Ѓорѓи Нешкоски – интервју

Ѓорѓи Нешкоски – интервју

Да си признаеме, убаво е кога час или два ве анимира актер што ем знае да глуми ем е убав. Иако тој вели дека убавината повеќе го кочи во работата, ние тврдиме дека часот сѐ уште не е дојден кога овој наш актер ќе нѐ разнежни со некоја филмска љубовна приказна. Сѐ уште ни е свежа неговата улога во ТВ серијата „Инсајдер,“во која го толкуваше ликот на новинарот Александар. Публиката во Тетово и онаа во неговиот роден Гостивар, редовно уживаше во неговите театарски претстави. А денес? Денес сите се молиме што поскоро да се дружиме со него, сеедно дали сместени во удобните фотелји или на театарските столчиња!

Како ги поминувате карантинските денови? Кога сѐ ќе соберете, кои се негативните аспекти што лично ги почувствувавте, а кои се позитивните?
Во суштина многу лошо, бидејќи јас сум човек на кој слободата му е исклучително важна. Токму затоа ја одбрав оваа професија. Не можам да кажам дека не ми беше непријатно, но имав доволно време да се посветам на себеси (нешто за кое немав време во нормални услови), се посветив на домот и на семејството и имав доволно време да размислам убаво во која насока ќе ги развивам идните проекти за кои се надевам набрзо ќе се реализираат.
Покрај стандардната литература поврзана со мојата професија која ја истражував и во која барав инспирација за идните проекти, имав и доволно време за откривање нови вештини за кои претходно сум немал многу време да ги откријам. Барајќи ја онаа секојдневна слобода која ми недостасуваше, ја пронајдов слободата во себеси.
Во секој случај, верувам дека моето секојдневие не беше различно од на другите, со оглед на тоа дека оваа пандемија нѐ погоди сите во исто време и во иста форма.

„Верувам дека театарот ќе ја преживее и оваа битка, постои исто колку и човештвото, зошто би изгубил сега?“

Велат и трудот кој не вложил со плод не е толку страшен колку што е страшна стагнацијата. Колку ќе ја чини оваа стагнација драмската уметност? 
Се согласувам дека стагнацијата е страшна, а токму со таква стагнација се соочуваме сите во нашата фела. Малку сум вчудоневиден од фактот што додека траат сите предлози, пресови, носење одлуки, кој, што и како понатака, речиси никаде не слушнав што со театрите? Што со оние институции кои имаат изведувачки уметности? Често се прашувам: ако во маркетите и рестораните можат да седат луѓе придржувајќи се до пропишаните протоколи, зошто да не можат да доаѓаат во театрите? И секогаш доаѓам до одговорот дека можат, но сѐ уште не сме дојдени на дневен ред, бидејќи кому му е важна културата кога се бориме со епидемија? Таа ни е важна нам, уметниците, но и на љубителите на театарот. Се надевам дека надлежните институции ќе преземат побрзи мерки за оваа тема побрзо да се реши. Гледаме примери како останатите држави наоѓаат решение, на пример во Берлин столчињата се редуцирани до минимум, да нема голем број луѓе внатре, но претставите можат да се изведуваат. Колку и да изгледа тажно, сепак подобро е да се игра пред помалку публика отколку воопшто да не се игра. Верувам дека театарот ќе ја преживее и оваа битка, постои исто колку и човештвото, зошто би изгубил сега? Да се надеваме на подобрување на ситуацијата, па што поскоро се гледаме во театрите.

Дали љубовта на актерот е иста во однос на театарот и филмот? 
Љубовта да, апсолутно. Но, разликата, поголема. Чувството на сцена за мене е назаменливо, бидејќи моментот е сега и овде. Снимањата се еден друг свет, би рекол многу побогат и покомплициран. За мене сѐ уште театарот е и ќе биде магија број еден.

„Се надевам дека новата атмосфера ќе донесе поголеми успеси, потајно цврсто верувам во тоа, затоа што во историјата на уметноста едни од најголемите дела се создале токму после големи катастрофи и епидемии како оваа.“

Ако лекарите се грижат за пациентите, актерите би рекле дека се грижат за здравата психа на останатите. Сметате ли дека ваквата атмосфера ќе влијае во иднина да се снимаат уште повеќе филмови, особено ТВ серии, бидејќи изгледавме сѐ што имаше да се гледа?
Убава е паралелата и ја слушам многу често од нашата публика која е навлечена на театар. Посебно сега, после оваа криза кога и психата на сите е „повредена“ уште повеќе. Посакувам да се снимаат повеќе работи од домашна продукција, но за жал тоа не е така. Треба повеќе да се инвестира во домашната продукција, веќе не сакам да споменувам за оние серии и цел тој увезен шлајм.Ги увезуваме 30 години, плаќаме милиони преку телевизиите, а еден ниско буџетен документарен филм нѐ однесе на Оскар. Доволна причина за поголема поддршка на домашните продукции. Се надевам дека новата атмосфера ќе донесе поголеми успеси, потајно цврсто верувам во тоа, затоа што во историјата на уметноста едни од најголемите дела се создале токму после големи катастрофи и епидемии како оваа.

Што следно можеме да очекуваме од вас? Последно ве видовме во „Преспав“ и си помисливме: „Колку убаво би изгледал овој актер во класична љубовна приказна…“ зошто не се снимаат кај нас такви секојдневни сценарија, сведени на емоции, чија порака ја разбираме на прво гледање?
Интересно, ова не сум го слушнал сѐ уште од режисер или сценарист…не знам, веројатно поради тоа што ниту на сценаристите, а ниту пак на режисерите, такви сценарија не им се интересни или не сакаат да ги работат, за разлика од соседите кои точно знаат да проценат добро сценарио и приказна, особено кога станува збор за филмовите, па неретко во истите се јавуваат наши актери, кои тука ретко кога може да се видат на филм. Немам друго објаснување. Инаку, очекувајте 2 претстави: едната е во гостиварскиот театар – „Полковникот птица“ во режија на Андреј Цветановски, за мене многу убава и драга улога; другата е во матичниот театар во Тетово – „Празен град“ на Дуковски, во режија на Срѓан Јанаќијевиќ – кои се прекинаа заради ситуацијата. Едвај чекам да се вратам и да продолжиме со работа. Не се сеќавам толку да ми фалел театарот како сега. Имав и договорени снимања во странство кои се одложија за подобри времиња. Вашата констатација за љубовните филмски приказни, можеби после интервјуво ќе ја препознае некој од режисерите и сценаристите, па конечно ќе дојдат моите 5 минути да блеснам во некоја љубовна приказна.

„Еден ниско буџетен, но квалитетен документарен филм нѐ однесе на Оскар – доволна причина за поголема поддршка на домашните продукции.“
Дали убавината е предност во оваа професија или, напротив, ги отежнува работите? 
Во мојот случај ја отежнува работата. Сум почувствувал на своја кожа и тоа во неколку прилики. Првиот пат, кога тоа ми се случи, бев студент или тазе завршен дипломец на ФДУ, не можев да поверувам дека тоа го слушнав, истото ми звучеше како навреда. Има еден пример на наш актер, сега покоен, еден од најдобрите актери во државава, на кому му е кажано дека никогаш нема да заигра на филм поради тоа што е многу убав, без оглед на тоа што бил еден од најдобрите што некогаш постоеле на овие простори. Има случаи кога убавината е предност, кога се работи за проекти кои имаат маркетинг цел во себе, но генерално сметам дека сме поднебје каде тоа не држи цена. На крајот, сѐ се сведува на тоа: убав или помалку убав, не значи добар или лош актер.

„Работам со деца кои во својата срж ја носат уметноста, а тие деца се секогаш исклучителни, посебни и различни од мнозинството.“

На кој начин водите грижа за својот изглед, се храните здраво, спортувате, консумирате суплементи? 
Гледам секогаш да бидам активен, иако не секогаш поради обврските имам време да се посветам на спортувањето. Пешачењето, кошарката и вежбањето дома, многу ми помагаат да ја задржам кондицијата, добрата форма, но и здравјето. Јас сум личност која не верува во хемиски суплементи, сметам дека природата доволно ни дала. Секогаш настојувам да се хранам здраво, а особено уживам во домашно зготвена храна. Не сум љубител на брзата храна, но признавам уживам во скара и пиво. Здравјето секогаш треба да ни биде приоритет, физичката активност и здравата храна се нешто на кое мора да се внимава. Во периодите кога сум оптоварен со обврски и проекти, гледам повеќе да внимавам на квалитетниот сон, да внесувам повеќе витамини од обично, а секогаш кога имам пауза помеѓу пробите, практикувам да пешачам барем 30-тина минути.
                                                                                                                 
Колку ви годи тоа што ве препознаваат на улица, свесни ли сте дека многу девојки ве посакуваат? Но, што вие посакувате за себе?
Зарем постои маж на кому не му годи внимание? Сметам дека секој период од животот носи различни потреби и желби. Во моментов она што го посакувам е што поскоро да заврши ова лудило и да се вратам на нормалното секојдневие.

Работите и со деца, а денес децата не се исти како порано. Дали можете да заклучите кои вредности се изгубени кај нив и на што треба родителите да посветат внимание?
Точно, во театарот „Дунек“ работам со деца на возраст од 8 до 18 години. Со оглед на тоа дека работам со помал број на деца, чија љубов е театарот и кои се исклучително талентирани и посветени на тоа што го прават, можам да кажам дека во мојот случај станува збор за деца кои се неверојатно напредни и интелигентни за своите години. Не мислам дека новите генерации имаат изгубени вредности, туку едноставно имаат револуционерен напредок за разлика од нас. Сепак не можам да генерализирам, бидејќи работам со деца кои во својата срж ја носат уметноста, а тие деца се секогаш исклучителни, посебни и различни од мнозинството.

Зошто го сакате Гостивар, а зошто Скопје? Каде би живееле во иднина? 
Ја сакам динамиката и енергијата на Скопје, додека во Гостивар го наоѓам својот мир. Не можам да кажам каде би живеел во иднина, бидејќи динамиката на мојата работа прави постојано да сум на релација Скопје, Тетово, Гостивар. Сметам дека секое место си носи своја убавина и посебност, па сѐ зависи од моментот и околностите.

·       Дипломирал на Факултетот за драмски уметности во Скопје, како единствен Гостиварец од својата генерација
·       Роден е во Гостивар во февруари, во знакот на Водолија
·       Покрај рекламните кампањи, Ѓорѓи ѝ стана познат на пошироката јавност преку ТВ серијата „Инсајдер“
·       Вработен е во Тетовскиот театар, но глуми и во Гостиварскиот, а приватно ја води својата актерска школа „Дунек“
·       Со епизодна улога беше дел од познатата холивудска ТВ серија „12-те мајмуни“
·       Играше и во руската ТВ серија „Кум“
·       Љубовта кон актерството ја спознал во Домот за култура во Гостивар, каде работи неговиот татко како режисер и актер аматер