Кроновата болест претставува вид воспалително заболување на цревата (IBD), кое предизвикува оток и воспаление во дигестивниот тракт. Според глобалните процени, повеќе од 6,8 милиони луѓе ширум светот живеат со воспалителни заболувања на црева (IBD), кои вклучуваат Кронова болест и улцеративен колитис.
Кроновата болест е доживотна состојба и симптомите може значително да го нарушат секојдневието. Иако засега нема лек за трајно отстранување на болеста, постојат ефикасни третмани кои можат да помогнат во контролирањето на симптомите.
Што е Кронова болест?
Кроновата болест е вид воспалително заболување на цревата (IBD). Кај оваа состојба, имунолошкиот систем погрешно го напаѓа сопствениот организам, предизвикувајќи воспаление и болни чиреви во дигестивниот тракт.
Други форми на IBD се улцеративниот колитис и микроскопскиот колитис. Иако овие заболувања се слични, тие се разликуваат по местото каде што се јавува воспалението. Кај колитисот, воспалението е ограничено на дебелото црево и анусот, додека Кроновата болест може да зафати кој било дел од дигестивниот тракт – од устата до анусот.
Кроновата болест се разликува и од синдромот на иритабилно црево (IBS), кој е функционално а не автоимуно нарушување, и не предизвикува трајни оштетувања на дигестивниот систем.
Типот на Кронова болест зависи од тоа кој дел од цревата е засегнат. Најчесто заболува последниот дел од тенкото црево и/или дебелото црево и анусот.
Кои се симптомите на Кронова болест?
Секој пациент може да има различни симптоми, зависно од погодениот дел од дигестивниот тракт.
Често има периоди на добро здравје – ремисија – и периоди на влошување кога симптомите се поинтензивни. Понекогаш може да се чувствувате одлично со малку или без симптоми, а во други периоди болеста може да биде потешка за контрола.
Најчести симптоми се:
- Силна абдоминална болка, чија локација зависи од засегнатиот дел на цревата.
- Дијареа што може да содржи гној, слуз или крв. Можно е и чувство на итна потреба за одење во тоалет.
- Анемија. Недостатокот на железо доведува до анемија, бидејќи телото нема доволно црвени крвни клетки за пренос на кислород. Ризикот расте при губење крв, недоволно внесување на железо или слаба апсорпција на хранливи материи.
- Губење апетит и тежина. Воспалението ја намалува апсорпцијата на хранливи материи.
- Екстремен замор што може да се јави поради самата болест, слабокрвност, несоница или губење тежина.
- Општо чувство на слабост, висока температура или треска.
Иако Кроновата болест е заболување на цревата, хроничното воспаление може да предизвика и други компликации.
Според Crohn’s & Colitis UK, околу половина од пациентите развиваат воспаление на очите, зглобовите или кожата. Други можни проблеми се опаѓање на косата, жолчни и бубрежни камења, како и фистули.
Кроновата болест и менталното здравје
Кога се живее со хронично заболување, честопати фокусот е само на физичките симптоми, но Кроновата болест може да влијае и на менталното и на емоционалното здравје.
Истражувањата покажуваат значајна поврзаност помеѓу IBD и нарушувањата на менталното здравје. Лицата со Кронова болест имаат двојно поголема веројатност да развијат проблем на ментално ниво.
Редовната болка, заморот и непредвидливите потреби за во тоалет можат да бидат вознемирувачки. Некои пациенти имаат нарушен сон, намалено расположение, страв да го напуштат домот поради потенцијални незгоди. А бидејќи симптомите често не се видливи, многу луѓе ги потценуваат своите потешкотии.
Дијагнозата често може да биде шок, особено кај луѓе кои претходно немале гастроинтестинални проблеми.
Стручњаците сѐ повеќе истакнуваат дека врската меѓу менталното здравје и IBD е двонасочна. Се смета дека лошото ментално здравје може да го зголеми ризикот од нови воспаленија. Тоа се објаснува преку т.н. оска стомак – мозок, што ја опишува комуникацијата помеѓу цревата и централниот нервен систем.
Кроновата болест и ризикот од рак на дебелото црево
Во одредени случаи, Кроновата болест може да го зголеми ризикот од развој на карцином на дебелото црево, иако тој ризик е релативно мал.
Ризикот се зголемува ако болеста зафатила делови од дебелото црево повеќе од 8–10 години или ако постојат стриктури (стеснувања на цревниот тракт).
Доколку имате зголемен ризик, редовно ќе добивате препораки за колоноскопија. Добрата контрола на симптомите исто така помага да се намалат долгорочните ризици.
Кои се причините за Кронова болест?
Кроновата болест се јавува поради променет имунолошки одговор. Наместо да ги напаѓа штетните микроорганизми, имуниот систем почнува да го напаѓа сопствениот дигестивен тракт.
Точните причини не се целосно познати, но се смета дека улога имаат:
- генетски фактори – идентификувани се над 200 варијанти на гени кои го зголемуваат ризикот;
- промени во микробиомот – недостаток од добри бактерии;
- нарушена бариерна функција на цревата;
- надворешни фактори, како стрес, пушење и одредени лекови.
Иако овие фактори можат да влијаат, нема докази дека човекот може да ја спречи болеста.

Како се дијагностицира Кронова болест?
Доколку имате необјасниви проблеми со варењето или сомнеж за Кронова болест, важно е да се обратите кај матичниот лекар.
Бидејќи симптомите се слични на други болести на цревата, потребни се различни тестови. Лекарот може да земе примерок од столица за исклучување на инфекција (на пример, гастроентеритис). Исто така, ќе направи физички преглед и ќе ја испита чувствителноста на стомакот.
Ако постои сомнеж за IBD, ќе ве упатат кај специјалист, кој може да препорача:
- Компјутерска томографија или рентген;
- колоноскопија или сигмоидоскопија;
- земање примерок од ткиво (биопсија).
Кои се опциите за третман?
Откако ќе биде поставена дијагнозата, пациентите ги следи специјалист кој обезбедува поддршка при влошување на симптомите, дава совети за исхрана, ја објаснува терапијата и сл. Иако нема лек, третманите помагаат да се намалат или контролираат симптомите. Видот на третманот зависи од тежината на болеста и од засегнатиот дел од цревата.
Терапијата може да вклучува:
1. Медикаментозен третман
Најчесто се користат:
- кортикостероиди;
- имуносупресиви;
- специјални течни формули богати со хранливи материи.
Доколку симптомите не се подобрат, можно е да се препишат биолошки лекови.
2. Хирургија
Се препорачува ако лековите не делуваат, квалитетот на живот е значително нарушен или има компликации.
Најчестата операција е ресекција – отстранување на воспалениот дел од цревата и поврзување на здравите делови.
Некои пациенти привремено добиваат илеостома, со стома кесичка, за цревата да заздрават, по што повторно се спојуваат.
3 совети за полесно живеење со Кронова болест
1. Грижете се за менталното здравје
Дијагнозата може да биде тежок товар. Нормално е да чувствувате анксиозност, тага или несигурност. Дајте си време да ги обработите емоциите и побарајте поддршка кога ви е потребна.
2. Откријте што функционира за вас
Секој пациент е различен. Некои забележуваат дека исхраната или стресот влијаат на симптомите, други не. Некои добиваат корист од јога, медитација, акупунктура или пробиотици. Водење дневник на симптоми може да ви помогне да ги препознаете вашите поттикнувачи.
3. Изградете мрежа на поддршка
Многу пациенти се двоумат да зборуваат за болеста, но разговорот со блиски луѓе многу олеснува, додека групите за поддршка со пациенти засегнати од самата болест се вистинско олеснување за безброј дилеми што ќе се јават.
