Уживањето во вкусно приготвената скара, сладоледот и другите типично летни специјалитети може многу често да биде расипано поради високите летни температури. Станува збор за труења со храна кои може да се појават во кој било период од годината, но, несомнено, ризиците за појава се зголемуваат токму во летните месеци.
Што доведува до расипување на храната?
Една од причините се временските услови. Високите температури и влажноста во летниот период овозможуваат забрзан раст и развој на бактериите во самата храна.
Друга причина е и зголемената активност на луѓето. На лето, многу почесто се готви надвор, се оди на пикник или се кампува. Со тоа, кујнските и хигиенските критериуми (фрижидерот, термостатот за контролирање на готвењето, машината за миење садови) се на пониско ниво.
Најчести се труењата од салмонела, стафилококи и ешерихија. Како примарни намирници кои се најзаслужни за „расипување на стомакот“ се месото, млечните производи и јајцата. Но, опасните микроорганизми може да се кријат и во свежото овошје и зеленчук доколку не ги чуваме и не ги миеме на правилен начин.
Знаци и симптоми на труење со храна
Симптомите кои ни укажуваат дека станува збор за труење со храна може да се појават во рок од неколку часа, па сèдо неколку дена по јадењето на контаминираната храна. Како едни од главните симптоми се појавуваат:
- повраќање
- дијареја
- грчеви или болка во абдоминалниот дел
- недостаток на енергија или слабост
- губење апетит
- висока температура
- болка во мускулите
Што да преземете во случаи на труење со храна?
Најчесто, повеќето луѓе кои се соочуваат со труење во полесна форма, закрепнуваат дома. Основно е да одморате и да пиете доволно течности со цел да се избегне дехидрација. Консумирајте лесни оброци (незачинета храна, ориз, банани, и сл.) сèдодека не се почувствувате подобро. Вода, солени супи или чај, особено од камилица или од шипка, ќе го смират желудникот и ќе го снабдат со течности и со изгубените електролити и минерали. Двопекот и оризот се добар избор за иритиран желудник по повраќање.
Сепак, најдобро е да се обратите на лекар доколку:
- се соочувате со тешки симптоми, како, на пример, постојано повраќање и дијареја;
- симптомите не исчезнуваат и по неколку дена откако сте ги забележале;
- имате симптоми кои укажуваат на посериозна дехидрираност (брзо срцебиење, мало количество урина при мокрење или неможност за мокрење, состојба на конфузија итн);
- сте бремени;
- имате повеќе од 60 години;
- страдате од дијабетес, бубрежна болест или срцева болест;
- имате слаб имунитет.
Како да се заштитите и на што да обрнете внимание:
- Кога купувате намирници, пред сè,оние кои се лесно расипливи, проверете дали условите на чување се соодветни со барањата наведени на самата амбалажа;
- Не купувајте производи со оштетена амбалажа;
- Доколку времето надвор е премногу топло, водете сметка купената храна што побргу да ја транспортирате до вашиот дом. Не оставајте ја храната во вашиот автомобил подолго од половина час;
- Подготвената храна веднаш ставете ја во ладилник;
- Обратете внимание на рокот на траење на храната, а посебно на намирниците на кои е истакнат податокот за саканата температура на која треба да се чуваат;
- Кога температурата е над 32 °C, не чувајте ја храната подолго од половина час надвор од фрижидер;
- Месото и другите замрзнати намирници секогаш одмрзнувајте ги во фрижидер, а не на собна температура;
- Покрај чувањето на намирниците на несоодветна температура, ризикот од труење со храна се зголемува и при неправилна подготовка, пред сè, недоволна термичка обработка;
- Ако не е добро измиено, и свежото овошје и зеленчук може да бидат извор на бактерии и паразити. Најголем извор е лиснатиот зеленчук, пред сè,спанаќот и зелената салата;
- За да се заштитите од опасните причинители на труење, овошјето и зеленчукот добро измијте ги под млаз ладна вода, а потоа исушете ги со чиста памучна или хартиена крпа за да се отстранат бактериите. Храната треба да се мие и пред лупење, за да не се пренесат нечистотијата и бактериите од лушпата на ножот;
- Отстранете ги сите намирници кои се со сомнителен изглед и мирис, кои имаат траги од удар или исеченица бидејќи тоа е идеално место за населување на бактерии;
- Не подгревајте ја храната повеќе пати;
- Еднаш одмрзнатата храна не замрзнувајте ја повторно;
- Не пијте отстоена вода;
- Редовно мијте ги рацете, а особено ако претходно сте биле во допир со живо месо или јајца;
- Избегнувајте ја брзата храна на лето. Избегнувајте ја консумацијата на слатки, мајонез, месо и јајца во местата за јадење, каде што не сте сигурни дали храната е свежо приготвена