Спортски активни луѓе во 40-тите па нагоре се вистинска реткост. Во добата кога луѓето ги стасува сериозен умор, но и природно забавување на целиот организам, сосем логично е што спласнува и желбата за вежбање.
Колку понапорен е типот на тренингот, толку помал е интересот. Прошетка, јога, благи вежби за истегнување се на врвот на листата практикувани спортски активности на +40 популацијата. Истото не важи и за кардиоваскуларниот тренинг, иако тој е најбитен за нивното здравје.
Што претставува кардиоваскуларниот тренинг?
Кардиоваскуларен тренинг се аеробни вежби што ја подобруваат способноста на срцето и белите дробови да ги снабдуваат мускулите со крв богата со кислород. Истовремено, овој тип вежби ја подобруваат способноста на мускулите да го користат овој кислород за да обезбедат соодветна енергија за движење.
Кои активности спаѓаат во еден кардиоваскуларен тренинг?
Аеробни вежби се сите оние вежби кои подразбираат некаков вид ритмичка, континуирана активност која вклучува истовремена употреба на повеќе мускулни групи. Аеробните вежби се сериозен предизвик за срцето и белите дробови, бидејќи ги поттикнуваат да работат многу понапорно. Конкретно, тука спаѓаат вежбите како:
- трчање или џогирање
- брзо одење
- пливање
- возење велосипед
- аеробик танц
- крос-кантри скијање
Зошто кардиоваскуларните вежби се важни за здравјето?
Самата дефиниција на овој тип вежбање го дава одговорот: која било активност што ќе ги снабди мускулите со кислород и ќе го поткрене нивото на енергија правејќи го целокупниот организам пофункционален и поефикасен, е повеќе од потребна за здравјето.
Науката открила конкретни бенефити од кардиовежбите:
Истражувањата покажуваат дека луѓето кои имаат високо ниво на аеробни активности имаат највисока стапка на долговечност, и помал ризик од кардиоваскуларни и белодробни заболувања.
Студијата спроведена во „Лабораторијата за истражување на физичката кондиција“ на Универзитетот во Илиноис покажа дека аеробните вежби имаат позитивен ефект врз имунолошката функција на постарите лица.
Аеробните вежби се најефикасни кога станува збор за согорување на калориите и намалување на телесната тежина. Само половина час кардио во денот поттикнува согорување на повеќе од половина калории. Телото продолжува да согорува калории и два часа после кардиотренингот.
Генерално, луѓето со високо ниво на кардиоваскуларна кондиција имаат понизок крвен притисок, ниски нивоа на ЛДЛ (или лош холестерол) и високи нивоа на ХДЛ (или добар холестерол). Исто така, овие луѓе се поиздржливи, поенергични и позитивни, бидејќи ендорфините кои се лачат при аеробните вежби го подобруваат расположението. Во повеќето случаи, луѓето кои редовно практикуваат кардио имаат стабилен и мирен пулс – состојба што се пресликува на карактерот и реакцијата на стрес.