Замастениот црн дроб, познат како хепатална стеатоза, претставува состојба при која во клетките на црниот дроб се натрупуваат масни наслаги (главно триглицериди). Кога маснотиите сочинуваат повеќе од 5 % од тежината на црниот дроб, се поставува дијагноза на стеатоза. Во последните децении, оваа состојба бележи значителен пораст и се смета за една од најчестите хронични заболувања на црниот дроб во светот.
Во медицинската литература се користи терминот метаболно-асоцирана масна болест на црниот дроб (МАFLD), кој ја нагласува тесната поврзаност со метаболниот синдром, дебелината, инсулинската резистенција и дијабетес тип 2.
Како настанува?
Основниот механизам е нарушена рамнотежа меѓу внесот, синтезата и разградувањето на масните киселини во хепатоцитите (клетките на црниот дроб). Инсулинската резистенција игра клучна улога: кога клетките стануваат помалку чувствителни на инсулин, се зголемува ослободувањето на масни киселини од масното ткиво и нивното натрупување во црниот дроб.
Дополнителни фактори на ризик се:
- дебелина, особено абдоминална
- дијабетес тип 2
- покачени триглицериди
- хипертензија
- седентарен начин на живот
- генетска предиспозиција
Важно е да се нагласи дека замастениот црн дроб може да се појави и кај лица со нормална телесна тежина, особено доколку постои метаболна дисфункција.
Симптоми – зошто се нарекува „тивка“ болест?
Во најголем број случаи, состојбата е асимптоматска. Пациентите често немаат никакви тегоби, а промените се откриваат случајно, при рутински лабораториски анализи или абдоминален ултразвук.
Кога постојат симптоми, тие се неспецифични:
- чувство на тежина или притисок под десниот ребрен лак
- лесен замор
- надуеност
Токму поради отсуството на јасни симптоми, болеста може да напредува незабележано.
Од стеатоза до цироза
Едноставната стеатоза може да премине во воспалителна форма – стеатохепатитис, состојба која подразбира оштетување на хепатоцитите и воспаление. Со тек на време, хроничното воспаление може да доведе до фиброза (создавање сврзно ткиво), а во напреднати случаи и до цироза на црниот дроб.
Цирозата претставува сериозна, потенцијално животозагрозувачка состојба и значително го зголемува ризикот за развој на хепатоцелуларен карцином.
Како се поставува дијагнозата?
Најчесто, прв индикатор се покачени вредности на ензимите на црниот дроб (ALT, AST). Сепак, вредностите може да бидат и нормални, што не ја исклучува болеста.
Ултразвучниот преглед е најчеста дијагностичка метода. Во одредени случаи се користат и дополнителни методи како еластографија или магнетна резонанца за проценка на фиброза.
Лабораториската проценка на липиден профил, гликемија и HbA1c е важна за утврдување на придружните метаболни нарушувања.
Терапија и превенција
Во моментот не постои специфична фармаколошка терапија одобрена исклучиво за замастен црн дроб. Основата на третманот е промена на животниот стил.
Научните податоци покажуваат дека намалување на телесната тежина за 7–10 % може значително да ги намали масната инфилтрација и воспалението. Се препорачува:
- балансирана исхрана со намалено внесување на преработени јаглехидрати и заситени масти
- редовна физичка активност (најмалку 150 минути неделно умерено интензивно движење)
- контрола на шеќерот и липидите
- ограничување на алкохол
Раното откривање и интервенција се клучни, бидејќи во почетните фази состојбата е реверзибилна.
Замастениот црн дроб не е само „бенигна“ наслага на масти, туку системска метаболна болест што може да има сериозни последици доколку не се третира навреме. Со оглед на неговата тивка природа, редовните превентивни прегледи и свесноста за ризик-факторите се од суштинско значење.
