АЈДУЧКА ТРЕВА 

АЈДУЧКА ТРЕВА 
Расте секаде, покрај патиштата, полјаните и пределите со континентална клима. Таа има бели цветови кои цветаат од јуни до август. Стеблото има светлозелена или црвено-кафеава боја, многу тенки перјести ливчиња и има прекрасна миризба. Лековит дел од растението се цветовите и горниот дел од билката. Се бере за време на цветањето, а лисјата се берат до есен.

Ајдучката трева е позната одамна и уште оттогаш биле познати нејзините лековити дејства. Таа е добро позната меѓу треварите и луѓето кои се занимаваат со алтернативен начин на лекување. Латинскиот назив на билката, Achillea millefolium, доаѓа од една легенда за Ахил кој во моментот на освојување на Троја бил погоден со отровна стрела, а по совет од  прекрасната Афродита, Ахил ја употребил оваа билка за лекување на раната и за намалување на болките.

Кај нас се нарекува ајдучка трева затоа што некогашните ајдуци ја употребувале за лекување на своите рани

Состав:
Надземниот дел од растението содржи 1% етерични масла, флавоноиди, витамин К, горчливи материи, ахилеин, смоли, стерили, танини и друго. Етеричното масло се добива со дестилација, а содржи пинен, тујон, камфор, лимонен, борнеол.

Употреба
Освен во народната медицина, ајдучката трева наоѓа значајна примена и во современата медицина. Најчесто се употребува кај желудочно-цревните заболувања, при грозница, зголемен крвен притисок, како средство за сопирање на крвавењето, и при мозочни и срцеви тромбози. 

За чајот
Чајот од ајдучка трева се употребува против главоболки и несоници, нагони за повраќање, кај болести кои се придружени со секрет и солзење на очите, при крвавења од носот. Се употребува при напад од мигрена, како последица на чувствителност на промена на времето и појава на топол ветер. Со редовна консумација на чајот, кој се пие во голтки, што е можно потопол, нападите и интензитетот на мигренозните болки може значително да се намалат. Во форма на чај, се употребува и за подобрување на апетитот. Со својот горчлив вкус, делува на слузницата на желудникот,  при што се поттикнува лачењето на желудочен сок, се подобрува апетитот, се намалуваат желудочните тегоби, надуеноста и тешкото варење.

Ајдучката трева има големо количество витамин Ц, и се употребува и при крвавења и хемороиди.Пиењето чај од ајдучка трева помага за јакнење на крвта, за лекување на црниот дроб, панкерасот, слезината, жолчката, навали на крв во главата, тахикардија, болки во коските и грбот, нередовна менструација, крвави хемороиди, разни исипи, чиреви и сл. 

Широка надворешна примена
Надворешно се употребува за испирање, како купка и за облоги. Се покажало дека има позитивно дејство при лекување на испукани раце, рани на брадавиците кај мајките кои ги дојат своите деца, а се употребува и при лекување на псоријаза. При псоријаза, покрај облоги од чај од ајдучка трева, дополнително се консумира и чајот од ајдучка трева.Официјалната медицина докажала дека екстрактот од листот на ајдучката трева го забавува развојот на патогените бактерии. Делува моќно и е одлична за смирување на нервниот систем во состојба на психичко растројство. Болките предизвикани од воспаление на јајниците, често престануваат по првата купка, а воспалението полека се смирува. Купките се успешни и кај мокрење во кревет кај децата и кај постарите лица. Ајдучката трева може да предизвика алергија. Па, поради тоа, лицата кои се чувствителни на неа треба да ги користат само младите, тукушто набрани билки, и чајот да го пијат во мали количества.

Подготовка на чај од ајдучка трева:
Една полна кафена лажица да се прелива со четвртина литар врела вода и се остава десетина минути. Се  процедува и се пие најдобро засладен со мед. Се препорачува чајот да се пие топол.

Подготовка на купка од ајдучка трева:
100 грама ајдучка трева, се остава преку ноќ во ладна вода. Наредниот ден, екстрактот се затоплува до вриење, а потоа се додава во водата за бањање.