епитетот на здрав оброк:

  • Не претерувајте со шеќерите – некои овошја треба да се консумираат во разумни порции (пр.банана)
  • Консумирајте го полека – голтка по голтка со уживање, како би му соопштиле на организмот дека станува збор за вистински оброк.
  • Избегнувајте ги вештачките засладувачи – честопати може да имаат сомнителен состав.
  • Да не биде само јаглехидратен оброк– дополнете со намирници богати со протеини и масти.
  • Не користете само овошје – затоа што зеленчукот е клучен – посебно зелениот и лиснатиот.
  • Не блендирајте предолго – може да резултира со високи температури, кои уништуваат бројни хранливи состојки.